fbpx

Дали граѓанин може директно во Државниот санитарен и здравствен инспекторат да пријави труење од храна?

Одговара Рената Младеновска од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Граѓанин не може лично да пријави труење со храна во Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Постапката оди исклучиво преку здравствените установи. Здравствената установа е должна да пријави во надлежниот Центар за јавно здравје. Доколку се пријават два или повеќе случаи, тогаш може да прогласиме труење во угостителски објект во ист временски период. Доколку пациентите имаат исти или слични стомачни тегоби, тогаш се пријавува лицето на инфективните одделенија ширум државата. Тие пријави пристигнуваат до центрите за јавно здравје. Центрите за јавно здравје со една првична информација нѐ известуваат нас како Државен санитарен и здравствен инспекторат. Нивната задача е епидемиологот да направи епидемиолошка анкета, да ги сумира податоците и да нѐ извести. Во тој случај излегуваме на терен во координиран вонреден инспекциски надзор – Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, надлежниот Центар за јавно здравје и Институтот за јавно здравје. Тогаш вршиме вонреден инспекциски надзор. Се земаат мостри за анализа на храната, се земаат брисеви од работни површини, истите се во двојни примероци, се анализираат во двете лаборатории и во Центарот за јавно здравје и во Институтот за јавно здравје и се чекаат негативни резултати. Тоа што е согласно надлежностите на ДСЗИ – даваме привремена забрана за користење на објектот, а исто така го затвораме со лента како забрана од страна на ДСЗИ, сѐ до добивање на негативни резултати од анализите коишто ги прават лабораториите во Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје. Доколку добиеме различни резултати од двете лаборатории тогаш бараме суперанализа и таа се прави во трета акредитирана лабораторија во државата.