- Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции беше промовирана во 2018 година и беше замислена како начин на кој јавноста ќе добива информации за секојдневните трошења на функционерите и нивните кабинети.
- Ако се отвори страницата на Алатката сега, ќе се види дека повеќе од две години нема внесено ниту еден податок за ниту еден функционер.
- До сите институции до кои се обративме, од Владата преку Кабинетот на вицепремиерката за политики на добро владеење, МИОА и националниот координатор Поповски, не добивме одговор на нашите прашања зошто не фнкционира алатката за отчетност.
- Нашите соговорници, претседателката на ДКСК, Ивановска, Тасева од ТИ - Македонија и Филков од ЦГК се согласни дека транспарентност на институциите е во длабока стагнација.
- Клучниот проблем е што функционерите и институциите отчетноста ја дожуваат како наметната обрска наместо како дел од секојдневното работење.
Во 2018 година, тогашниот министер за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски ја промовираше Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Во одреден период, оваа алатка, која беше замислена како начин на кој јавноста ќе добива информации за секојдневните трошења на функционерите и нивните кабинети, беше функционална. Сè до 2021 година. Ако се отвори страницата на Алатката сега, последните податоци се однесуваат на ноември 2021 година, односно повеќе од две години нема внесено ниту еден податок за ниту еден функционер.
Од 2021 година нема ниту еден податок
Видливи се имињата на премиерот и министрите од гарнитурата на Зоран Заев. Актуелниот премиер, Димитар Ковачевски фигурира во последната објава од ноември 2021 година, како заменик министер на финансии.
Стојат имињата на старите функционери, а премиерот Ковачевски е заменик- министер за финансии
Софтверското решение на Алтката за отчетност нуди увид во трошоците направиени по неколку ставки, како што се на пример трошоци за авионски билети, хотелски смесувања во странство, закупи на станови, закупи на сали за конференции као и на канцелариски простор. Потоа трошоци за транспорт, во земјава, но и на службените патувања, пари потрошени за подароци, за изнајмнување моторни возила во странство како и за дневнци за патувањата надвор од земјава. Овде треба да имаме увид во ресторанските трошења на функционерите.
Увидот е заглавен на трошоците до 2021 година
Со оглед дека Алатката не функционира подолго време „Само прашај“ во текот на ноември направи неколку обиди да дојде до одговори од релевантните институции за тоа зошто овој механизам за отчетност и транспарентност не е функционален.
Од Министерството за информатичко општество и администрација кое е и надлежно за Аалтката, не добивме никаков одговор на прашањата: дали алатката е функционална, ако не е зошто и што е преземено, ако е функционална зошто нема нови податоци и што е преземено против функционерите и институциите кои не ја почитуваат оваа обврска. Прашавме и дали евентуално има некаков технички застој или функционерите и институциите не ги доставуваат податоците. По речиси еден месец не добивме одговор на прашањата.
Се обративме и до Кабинетот на вицепремерката Славица Грковска задолжена за политиките за добро владеење, од таму во телефонски разговор кусо ни рекоа дека дале насоки во врска со Алтката. На писмено испратените прашања, не добивме одговор.
Од Кабинетот на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска не добивме одговор
Конечно, моравме да се обидеме и преку Владата. Но, и од таму не ни ги одговорија прашањата дали е алатката функционална и ако е зошто не се пополнува или пак ако не е што е преземено да да се стави во функција.
Транспарентност во длабока стагнација
Сето ова дополнително го потврдува она што го покажуваат истражувањата во последниот период, транспарентноста кај Владата стагнира. Во конкретниот случај има пад, но на генерално ниво, транспарентноста е во длабока стагнација се согласуваат тројца соговрници на Само прашај, претседателката на Државната комисија за борба против корупцијата Билјана Ивановска, Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешенал Македонија и Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Едногласни се дека решенијата како оваа алатка се добри, со оглед дека се единствениот начин да се види што прават функционерите со парите кои сме им ги довериле., но не се ниту изненадени што функционерите и институциите го избегнуваат овој тип обврски.
„Една од главните алатки во борбата против корупцијата е транспарентноста и исто така одговорноста и отчетноста, а сето тоа беше содржано во таа алатка. Значи, тие три елементи, да ги направиме трошењата на буџетските пари да бидат потранспарентни, да направиме институциите и функционерите да бидат отчетни, да дадат отчет за тоа што го трошат од буџетските пари значеше едновремено и да бидат одговорни. Некој да може да ги повика на одговорност ако направиле нешто надвор од тоа што треба според утврдените правила за работа или однесување со тие буџетски средства. Очигледно е дека функционерите на кои што тие средства им се достапни за користење, не им одговара една таква состојба на транспарентност и отчетност којашто ќе претпоставува и одговорност. И затоа оваа алатка не функционира, мислам дека не постои ниту една друга причина. Тоа беше многу добра алатка од која што можеа и граѓаните и невладините организации и медиумите да се информираат за тоа како се постапува со буџетските пари, како тие се трошат, дали домаќински се работи или се расфрлуваме со средствата кои што ни се дадени на располагање од буџетот“, објаснува Тасева.
Алатката беше добра замисла, но уште од почетокот беше направен еден пропуст, а тоа е што не беше поставен репер за трошењата. Требаше да има конкретни критериуми во врска со трошењата, па да може да се прави споредба, вели Герман Филков. Сепак, клучниот проблем според него е фактот што функционерите и институциите отчетноста ја дожуваат како наметната обрска. Објавувањето на вакавите информации треба да се дел од секојдневното работење на инстиуциите, вели Филков за Само прашај.
„Што се однесува до функционалноста на алатката, за жал тоа е уште едно системско решение кое што повторно зависи од индивидуалниот пристап. Тоа е една работа, бидејќи е оставена секоја институција сама да ја пополнува. Но, друга работа е што транспарентноста повторно се сфаќа како некое наложено, натурено решение. Транспарентноста треба да извира внатре од работењето на институцијата. Секоја институција треба, како го прави трошокот веднаш и да го објави. Значи, транспарентноста да е составен дел од работењето. Да не е тоа, ајде да објавиме, па ајде да ви ги дадеме информациите. Информациите никој не ги дава, информациите се наши. Информациите за трошењето на парите се на оние чии што се парите. Бидејќи се парите на граѓаните, информациите се наши, ги поседуваат институциите и затоа треба да ни ги стават на располагање. Никако да ни ги даваат бидејќи не се нивни туку да ги стават на увид за ние да можеме да видиме дали, бидејќи сите дома трошиме исти такви пари, дали се однесувале домаќински со нашите пари“, смета Филков.
Трошоците кои се прикажуваат со алатката не се енромни, ниту се клучен дел од буџетот, но имаат една суштинска одлика, покажуваат кој и каков функционер е во ситуација кога тоа колку ќе биде потрошено зависи во најголем дел од неговата лична одлука.
„Прво треба тоа што ги потрошил парите да даде информација таму каде што треба, значи повратно во самата институција, тоа треба да се контролира. Тие информации треба да ги внесуваат во тој систем и институциите и самите они кои што ги трошат. Едноставно и системот на транспарентност, кој не требаше да замре и системот на одговорност порфрлија. Одговорноста речиси и да не постои. Јас не се сеќавам дека некој беше повикан на одговорност дури и тогаш кога имавме отчетност и тогаш кога можевме да видиме дека несразмерно се трошат средства на ручеци или на патувања во странство и тогаш немаше одгворност, но барем знаевме што се случува, а сега едноставно нема никаква инфомрација“, вели Тасева.
Ивановска е уверена дека дел од функционерите „протнуваат“ трошења многу повеќе од реално потребните. За неа клучен проблем е зошто Владата преку Министерството за финасии одобрува вакви трошоци кои е јасно дека се непродуктивни.
„Ако е само кога гости доаѓаат и кафе да ги послужат е во ред. Добро, тоа е тоа. Еве и ние за гости трипати сме имале делегации и нашата работа толку била и готово. Меѓутоа, проблемот е што покрај гостите и домаќините почесто си трошат. Тоа е проблемот, ништо друго. Значи, под закрилата, демек, еве јас имам гости, пишти таму фактура, ајде сега замачакај и готово. Тоа е проблемот, дали секогаш кога гости или.... И ревизиите тоа може да го потврдат кога одат на ревизија затоа што таа сметка треба да се поврзе со доаѓањето, со некој проект или со некаква работа што се случила за да постои тој трошок. Мислам дека секој треба да се сообрази во рамките на средствата со кои што располага оваа држава на глобално ниво, значи општо и да не се расфрла во рамките на својот буџет“, смета Ивановска.
Институциите многу брзо ги преземаат една од друга лошите особни, особено во вакви случаи смета Филков.
„Прво е нетранспарентност, вторно е неотчетност и трето доаѓа неодговорност бидејќи таа е нели највисока од овие форми. За да бидат одговорни и дали се одговорни прво мора да видиме преку информациите и отчетот што го даваат. И за жал, мислам дека институциите како полесно да го преземаат негативното меѓу себе отколку позитивните примери. Да има пет, шест, седум, 10 институции што тоа го прават, го објавуваат и другите ќе бидат поттикнатни, најмногу од срам дека ја немаат информацијата, да ја објават. А, вака, тоа е премолчен договор верува, дека никој не објавува и веќе алатката замре. Алатката треба да е жив инструмент, едно време се надогради и требаше уште да се надоградува понатаму и навистина со еден клик да се објавуваат информациите, значи да се олесни“, вели Филков.
Нема санкции за избегнување на обврските
Она што дополнително ја влошува ситуацијата е фактот што нема никаква реакција за избегнувањето на обврските од Алатката. Повеќе од две години таа како едноставно да не постои и никој не сносни никаква одговорност за тоа. И во перидот кога системот беше функционален, кога во неколку наврати беа објавени случаи на големи трошења на ексклузивни оброци на дел од функционерите немаше суштинска институционална реакција уште помалку санкции.
„За жал, нема контрола, нема санкции, повторно доаѓаме до моментот кога бараме се да се регулира во некој закон, во некоја наредба, одредба и така натаму. Законите треба да се рамка. Не може се да регулираме во нив па да речеме: објавете ова, објавете она. Меѓутоа и сега има во законите обврски да ги објават тие податоци па еве не ги објавуваат дали преку оваа алатка или на некој друг начин. Пред алатката никако не се објавуваа. По алатката имавме неколку ѕвездени моменти и сега повторно ѕвездите згаснаа. Но, тоа зборува, од наша страна, сега како некои кои што секојдневно бараме информации од институциите, и нашето истражување го покажува тоа, дека, особено Владата, стагнира во транспарентноста. Во овој случај еве е намалено, меѓутоа во општото мерење стагнира транспарентноста на Владата иако има некои институции што се подобри други полоши, а општините само малку се подобруваат. Така што, како да ни треба еден нов „буст“ , да се изразам за подобро да ме разберат, во транспарентноста повторно“, вели тој.
Претседателката на ДСКС пак објаснува дека од доаѓањето, па се до крајот на нивниот мандат имале инцијативи кои требало да бидат преточени во решенија за контрола на трошењето во институциите. Вели најчесто наидувале на ѕид од несоработка.
„Имаме кабинет за добро владеење и добро управување што сметам дека е многу клучен токму во овој дел бидејќи доброто управување значи и добро односно домаќинско трошење на буџетските средства. Ние уште во првата година од нашиот мандат направивме една анализа на непродуктивните трошења која што ја доставивме до сите надлежни органи меѓутоа немаше никакво поместување освен тогашниот кабинет на вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски кој подготви правилник за употреба на службените возила. За жал, правилникот е добар, но нема кој да го следи како се остварува. Значи, дали се применува или не се применува, проблемот е имплементацијата на тој правилник. Исто така, дадовме и наши сугестии и за другите непродуктивни трошоци, било да се тоа апанажи, службени станови, користење на службени возила и така натаму. Но, сведоци сме дека нема тука поместување, а од друга страна знам дека значителен дел од буџетските средства се алоцира токму за вакви потреби. Она што ми се наметнува како одговор на прашањето зошто ова ни се случува, единствено можам да го најдам одговорот во мотивите на одделни политичари што се зафатиле да бидат на функција. Значи, кои се нивните мотиви за да бидат на одговорни работни места, дали дел од мотивите се и привилегиите што ги чувствуваат на овој начин односно преку репрезентација преку користење на службени возила, службени станови, патувања“, вели Ивановска.
Актуелниот национален координатор за одговорно владеење и транспрентност Роберт Поповски кога пред пет годни ја промовираше Алатката ја претстави како негов предлог. Сега, по изминати пет години и две години нефункционалност тој веќе не е министер, но повторно е на функција поврзана со транспарентноста, но во кусиот телефонски разговор ни рече дека Алатката веќе не е негова надлежност.
Роберт Поповски сега е национален координатор за одговорно владеење и транспарентност, но и тој не сакаше да зборува за оваа алатка промовирана во времето кога беше министер (4 февруари 2020 година Трибина на СДСМ, Извор: Фактор.мк)
„Оваа Влада е најтранспарентна влада досега, од првиот ден ги стави пред јавноста сите свои политики, истакна Роберт Поповски министер за комуникации, транспарентност и отчетност. Воведовме алатка за отчетност за трошоци на функционерите, со која трошоците на носителите на јавни функции се намалија за 3-4 пати во однос на претходната влада, односно 10 милиони ерва“, велеше Поповски во 2020 на партиска трибина на СДСМ насловена како Отворена власт.
Според тогашните најави алатката, со закон, требаше да стане задолжителна и за градноначалниците, пратениците, судиите. Не само што не беше проширен нејзиниот опсег, таа како што гледаме денес едноставно замре. Во меѓувреме, транспарентноста и отчетноста и натаму се едни од најчестите изрази што ги слушаме од владините функционери. Според молкот со кој се соочивме во изработката на оваа анализа токму од најповиканите, ваквите нивни заложби се само на зборови.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Поврзани стории