Како граѓаните можат да направат споредба за надоместоците кои ги наплаќаат банките за платежните услуги кои најчесто ги користат?

Одговара Игор Величковски од Народната банка на Република Северна Македонија.

Граѓаните имаат потреба на лесен и едноставен начин да ги споредат надоместоците коишто банките им ги наплатуваат за платежните услуги. За таа цел, Народната банка изработи и објави на својата веб-страница алатка којашто овозможува споредба на надоместоците помеѓу одделните банки. Исто така, Народната банка дефинираше поими за најчесто користените платежни услуги кои во овој случај изнесуваат 11 услуги при што банките се должни за висината на надоместоците за овие услуги да состават информативен документ којшто исто така се должни да го достават или да го дадат на граѓанинот пред воспоставување на деловен однос со него, односно пред склучување на рамковен договор. Овие информативни документи за надоместоци, банките ги имаат објавено на своите веб-страници при што истовремено и Народната банка во рамки на алатката на едно место ги објавува сите информативни документи.

Како што знаеме, поседувањето на платежна сметка е предуслов за извршување на најголем дел од платежните трансакции. Поради тоа, во рамки на алатката граѓаните ќе може да ги споредат трошоците односно надоместоците коишто банките им ги наплатуваат за одржувањето на платежна сметка. Исто така, во рамки на алатката граѓаните ќе можат да ги споредат надоместоците помеѓу одделните банки во однос на користењето на кредитните трансфери или како што вообичаено велиме – иницирање на платни налози на шалтерите на банките, на банкомати или користејќи дигитални канали како што се интернет или мобилното банкарство. Овие надоместоци исто така зависат и од тоа дали примачот на плаќањето на паричните средства за кого ги наменуваме има платежна сметка во истата банка или пак има платежна сметка во друга банка, поради што мораме да ги користиме услугите на платните системи МИПС или КИБС.

Дополнително, алатката овозможува граѓаните да ги споредат надоместоците за девизните плаќања и приливите од странство водејќи се од тоа дали самите ќе ги сносат трошоците кон странските банки односно тие се на товар на плаќачот или пак примачот целосно ќе ги сноси трошоците на странските банки, или можеби трошоците ќе бидат поделени помеѓу плаќачот и примачот. Граѓаните исто така имаат потреба да користат платежни картички и сѐ почесто ги користиме истите поради што во рамки на алатката можат да најдат информации за надоместоците кои банките ги наплатуваат за издавање на дебитна или кредитна картичка, како и за годишната членарина која што вообичаено банките ја наплатуваат за поседувањето на платежната картичка. Повлекувањето готовина исто така многу често го користиме поради што во алатката се содржани информации за тоа колку чини повлекувањето на готовината на шалтер на банката доколку повлекуваме директно од платежна сметка или пак користиме дебитна или кредитна картичка за да повлечеме готовина од банкомат на банката. Во случај кога повлекуваме готовина од банкомат на друга банка во земјата или странство, секако трошоците се повисоки поради што истите се прикажани во алатката за да може граѓаните да ги споредат помеѓу одделните банки.

За извршување на платежните трансакции, понекогаш имаме потреба да користиме дозволено пречекорување односно таканаречено влегување во минусно салдо на сметката поради што во алатката се прикажани и каматните стапки коишто банките ги наплатуваат во случај кога влегуваме во минусно салдо. Севкупно алатката на Народната банка им овозможува на граѓаните на едноставен и лесен начин да ги споредат надоместоците овозможувајќи им исто така заштеда на време и парични средства кога одлучуваат за тоа од која банка да користат платежни услуги. Со самата споредба на надоместоците на едно место преку алатката на Народната банка и очекуваното влегување на нови даватели на платежни услуги во земјата во следниот период, ќе се поттикне конкуренцијата помеѓу сите нив, што најпосле очекуваме дека ќе влијае во насока на намалување на висината на надоместоците за платежните услуги.

Поврзани написи

dali mi sleduva paricen nadomest za smrt na roditel i do koga mozam da apliciram za istiot mojot roditel e pocinat pred dve godini featured
dali imam pravo na sorazmeren del od penzijata od makedonija za periodot koga rabotev vo fabrikata fas 11 ako sega ziveam vo ceska i dobivam ceska penzija featured
dali vo idnina ke mozam da koristam semejna penzija ako ne podnesam baranje vednas po smrtta na soprugot featured
dali korisnicite na socijalna penzija se oslobodeni od participacija za medicinsko lekuvanje featured
ja staviv penzijata vo miruvanje vo 2022 vo fevruari sakam da ja zemam dali vo presmetkata na penzijata ke vlezat pokacuvanjata od mart i septemvri 2023 i 2024 godina featured
daruvav krv 10 pati no se uste vo mojot profil na moe osiguruvanje ne e vneseno osloboduvanjeto od participacija sto da pravam featured