
- Странското мешање и манипулирање со информациите (СММИ) во поново време стана прашање кои ги загрижува поголемиот дел држави и барањето одговор за тоа стана дел од највисоката безбедносно-политичка агенда на владите.
- Македонското политичко милје кое е сложено и поларизирано по две основи, поради своите специфики е подложно на такви појави.
- За самостојноста на политиките на албанските партии односно дали нивните чести гостувања во Приштина и Тирана значат дека Косово и Албанија „мешаат прсти“ во политиката во Македонија, постојано се шпекулира низ овдешните политички кулоари.
- Далечната 2001 година сите ја памтиме како пресвртница во историјата на Македонија, а меѓуетничкиот конфликт покрај својата темна страна, изнесе на виделина и колку нашата држава е зависна од големите и успешни демократии.
„Во просториите на Aмериканската амбасада во Скопје, претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, одржа заедничка работна средба со заменик-амбасадорот на САД во Скопје, Микаела Швајцер Блум и амбасадорот на Европската унија во Македонија, Самуел Жбогар, при што разговараа околу понатамошното развивање во однос на формирањето на новата реформска влада“.
Оваа вест е од мај 2017 година кога се наѕираше крајот на превирањата за составот на новата влада и крајот на дилемата кон кого ќе се приклони ДУИ – кон ВМРО-ДПМНЕ или кон СДСМ. На крајот на веста имаше и дополнителна информација дека „Ахмети истакнал дека во 16 години негови активности во ДУИ, никогаш немало разочарување во пријателските и добронамерните ставови на меѓународната заедница, и затоа и побарал помош од страна на САД и ЕУ“.
Албанските партии во земјава никогаш и не криеја дека за своите ставови често се консултираат со странски фактори. Некогаш тоа се амбасадите на САД и ЕУ а некогаш се нивните сестрински партии во Тирана и Приштина.
Па, дали тоа создава услови за странски влијанија во нашата држава со оглед дека настапите на овие партии понекогаш може да се инспирирани од средбите со личности кои не се од земјава?
Сефер Тахири, аналитичар и професор на Штуловиот универзитет во Скопје вели дека влијанието низ годините од меѓународната заедница или од регионалната албанска политика беше повеќе со цел да се зацврсти и да се унапредува статусот на Албанците. „Мислам дека ништо посебно не се случуваше“, оценува тој.
„Од ’90-тите години наваму, од формирањето на првата политичка партија на Албанците – Партијата за демократски просперитет, ние имаме континуирана политичка соработка со албанскиот фактор. Мислам дека тоа е веќе познато, нормално, природно е Албанците од тука да соработуваат со Албанците во регионот, бидејќи тоа го прават и другите народи. Тоа го прават Србите, можеби го прават и Хрватите, а другите народи помалку заради политичката и географската конфигурација“, вели Тахири.

Далечната 2001 година сите ја паметиме како пресвртница во историјата на Македонија, а меѓуетничкиот конфликт покрај својата темна страна, изнесе на виделина и колку нашата држава е зависна од големите и успешни демократии. Еден посебен настан го одбележа тој конфликт, а тоа беше евакуацијата на борците на ОНА од скопската приградска населба Арачиново од страна на НАТО и САД, што во очите на етничките Македонци го зацврсти впечатокот дека овдешните Албанци се миленици на САД. Овие толкувања на политиката што тогаш, а и подоцна се водеше во Македонија траат и денеска, а албанските партии ги подгреваат таквите перцепции нештедејќи комплименти за менторството што го добиваат од клучните европски центри и од Вашингтон.
Меѓутоа, колку во тоа има вистина, а колку е мит и копнеж да се биде во големи и влијателни друштва со цел да се зголеми сопствената важност во очите на електоратот во државава?

Сељадин Џезаири, новинар и политички посматрач кој е упатен во состојбите во албанскиот политички кампус вели дека е убеден оти политичките партии на овдешните Албанци имаат автентична политика чии главен столб е националната рамноправност на Албанците во земјата.
„Ако ги следите настаните од независноста на Македонија до денес, во албанскиот политички и партиски кампус не се појави ниедна сериозна партија во чија програма е, да речеме, спојување со Албанија или пак Косово“, подвлекува Џезаири.
Причината пак, според него, за консултациите со странски партии е друга.
„Сметам дека честите гостувања во странство, вклучувајќи ја и Тирана и Приштина, се резултат на односот на македонската власт кон проблемите со кои се соочуваат Албанците. Се сеќавате ли како се донесе првиот Устав на независна Македонија и како се однесуваше тогашната македонска политичка елита кон барањата на Албанците? Уште тогаш Абдурахман Алити, како член на Уставната комисија, го посочил штотуку донесениот Устав како генератор на кризата“, вели тој.
Оттука, додава Џезаири и нивното настојување да го алармираат странскиот фактор (САД и ЕУ, а и Албанија) за оправданоста на нивните политички барања со кои не се доведува во прашање граничната сувереност на нашата земја.
Ветриштата од Приштина
Странското мешање и манипулирање со информациите (СММИ) во поново време стана прашање кои ги загрижува поголемиот дел држави и барањето одговор за тоа стана дел од највисоката безбедносно-политичка агенда на владите. Македонското политичко милје кое е сложено и поларизирано по две основи, поради своите специфики е подложно на такви појави. Поларизираноста меѓу таканаречениот конзервативен блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ и либералниот блок предводен од СДСМ, од една страна, и поделбата од друга страна по етничка основа, ги исполнуваат сите услови од формулата за изложеност на странско мешање. Освен тоа, Македонија од осамостојувањето до денес претрпе значителна трансформација на уставната поставеност на државата и на легислативата, главно со цел да се унапредат правата статусот на етничките Албанци. Помошта во тие процеси доаѓаше од партнерите САД и ЕУ, а во случајот со партиите на Албанците работеа и телефонските линии и лични средби и со Приштина и Тирана.

По појавувањето на ДУИ како партија се чини дека дотогашните партии на Албанците во Македонија добија силна конкуренција. Тоа ја зголеми и раздвиженоста и врските со сојузничките амбасади за натамошните чекори особено по безбедносно-политичкиот земјотрес што го предизвика ДУИ во 2001, најпрво како воена формација а потоа и по прераснувањето во партија. Оттогаш наваму, развојот на партиите на Албанците се одвива по друга траекторија односно со зголемено менторство од пријателските амбасади во земјава кои не сакаа уште еден конфликт како и со јакнење на врските со албанските партии во регионов. Според некои аналитичари, дури, пред конфликтот имало засилено мешање од страна во внатрепартиските односи на албанските партии во земјава.
Колку тие односи беа испреплетени потенцира и нашиот соговорник Сефер Тахири. Тој потсетува на историските врски кои се засилија по осамостојувањето на Косово во 2008 година, но нагласува дека влијанието почнува од формирањето на Демократскиот сојуз на Косово во ’90 тите години кон Партијата за демократски просперитет во Македонија.
„Понатаму, се формираше политичка партија која што произлезе од воената формација на Косово. Тоа е Ослободителната војска на Косово и од таа формација се формира политичката партија Демократскиот сојуз на Косово. Тие беа во тесна соработка со Демократската партија на Албанците на Арбен Џафери. За јавноста можеби не е познато, Арбен Џафери е архитектот на формирањето на Демократска партија на Косово и мислам дека е еден од луѓето кој што ги поставуваше политичките правци, политичките линии на партијата на Хашим Тачи, Демократската партија на Косово“, вели Тахири.
Претставниците на Вреди често се среќааваат со косовските лидери (Извор: ФБ профил на Изет Меџити)
Понатаму од таа партија, по конфликтот 2001 во Македонија, како што посочува Тахири, се формираше Демократската унија за интеграција (ДУИ). Двете партии беа и сѐ уште се во тесна соработка. Но, присутни се и други релации во кои учествува и Вреди (ВЛЕН).
„Тоа што се случува со соработка на партијата Самоопределување со партиите од коалицијата Вреди е исто така дел од приказната. Има тесна соработка, влијанието на Албин Курти за формирањето на коалицијата Вреди беше клучно. Тој е патронот на формирањето на политичкото сојузништво Вреди и тие релации постојат. Исто така е познато дека Еди Рама, Социјалистичката партија на Албанија е во тесна соработка со ДУИ, односно имаат коректни релации. Тие релации не се на такво ниво со коалицијата Вреди и сето тоа е дел од политичкиот спектар што го имаме во регионот и мислам дека таа соработка се одвива врз некакви интереси кои што се принципиелни и мислам дека не се случува ништо спектакуларно во делот на тоа што го има да речеме страв од Тиранска платформа, дека ќе се создава Голема Албанија, етничка Албанија. Тоа не е во доменот на дејствувањето на Еди Рама и на политичките партии на Албанците тука, бидејќи ниту една од нив не артикулира идеи за федерализација или кантонизација на земјата. Сите се за зачувување на унитарноста на државата со Албанците рамноправен народ“, истакнува Тахири.
Ако денес ја прашате ВМРО-ДПМНЕ како се случи пресврт преку ноќ и ДУИ од нивен верен партнер кој даде изјава дека повторно ќе коалицира со нив по изборите во 2016, а потоа молскавично се сврте кон СДСМ поради што ВМРО-ДПМНЕ мораше да замине во опозиција, ќе одговорат дека тоа за тоа е виновна убедувачката мисија на САД и ЕУ. Такво уверување постои и во јавноста. Тоа беше тогаш големо изненадување со оглед на одличните односи меѓу Груевски и Ахмети. Но, настаните што уследија потоа целосно го свртеа курсот на земјата, ВМРО-ДПМНЕ по 11 години власт остана во опозиција а новата власт која дојде на чело со СДСМ го реши спорот со Грција, и ја внесе државата во НАТО. Историјата еден ден можеби ќе каже чие влијание било пресудно, но со оглед на цврстата решеност што ја покажа ДУИ за уште една коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а потоа се премисли, не укажуваат на природен процес.
„Свртувањето“ како што велите во 2017, од верен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, кон СДСМ е повеќе резултат на „учинокот“ на партијата на господин Груевски како на внатрешен, така и надворешен план, вели сепак Сељадин Џезаири.
„Не ја исклучувам улогата на ЕУ и Белата Куќа во сето ова, но настаните кои следеа со приемот во НАТО и деблокирањето на преговорите за полноправно членство во ЕУ, чинам дека ја оправдуваат одлуката на челникот на ДУИ, господин Ахмети, за новото владино кормило“, подвлекува тој.
На Ифтар кај Курти
За самостојноста на политиките на албанските партии односно дали нивните чести гостувања во Приштина и Тирана значат дека Косово и Албанија мешаат прсти во политиката во Македонија, постојано се шпекулира низ овдешните политички кулоари. Но, едно е да се шушка а друго е тоа и јавно да се каже. Лидерите на коалицијата Вреди која е дел од власта, на пример во март беа на ифтарска вечера кај косовскиот премиер Албин Курти. Случајно или не, визитата на Приштина се совпадна со периодот кога се појавија „пукнатините“ во Вреди кои подоцна резултираа со разделба со Арбен Таравари. Фактот што средбата се случи само четири дена по состанокот на лидерите на Вреди и острите тонови за иднината на коалицијата, остава простор за шпекулации дека отишле на советување со Курти.

Аналитичарот Љуљзим Фаризи го истакнува влијанието на косовскиот премиер при формирањето на Вреди, но причините за внатрешните превирања очигледно не можеле да се санираат ниту со интервенција од косовскиот собеседник.
„Кога се формираше ВЛЕН како коалиција тогаш се договориле, односно под влијание на премиерот Албин Курти, Арбен Таравари како поистакната личност кај сите етнички заедници во државата да биде кандидат за претседател на државата и тој ја прифати таа битка. Иако изгуби, имаше добар резултат. Тогаш се договориле четирите политички партии внатре тој да има 33 отсто. После тоа кога тој влегува во владата се прави промената секоја политичка партија да има колач од 25 отсто, значи четири политички партии по 25 отсто. И тука Арбен Таравари не се согласил“, вели Фаризи.
Соговорникот на Само прашај Сељадин Џезаири вели дека улогата на официјална Тирана, а во последно време и Приштина, не секогаш била „конструктивна“ за самите интереси на Албанците во Македонија.
„Кон средината на 90-те поради вмешаноста на Тирана дојде до расцепот на тогашната главна политичка партија на Албанците – ПДП, додека во новиот век ја имаме улогата на косовскиот премиер Албин Курти и на неговата партија во внесување раздор помеѓу политичките партии на Албанците. Нели, тогаш се роди ДПА, а сега Вреди. Од таквата улога од соседството и тогаш, а и сега ќарот оди во контото на македонските политички партии. Нивниот ригиден однос кон системската, поточно решено, уставна поставеност на Албанците во Северна Македонија, ценам дека и понатаму ќе ја одржи во живот дебатата за улогата, да не кажам вмешаноста, на странскиот фактор во нашите внатрешни превирања“, истакнува тој.
Самата ДУИ на пример, по одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ во 2024 да ги земе во власта, најави дека врши консултации со амбасадите за нивните следни потези. Лидерот Али Ахмети дури испрати и писма на повеќе странски адреси во кои предничеа лидерите од Косово и Албанија но и неколку европски лидери и американски лидери, за да ги извести како што рече дека е прекршен Охридскиот договор. Оттогаш не се смени нешто драматично во политиките на ДУИ, но остана уште еден печат за тоа дека бараа странска помош за внатрешни проблеми.
ДУИ во немилост
„ДУИ не се помируваше со тоа во 2024 години и праќаше писма до европските и до меѓународните центри кои тие во минатото ги сметаа како сојузници и пријатели, а секој граѓанин кој ќе ги видеше тие скандали и корупција кај нас и ќе ги спомнеше, се имаше впечаток дека странските служби заедно со ДУИ прават криминал во нашата држава. Така што, да, тоа што му ставија на ДУИ Х (пречкртан) за политичко дејствување во 2022 година се случи во 2024 и тоа беше одговор од странските центри за политичките партии да се помират и кога се во опозиција. Но тие не се помирија и нема никогаш да се помират, секогаш ќе се обидуваат да најдат канали за да се вратат во власта“, анализира Љуљзим Фаризи.
Како партија која имаше над две децении моќ како дел од власта на ДУИ денес како опозиција им се отвори фронт дома со Вреди и со ВМРО-ДПМНЕ со што им се намали влијанието кај меѓународната заедница и во регионот. Некогаш миленици на ВМРО-ДПМНЕ, потоа миленици на СДСМ, сега како да паднаа во немилост и кај двете водечки партии во македонскиот блок. Според посматрачите, ДУИ одигра позитивна улога кога во 2017 му сврте грб на Груевски, но не била пресудна вмешаноста на странски влијанија во таквиот епилог.
„Се создаде во тоа време атмосфера, впечаток, перцепција дека Груевски имаше тоталитарна власт. Односно, ние имавме безмалку диктатура или како што ја нарекувавме демократура. Мислам дека ако ДУИ во тоа време продолжеше со ВМРО-ДПМНЕ денес немаше да биде на политичката карта. Немаше да постои како силен политички фактор и мислам дека тие, нормално, дејствуваа и тој чекор го презедоа врз база на пулсот на јавноста. Влијанието на меѓународниот фактор во тоа време беше неспорно да се создаде коалиција која што би била во правец на развојот на демократијата во земјата и мислам дека имаше улога и албанскиот фактор“, смета Сефер Тахири.
Сите политички партии од осамостојувањето до денес имаат проблем со идентитетот, односно имаат проблем со нивното политичко дејствување во политиката во Македонија – е заедничката констатација на нашите соговорници. Тоа е од причина, како што заклучија, што сите партии се основаат врз основа на големи принципи напишани на хартија, а завршуваат за тесни лични интереси во владата.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Снимател: Наке Батев
Фотографии: Дарко Андоновски и Фб страници на политичари
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Поврзани стории:
На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете
Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации
Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани




