Одговараат од Регулаторната комисија за домување.
Орган на управување во заедницата на сопственици е собирот на сопственици. Членови на собирот на сопственици се сите сопственици, односно корисниците на посебните делови од станбената зграда кои имаат писмено овластување дадено од страна на сопственикот на посебниот дел да одлучува во негово име во органот на управување на заедницата на сопственици, како и други лица кои имаат овластување за тоа.
Сопствениците на посебните делови можат да донесат одлука за работите кои се однесуваат на управување со станбената зграда (меѓу кои е и договорот за заемни односи) на собир на сопственици или со потпишување на изјава на која е запишан предлогот на одлуката.
Одлуката е донесена кога за неа на собир на сопственици гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови или ако изјавата на која е запишан предлогот на одлуката е потпишана од сопственици кои поседуваат повеќе од половината од посебните делови на станбената зграда, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на изјавата со предлогот на одлуката. Исто така кога сопствениците на посебните делови не можат да донесат одлука во однос на работите за управување со зградата, а станува збор за нужна работа, како што се одржувањето, поправките и инвестиционото одржување на заедничките делови на зградата, секој сопственик може да поднесе предлог до судот во вонпарнична постапка, за донесување на одлука која го заменува договорот за заемни односи. Во случај судската одлука да не биде спроведена во рок од 30 дена сметано од денот кога станала извршна, ниту тоа ќе го стори управителот во наредните 15 дена во зградите со управител, предлагачот може да поднесе предлог за извршување.