fbpx

Училишните згради остануваат ламји на државниот буџет

  • И по одлуката на Владата училиштата да плаќаат струја како домаќинствата, тие ќе калапат високи сметки.
  • Долгорочни мерки за поевтина струја се вложувања во фотоволтаични системи, нови фасади и прозорци на училиштата.
  • Проценките во Стратегијата за развој на енергетиката дека струјата и натаму ќе поскапува, не ги вознемирува институциите.
 

Цехот на децениската негрижа за училиштата се плаќа и со сметките за струја и топлина. Државниот буџет ќе помага во дупка сè додека не се направат пристојни услови за учење и не се сменат фасади и прозорци за училишните згради да бидат енергетски ефикасни, сметаат експертите. Долгорочен план мора да се има, оти светилката секогаш ќе свети на празно.

Само долгорочни мерки ќе ги намалат сметките за струја

Се гасат сијалици и компјутери, се шета по темни ходници, но ваквите мерки тешко ќе ги решат маките на училиштата кои калапат високи сметки за струја. Владата најави дека оваа зима ќе ги стави училиштата во регулирани потрошувачи, како што се домаќинствата, за да имаат помала цена на електрична енергија.

Но, универзитетскиот професор по енергетика Антон Чаушевски вели дека кризата не е од денес за утре и дека мора да се направат долгорочни решенија за училишните згради да не бидат постојани ламји на државниот буџет.

„Долгорочното решение се две мерки. Да се воведе енергетска ефикасност во тие објекти - да се сменат прозорци, врати. И второ, да се направат фотоволтаични системи на покривите каде е тоа можно и колку е можно поинсталирана сила во киловати, бидејќи сепак се тие училишта каде што не е потребна голема моќност. Меѓутоа, работата е во тоа што кога фотоволтаичните панели ќе произведуваат, да речеме јуни, јули и август, тие не работат, на одмор се, па би се нашол тука некаков компромис - таа енергија би ја пласирале во мрежа, а за возврат би добиле можеби електрична енергија. Тоа некако би се компензирало со ЕВН или со дистрибутерите на електрична енергија“, вели професорот Чаушевски.

Колку би можел ваквиот план да успее? Неколкудневното истражување нè донесе во скопска Автокоманда, во гимназијата „Панче Арсовски“. Училиштето има фотоволтаична централа од пред година и половина.

„Пред поставување на фотоволтаичната централа моќноста која што беше трошена на годишно ниво во нашето училиште беше околу 75 000 киловати на годишно ниво. Со поставување на фотонапонските панели, ангажирана моќност потрошена за една година се движи околу 50-тина илјади киловати. Августовската сметка е околу 45 000 денари, што е сосема подносливо со дотациите кои ги добиваме на годишно ниво за да ги покриеме сметките за потрошена електрична енергија“, објаснува директорот на гимназијата Јован Петрески.

Фотоволтаичните панели покриваат дел од потрошувачката, но во летниот период кога имаат колективен одмор имаат вишоци и ги пуштаат во енергетскиот систем. Ниту струјата, ни топлината во ова училиште не се губат оти за неколку години го направиле енергетски ефикасно.

Проценките за поскапа струја не ги вознемирува институциите

Војната меѓу Русија и Украина можеби беше тешко да се предвиди, но дека ќе расте цената на струјата не била никаква тајна.

Во Стратегијата за развој на енергетиката во Македонија јасно е прикажано дека се очекува цената на струјата заради повеќе фактори да има нагорен тренд. Една од причините е предвиденото „зелено“ сценарио.

Во стратегијата пишува дека големопродажните цени според референтното и умереното сценарио умерено ќе се зголемат, достигнувајќи до 66 односно 63 евра за мегават час до 2040 година во споредба со 48 евра за мегават час денес или струјата би поскапела за 34 проценти.

Во „зеленото“ сценарио, пак, за кои се залага и Министерството за животна средина, се проценува максимумот на големопродажната цена на струјата да достигне 83 евра за мегават час во 2032 година, по што цените се очекува да се стабилизираат на 72 евра по мегават час до 2040 година.

Проектирани цени на електрична енергија на пазарот на големо – Референтно сценарио

Проектирани цени на електрична енергија на пазарот на големо – Сценарио за умерена транзиција

Проектирани цени на електрична енергија на пазарот на големо – Зелено сценарио

Извор: Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, 2019

Иако официјалниот документ е изготвен во октомври 2019 година и е јавно достапен, оттогаш ниту општините ни институциите не сметале дека треба да се вознемират и да преземат посериозни мерки.

Според податоците на Министерството за образование и наука, во земјава во 1 100 училишни објекти се сместени 364 основни и 108 средни општински училишта. На повеќе од половина од нив им е потребно реновирање за светлината и топлината да не се испуштаат во празно.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Катерина Топалова
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажер: Борче Крстевски