- Откако Владата ги укина бесплатните прегледи за бременост и бесплатното породување, жените кои не се здравствено осигурени мора сами да ги плаќаат сите трошоци.
- Од ваквата одлука најмногу страдаат бремените жени од ранливите категории кои од различни причини останале без здравствено осигурување.
- Министерството за здравство наложува жената во текот на бременоста да има 8 до 10 прегледи кај матичниот гинеколог.
- Жените без здравствено осигурување породувањето во јавното здравство ги чини од 13 000 до 63 000 денари.
- Додека власта се правда дека законски сите граѓани можат да бидат здравствено осигурени, од ОН забележуваат за кратењето на парите за здравствена заштита на мајките и децата.
Министерството за здравство ги укина бесплатните прегледи за време на бременоста и бесплатното породување за жените кои не се здравствено осигурени, што беше овозможено со Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. Додека невладините организации гласно се противат на владината одлука, од Министерството само посочуваат дека Законот за здравственото осигурување им овозможува на сите граѓани да се вклучат во системот на задолжителното здравствено осигурување.
Така е во законот. Но, на терен многу жени од ранливи категории, кои не се здравствено осигурени и беа кориснички на услугите од Програмата, сега ќе мора сами да ги плаќаат сите трошоци при бременоста и породувањето.
Жени од најранливи категории остануваат без здравствено осигурување
Кристина Ампева од Здружението на граѓани „Гласен текстилец“ од Штип вели дека одлуката на Владата е погрешен чекор. Таа објаснува дека во корона-пандемијата иако Владата давала финансиска помош да се исплатат платите и придонесите, работодавците не ги исполнувале обврските кон вработените. Затоа се сомнева дека ова ќе се повторува и во актуелната енергетска криза.
„И пред короната работниците се плашеа да појдат на лекар бидејќи не знаеја дали им се платени придонесите. Така, често на преглед кај лекар се вклучуваше ‘црвен сигнал’ дека лицето не е здравствено осигурено“, вели Ампева.
Според евиденцијата на „Гласен текстилец“, од 12 илјади пријави од работници во изминативе две години, речиси 70 проценти биле поврзани со вакви проблеми.
„Имавме случај кога работничка во поодмината бременост остана без здравствено. Ќе кажат, може да се префрли преку сопругот. Но, на поголем дел од текстилните работнички во Источниот регион семејствата им се осигурени преку нив, бидејќи нивните сопрузи работат `на црно` или се заминати во странство. Некои жени се сами“, вели Ампева.
Таа објаснува и дека имало стотици случаи кога текстилни работнички биле отпуштени, но биле принудени да потпишат спогодбен отказ, а во таков случај не можат да се пријават во Агенцијата за вработување и да добиваат здравствено осигурување додека се привремено невработени. Бремените жени биле оние кои најмногу страдале бидејќи останувале без здравствено осигурување и платено породилно отсуство.
И Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ преку помало истражување во ромските средини открило три случаи на бремени жени кои неколку месеци биле без здравствено осигурување. Од таму укажуваат дека има и случаи кога жени од ранливи категории останале без работа и за да добиваат бесплатни услуги за бременост и породување морале да плаќаат по 1 500 денари месечно во Фондот за здравствено осигурување бидејќи во изминатата година остварувале макар и минимален приход.
Трудници препуштени сами на огромните трошоци
ЕСЕ во септември ја откри информацијата дека Владата уште во февруари го укинала буџетот предвиден за бесплатните прегледи за време на бременоста и бесплатното породување за жените кои не се здравствено осигурени. Борјан Павловски од ЕСЕ објаснува дека Владата ја донела Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата токму за ниту една жена да не биде изоставена од услугите за време на бременост и породување, што е едно од главните начела на Светската здравствена организација.
„За бременоста е важно што прегледите мора да се направат во точно утврдени временски периоди, во согласност со важечките протоколи за здравствена заштита за време на бременоста усвоени од Министерството за здравство. Државата не смее да дозволи бременоста кај овие жени да поминува без здравствени контроли, затоа што тоа ќе го влоши здравјето на мајката и на детето и води кон зголемување на смртноста на доенчињата“, вели Павловски од ЕСЕ.
Протоколите за следење на бременост и клинички упатства предвидуваат дека 8 до 10 пати треба да се посети матичниот гинеколог во текот на бременоста со кои се констатира дали е уреден растот и развојот на плодот. Затоа од ЕСЕ сметаат дека Министерството за здравство мора да воспостави систем за бесплатни услуги при бременоста и породувањето за сите жени без разлика дали се осигурени.
И претседателот на Здружението на приватни гинеколози, Душко Филиповски, смета дека со укинувањето на дел од Програмата жените ќе бидат препуштени сами на себе бидејќи некои од нив не се ни обидуваат да се осигурат по можностите што ги дава Законот, а што е клучно за редовно да ја контролираат бременоста.
„Матичниот лекар нема да може да издаде ништо што ѝ е потребно, да препише соодветна терапија, да даде упат за лабораториски анализи, да даде упат за дополнителни прегледи и иследувања на секундарно и терцијарно здравство. Што значи жената ќе биде препуштена сама на себе. Сама да си ги плати трошоците. Ако имаме 18 000 до 20 000 раѓања годишно, колку од жените можат да го издржат? Тоа е прашање кое Министерството за здравство најверојатно не го зело предвид кога носело таква одлука“, вели Филиповски.
Токму несоодветната грижа во бременоста и лошото здравје на жената е меѓу причините за смртност кај бебињата, велат лекарите. Д-р Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство, вели дека здравјето на плодот и мајката се тесно поврзани и го делат истиот ризик. Во периодот додека имало бесплатни прегледи и породувања на бремени жени кои не биле здравствено осигурени, податоците од Клиниката за гинекологија и акушерство покажуваат дека процентот на смртност кај новороденчиња се намалувал, односно од 16 проценти во 2018 година на 8,9 проценти во ноември 2021 година.
Колку чини породувањето во јавното здравство?
Во зависност дали пациентката ќе се породи по природен пат или со операција цената на здравствената услуга се движи од 13 000 до 63 000 денари. Дополнително се плаќаат и трошоците за бебето во зависност дали е родено здраво или со компликации. Во случај на здраво новороденче трошоците се најмали и изнесуваат речиси 4 000 денари.
Во тарифникот на Фондот за здравствено осигурување постојат осум групи услуги со следните цени:
Извор: Фонд за здравствено осигурување
Власта се правда, Обединетите нации забележуваат за владината одлука
Од Министерството за здравство велат дека Законот за здравствено осигурување (чл. 5) овозможува сите граѓани да се вклучат во системот на задолжителното здравствено осигурување.
„Законот дава можност граѓаните по различни основи да се пријават во системот. На овој начин континуирано продолжува грижата за сите категории граѓани, меѓу кои и трудниците. Доколку некои граѓани немаат статус на осигуреници, тоа не значи дека немаат законска можност. Граѓаните имаат можност да го искористат своето законско право да се обратат со барање до надлежните подрачни единици на Фондот за здравствено осигурување“, се вели во писмениот одговор од Министерството.
Меѓутоа, Бојан Павловски од ЕСЕ критикува дека законските решенија за здравствено осигурување биле исти кога е донесена и Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, и дека сега Министерството за здравство ги крати парите предвидени со неа за најранливите групи од населението.
Тој вели дека и Комитетот за правата на детето при Обединетите нации, во септември оваа година, во заклучните согледувања за унапредување на правата на децата во Северна Македонија, изразува загриженост поради „намалувањето на буџетските средства за здравствена заштита на мајките и децата и за порастот на доенечката смртност“.
„Ова укажува дека и меѓународните институции се свесни за кратењето на буџетските средства за најранливите групи од населението, односно мајките и децата. При тоа Комитетот препорачува зголемување на буџетските средства за да се зголеми опфатот и квалитетот на здравствената заштита на мајките и децата, и препорачува да се истражат причините за доенечката смртност“, посочува Павловски.
Од ЕСЕ велат дека државата е должна да им обезбеди на сите жени здравствени услуги за бременоста и породувањето, укажувајќи на главната премиса на СЗО за здравствена заштита - „никој да не биде изоставен“.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии