- Секојдневните вести за пукање во државите каде има поголем број оружје кај граѓаните покажува дека навистина нема потреба да се поседува оружје.
- Според последните проценки во анализата „Истражување на мало оружје“, во Македоннија има над 620 илјади парчиња огнено оружје - на 100 луѓе во земјава, 30 имаат оружје, од кои само осумина легално.
- Ригорозноста во доделувањето и контролата на поседувањето на оружјето е најбитната превенција од масовните убиства, зад што мора да стои државата со својот апарат.
- Најважно, а често злоупотребувано е и правилото дека дозволата за оружје ви дава право само да го поседувате оружјето, но не и да го носите.
- Еден од начините за намалување на смртоносните инциденти е употребата на таканаречените паметни пиштоли, кои би можеле да ги користат само сопствениците.
Убиствата, самоубиствата, па и несреќните случаи предизвикани од ракување со пиштоли и друг вид оружје кое граѓани легално ги поседуваат, разбирливо ја вознемируваат и јавноста, но и институциите. Неминовно се поставува прашањето: Да се чува оружје дома ДА или НЕ? и како потпрашање: Зошто?
Експертот по безбедност полковник Велин Стојановски вели дека праксата и секојдневните вести за пукање во државите каде има поголем број оружје кај граѓаните покажува дека навистина нема потреба да се поседува толку оружје.
„Замислете една прослава на шампионска титула во кошарка само пред некој ден заврши со повредени од огнено оружје. Никој не може да се смета побезбеден ако дома има оружје напротив во одредени ситуации од имањето оружје дома личната безбедност може да биде и позагрозена. Од причини што оружјето треба да се чува според одредени законски прописи, а поединци од страв за својата безбедност може почесто да го пипкат оружјето и тоа да доведе до загрозување на личната безбедност и безбедноста на лицата во блиското опкружување. Во оваа прилика би сакал да кажам секој што поседува оружје кога од одредени причини користел алкохол, опојни средства, кога се премногу весели или лути да не го пипкаат оружјето оти во тие ситуации тие не можат правилно ниту да пресудуваат ниту пак да го користат оружјето. Токму таквите ситуации се причина за многу инциденти со несакани последици“, вели Стојановски.
Тој исто така потенцира дека секој кој одлучил да набави оружје треба прво да знае дека купува средство кое убива и второ добро да го проучи законот за оружјето за да ги разбере своите обврски за да не се случи тоа првото.
Психијатарот Горге Хаџи Анѓелковски вели дека колку е оружјето подостапно, толку се шансите за овој тип на насилство поголеми. А како пример за тоа е убиството на децата во училиштето во Србија и тоа од страна на соученик кој пиштолот го земал од татко му.
„Тој што сака да ‘покаже мускули“ и да набави пиштол, ќе мора да докаже дека е свесен за таа одговорност, дека е психолошки спремен да се носи со неа, да се помачи низ низа ригорозни тестови и подготовки да докаже дека има личност која нема да се умисли дека е Бог и да пресудува. Докторот пиштолџија, таткото на малиот Коста имал арсенал и муниција за цел полициски вод - што ќе му се? Сигурно оружјето го набавувал преку пациенти кои му возвраќале услуги да ги слика преку ред. Значи, ригорозноста во доделувањето и контролата на поседувањето на оружјето е најбитната превенција од масовните убиства, зад што мора да стои државата со својот апарат - да се спроведат строги правила , услови и критериуми, за да пред се ве откаже од таа глупава намера да како цивилно лице поседувате оружје, зад која намера всушност стои длабока психопатолошка потка на една фрустрирана личност“, вели Хаџи Анѓелковски.
Балканот е преполн со оружје
На Балканот врие од оружје, покажуваат податоците на Small Arms Survey (SAS) и World Population Review. Како што е појаснето во ова специјално истражување, спроведено од страна на SAS, независен истражувачки проект, лоциран во Институтот за интернационални студии во Женева, Швајцарија, граѓаните во регионот имаат деветпати повеќе оружје од армијата и полицијата, а во однос на количината на оружје по глава на жител, водат Србија и Црна Гора (прва на светската листа е Америка со 120 оружја на 100 жители).
Според глобалната Анкета за лесно оружје (Small Arms Survey) од 2018 година, се проценува дека во Македонија има 30 парчиња оружје на 100 жители. Тоа ја позиционира нашата земја на третото место во регионот, Босна и Херцеговина е со 31 парче оружје на секои 100 жители (2 место), додека Србија е на прво место во регионот (петто место на светската листа) со 37,8 огнено оружје на 100 жители. Од другите земји во регионот, во Косово таа бројка е помала (24 на 100 жители), додека во Хрватска и Албанија има многу пати помалку оружје по глава на жител ( Хрватска 2 парчиња на 100 жители, Албанија 1,5 парчиња на 100 жители).
Земји и територии со најголем број оружје кај цивили на 100 жители
Small Arms Survey и World Population Review
Според последните проценки во анализата „Истражување на мало оружје“, во земјава има над 620 илјади парчиња огнено оружје. Тоа значи дека на 100 луѓе во земјава, 30 имаат оружје, од кои осумина легално и имаат дозвола за поседување оружје, а 22 немаат.
Сепак, според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ова не се апсолутни податоци бидејќи за една дозвола може да се дадат 10 одобренија за нарачка на оружје и на годишно ниво МВР работи не само со нови дозволи, туку и со дозволи кои истекуваат.
Најмногу дозволи за поседување оружје се издадени во 2004 година 7.147. Во 2005 година се издадени 1.698 дозволи. Оттогаш бројката постојано се зголемува, во 2014 на пример се издадени 2.469 дозволи.
Според последните податоци од МВР од годинава во Мкакедонија се регистрирани околу 190.000 парчиња оружје. Се работи за сите видови оружје – за лов, спорт, наследување, награда и слично.
За полковникот Стојановски, бројката од 190.000 парчиња оружје во легална сопственост и повеќе од 400.000 парчиња оружје кое нелегално се поседуваат е загрижувачки податок.
„Што повеќе оружје ‘се врти’ меѓу граѓаните толку се поголеми можностите за нарушување на личната и заедничка безбедност. Ако се има предвид бројот на ловци и бројот на лица кои се бават со спортско стрелаштво во Македонија (што е далеку помала од 190.000), тогаш овие бројки укажуваат дека има премногу оружје. Затоа треба постепено да се намалува легалното оружје со заострување на критериумите за негово добивање, а со повеќе акции на доброволно предавање на нелегалното оружје истото да се сведе на минимум па и на апсолутна нула, Да заклучам, во ред е граѓаните да поседуваат оружје, но реално е да се намали таа бројка на неповеќе од 50% од сегашната бројка на легално оружје оти освен за лов и спортско стрелаштво. Реално нема потреба да се поседува оружје за лична заштита оти си има институции кои треба да се грижат за тоа. Впрочем, ако целосно се почитува законот за оружје тоа, освен за лов и спортско стрелаштво, за друго и неможе да се користи“, вели Стојановски
Убиства, самоубиства, несреќни случаи
Анализа од 2017 година укажува дека 75 проценти од убиствата во Македонија се извршени со огнено оружје. Во 2022 година извршени се 18 кривични дела "убиство. што е за 5 повеќе од 2021 година. Од 2010 до 2022 година во земјава се извршени 289 убиства, покажува дата базата на Министерството за внатрешни работи. Најголем број на убиства се регистрирани на подрачје на Скопје (7), Тетово (4), Битола и Струмица(2). Во пет убиства е употребено огнено оружје (две се со автоматска пушка), 18 лица извршиле самоубиство со огнено оружје, а 12 дела на семејно насилство се извршени со употреба на огнено оружје. Оваа година регистрирана е употреба на огнено оружје во три случаи при напади извршени врз службени лица
Број на убиства извршени со огнено оружје од 2010 до 2022 година според градови
Според психијатарот Хаџи Анѓелковски ригорозноста во доделувањето и контролата на поседувањето на оружјето е најбитната превенција од злоупотреба.
„Зад ова мора да стои државата со својот апарат - да се спроведат строги правила , услови и критериуми, за да пред се ве откаже од таа „глупава“ намера да како цивилно лице поседувате оружје.Нормално се поставува прашањето како и во се друго, дали државата е спремна да се соочи со ова ризично однесување и да постави строги правила на игра. За жал кај нас сеуште владее принципот ‘овој е наш, дај му пиштол’, така што само е случајност како не ни се случил синдромот на Коста“, предупредува Хаџи Анѓелковски.
Како загрижувачка информација е и дека нелегалното оружје го има во огромни количини во земјава. Во текот на минатата година, македонската полиција запленила 139 нелегални парчиња огнено оружје од кои 73 се пиштоли, неколку автоматски и полуавтоматски пушки и 34 ловни пушки.
Запленето оружје од 2010 до 2022 година
Оваа бројка е намалување во однос на 2021 година, а по вид на оружје, доминираат запленети пиштоли и ловно оружје, се наведува во годишниот извештај на МВР.
„Сите знаеме дека во периодот на распадот на поранешна Југославија многу паравоени формации на нелегалниот пазар купуваа огромни количини на оружје, потоа оружјето од магацините на војската на Албанија во најголем дел заврши тука во нашата дршава и трет извор беше оружјето кое по војните на просторот на Југославија остана кај тие што го користеа. Токму со тоа оружје се случуваат најголем број од вооружените инциденти, како кај нас, така и во соседството“, вели полковник Стојановски.
Пиштолот не е за да се мафта со него – законите се јасни
Законите за недозволено поседување се строги, но ретко се применуваат. Автоматското оружје не смее да постои на улица, треба да биде таму каде му е место, во воените и полициски магацини, смета психијатарот Хаџи Анѓелковски.
Најважно, а често злоупотребувано е и правилото дека дозволата за оружје ви дава право само да го поседувате оружјето, НО НЕ И ДА ГО НОСИТЕ. Оружје со дозвола не можете да носите никаде. Смеете да го чувате само дома, а за секој транспорт на оружјето мора да имате дозвола. Ова важи дури и за ловечките друштва и спортските стрелци кои понекогаш мора да го транспортираат оружјето до местото каде ќе ловат или пак имаат натпревар.
За сите цивилни лица важи правилото дека оружјето мора да е во вашиот дом, па дури и за дома има строги правила како треба да го чувате, односно мора да биде расклопено, муницијата и оружјето не смее да се чуваат на исто место. Оружјето мора да е под клуч.
Прописи во Македонија за добивање дозвола за оружје
-Сопственикот или корисникот на оружје е должен оружјето да го одржува во исправна состојба, внимателно со него да ракува и да го чува на начин што ќе оневозможи пристап на неовластени лица;
-Не смеат да ги бришат или оштетуваат ознаките што се втиснати на оружјето од страна на производителот на оружјето или ознаките дополнително ставени на оружјето од страна на други надлежни државни органи;
-Забранета е продажба на оружје и муниција на лице кое нема одобрение за набавување, односно одобрение за набавување на колекционерско оружје, како и давање оружје на употреба на лице кое нема дозвола за оружје или дозвола за колекционерско оружје или дозвола за носење на тоа оружје;
– Не е дозволено носење на оружје, како и имитација на оружје кое видно не се разликува од оружје, на начин на кој ќе ги вознемирува граѓаните или на начин на кој оружјето ќе биде јасно видливо;
– Сопственикот или корисникот на оружје кога има право да го носи е должен оружјето да го носи на начин што нема да ја загрозува личната сигурност и сигурноста на другите;
– Сопственикот или корисникот на оружјето е должен пренесувањето на оружјето да го врши на начин што оружјето, ако технички е можно, мора да биде расклопено, односно цевката да биде одвоена од механизмот за затворање, а ако не е можно муницијата да биде одвоена од оружјето;
– Забрането е носење и употреба на оружје од страна на сопственикот или корисникот на оружјето, кој со употреба на алкохол, дроги или друг начин ќе се доведе во состојба во која не може да го сфати значењето на своето дело или да управува со своите постапки;
– Забрането е носење и употреба на оружје на јавно место, освен за работниците кои вршат работи на обезбедување на лица и имот во државните органи и правните лица, согласно со прописите за обезбедување на лица и имот;
– Лицето кое со себе носи оружје е должно да ја носи дозволата за оружје, односно дозволата за носење на оружјето. На барање на овластено службено лице на надлежниот орган, лицето е должно да ја покаже дозволата за оружје, односно дозволата за носење на оружјето.
Прописите во Македонија за добивање дозвола за оружје се ригорозни. И не секој може да добие дозвола, вели помошник на министерот за односи со јавноста во МВР, Тони Ангеловски. Дециден е дека посебно внимание се обрнува и на тоа како го чуваат оружјето и како ракуваат со него откако ќе ја добијат дозволата. За секое непочитување предвидени се и низа казни меѓу кое и одземање и на дозволата и на оружјето:
„Ние имаме строги критериуми за издавање на дозволи за оружје и тоа го знаат и самите граѓани и дури имаме реакција дека критериумите се престроги. Но, мора да се почитуваат за на некој начин фактички и да се превенираат ваквите настани. Се разбира, откако ќе се добие таа дозвола за оружје, граѓанинот кој што ја добил мора оружјето и да го чува соодветно, да се грижи секогаш тоа да биде исправно. Да не биде пристапно до други лица, затоа што дозволата му е дадена нему, а не на било кој член од фамилијата или од фирмата. И затоа оружјето мора секогаш да се чува во соодветна просторија, а доколку нема таква просторија, тогаш да се чува во сеф за да биде недостапно до другите лица и се разбира оружјето секогаш мора да биде настрана од муницијата, значи раздвоено да се чуваат. Така што сите овие препораки , односно законски обврски мора да се почитуваат и на тој начин фактички да се превенира злоупотреба односно несакани случаи“, вели Ангеловски.
Од секторот за оружје, експлозивни и опасни материи при МВР велат дека еден од условите за продолжување на дозволата е барателот да не претставува опасност за јавниот ред и мир:
„Да не е осуден за кривично дело сторено со умисла, или за прекршок против јавниот ред и мир со елементи на насилство, но и доколку МВР добие загрижувачки информации за однесувањето на лицето, како често и прекумерно консумирање алкохол или употреба на наркотични дроги и психотропни супстанции, потешко нарушување на односите во семејството, местото на живеење, образовната установа или на работното место, семејно насилство и слично, дозволата ќе биде одземена“, велат од МВР.
Кој може да добие дозвола за огнено оружје?
Според македонските закони за да се добие дозвола за оружје мора прво да се докаже потреба од поседување на оружје - ако докаже дека неговата лична безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот се сериозно загрозениили ако работите и задачите што ги врши на работното место се од таква природа што можат да предизвикаат опасност од загрозување на неговиот живот или имот; ако е активен член на ловечко или стрелачко друштво; собира колекционерско оружје; наследување на оружјето; доделена е награда во вид на оружје; доделено е оружје од страна на државни органи, меѓународни организации или државни органи на други држави.
Дозволата за оружје се издава со рок на важење од десет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење од пет години. Дозволата за оружје може да биде продолжена по писмено барање на имателот, поднесено до надлежниот орган најдоцна два месеца пред истекот на рокот на нејзиното важење.
Еден од условите за издавање на одобрение за набавување на оружје е доказ дека подносителот на барањето е здравствено способен да поседува и носи оружје, што се докажува со лекарско уверение издадено од здравствена установа определена со решение од Министерство за здравство.
За тоа кој може да аплицира и што сè е потребно за дозвола за оружје, Законот вели:
- има наполнето 18 години живот, по исклучок одобрение за набавување на кусо огнено оружје со жлебена цевка (пиштол, МК пиштол, револвер и сл.) и долго огнено оружје со жлебена цевка (ловечки карабин, МК пушка) наполнето 25 години живот, освен ако лицето не е активен член на стрелачко друштво подолго од две години,
- не му е одземена или ограничена деловната способност,
- здравствено е способно да поседува и носи оружје, согласно член 11, здравствената способност за поседување и носење на оружје, се утврдува со лекарски преглед и се докажува со лекарско уверение,
- лицето не претставува опасност за јавниот ред, согласно член 12 се смета дека постои опасност за јавниот ред,
- лицето има оправдана причина за набавување на оружје, согласно член 13,
- располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје и
- има живеалиште на територијата на Република Македонија со важечка лична карта, а доколку е странец да има одобрен постојан престој со важечка лична карта за странец.
По практичното оспособување за ракување со оружје се полага стручен испит кој се спроведува во просториите на овластеното правно лице кое технички го спроведува стручниот испит, кој се состои од два дела: теоретски (прв) дел, кој се полага по електронски пат со одговарање на определен број прашања (Законот за оружјето; Кривичниот законик; прва помош и теоретско познавање на безбедното ракување со оружје и муниција (расклопување, склопување, чистење и одржување на оружјето и муницијата) и практичен (втор) дел каде се утврдува познавање на безбедното ракување со оружје и муниција -расклопување, склопување, чистење и одржување на оружјето и муницијата) и изведување на гаѓање со оружје.
Полагањето на стручниот испит се снима и во живо се емитува на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.
Може ли да се научи да се ракува со оружје за ден - два?
Откако ќе се мине теоретскиот дел, лицата кои сакаат да добијат дозвола за оружје имаат обука за ракување со оружјето. Тоа се прави во компании кои се лиценцирани од страна на МВР да вршат вакви обуки. Овие компании поседуваат и стрелишта каде се врши обуката. Теоретскиот и практичниот дел од обуката се одвиваат во еден ден. Со тоа потенцијалниот кандидат добива документ(потврда) за теоретско и практично оспособување за ракување со оружје.
Но, доволно ли е еден ден да се научи како безбедно да се ракува со оружје?
„Времето за обука на кандидатите и содржините, генерално, овозможуваат услови кандидатите да се стекнат со потребните знаења за одреденото оружје кое сакаат да го набават. Бидејќи лицата имаат посебен мотив да се стекнат со право да го имаат посакуваното оружје, а и вложените финансиски средства овие лица максимално се ангажираат и не им е тешко да ги стекнат потребните знаења. Проблемот се појавува неколку години подоцна, бидејќи одредени законски прописи се менуваат, а лицето не е запознаено со тие промени, со тек на времето одредени работи се забораваат, а нема дополнителни тренинзи, исто така поединци мислат ако знаат да ракуват со еден вид на оружје можат да ракуваат и со сите видови и токму од тие причини настануваат несакани настани како што е испукан куршум поради неправилно ракување и слично. За да се надмине овој проблем, можеби би било добро законски да се предвиди допонителна обука например на секои десет години“, вели полковникот Стојановски.
Во земјава има три компании кои имаат лиценца за спроведување обука за ракување со оружје од категорија Б1,Б2,Б3. Таргетс ДООЕЛ Скопје е единствена во главниот град. Поседува цивилно стрелиште и продавница за оружје.
На обука не може да дојде лице кое сака да научи да ракува со оружје, но не е полнолетно и нема поднесено барање за дозвола
Генералната менаџерка Сабрина Георгиевска вели дека обуките за ракување со оружје ги вршат високопрофесионално обучени инструктори.
„Полагањето за оружје се одвива во Испитниот Центар во Скопје, пред комисија, составена од Претседател,заменик(назначени од страна на МВР) и членови на комисијата. Испитот се состои од теоретски и практичен дел.Теоретскиот дел се полага компјутерски и ако лицето го положи испитот(резултатите се добиваат веднаш), потоа го полага практичниот дел во затвореното стрелиште на Таргетс ДООЕЛ СКопје. Кандидатот кој ќе го положи испитот добива Уверение за положен испит за оружје(пиштол). Обуката трае еден ден и опфака закон за оружје ,кривичен закон,(како да се пренесува оружјето ,како да се чува, правила , закони и казни во случај на непочитување на истите). Секако дека се обрнува посебно внимание на безбедноста и ризиците при ракување со истото“, вели Георгиевска.
На обука не може да дојде лице кое сака да научи да ракува со оружје, но не е полнолетно и нема поднесено барање за дозвола. Курсот вели Георгиевска секој го поминува, но не и полагањето кое следи после обуката. Има кандидати кои не го поминуваат па мораат да одат на повторно полагање.
Од МВР потенцираат дека граѓаните кои имаат добиено одобрение за набавување оружје можат да набават оружје во продавници кои од Министерството за внатрешни работи имаат добиено одобрение за вршење промет со оружје, муниција и делови за оружје. Исто така, граѓаните можат да набават односно купат оружје или да го добијат на подарок од лице кое има важечка дозвола за оружје врз на склучен договор за купопродажба или договор за подарок.
Оружје може да се набави и од странство доколку имаат важечко одобрение за набавување на оружје издадено од МВР.
За увоз на оружје постојат строги правила и потребно е обезбедување на обемна документација. Легалното оружје се следи на пет контролни точки, од влез во државата, преку магацините каде што се чува, па во продавницата за оружје, до издавањето на дозвола за поседување и негова продажба.
Оружје кое е забрането и други ограничувања
- експлозивни воени ракети
- автоматско огнено оружје;
- оружје маскирано во форма на друг предмет
- оружје со вграден пригушувач
- експлозивно оружје
- гасно оружје
- електрични парализатори
- преправено, односно видоизменето оружје
Ограничување на набавка на муниција
- Најмногу до 200 куршуми во текот на календарската година, освен ако докаже дека постојат оправдани причини - учествува во лов, стрелаштво или слично
- Правните лица кои вршат приватно обезбедување - најмногу до 50 куршума за секое оружје наведено во дозволата
- Корисниците на дивечот на ловишта - до 200 куршуми годишно по оружје, освен ако не докажат дека постојат оправдани причини за поголема количина
Македонскиот закон е прилично строг
Една од мерките која стои на располагање е и враќањето на оружјето. Согласно законот секое лице може доброволно да го предаде оружјето во најблиската полициска станица. За оружјето што се предава се издава потврда, а оружјето се поништува во дозволата, вели помошникот на министерот за односи со јавноста во МВР, Тони Ангеловски.
„Процедурата е многу едноставна. Треба да отидете во најблиската полициска станица и да го предадете оружјето, и се разбира ќе добиете соодветна потврда дека сте го предале оружјето. Зависно од тоа дали, бидејќи во дозволата може да има повеќе оружја, ако предавате само едно од оружјата тогаш тоа се поништува во дозволата, а ако ги предавате сите, се поништуваат сите. Значи, секако доколку има волја кај граѓанинот тоа може веднаш да го направи во најблиската полициска станица“, објаснува Ангеловски.
Во предлог измените на Законот за оружјето се вршеше усогласување со ЕУ регулативата, каде се предлага рокот за важење на дозволите да биде 5 години, наместо досегашните 10 години. Воедно, во постапката за продолжување на дозволата за оружје се предвидува проверка на здравствената способност на барателот, односно лекарско уверение издадено од здравствени установи определени од Министерство за здравство, велат од МВР.
Дека на регионот му е потребна помош увиде и Европа. На Самитот за Западен Балкан во Лондон во 2018 година, беше усвоен патоказ за решавање на нелегалното поседување, злоупотреба и шверц на мало и лесно оружје. Под покровителство на германската Федерална канцеларија за надворешни работи и Центарот за контрола на малото оружје во Југоисточна Европа (SEESAC) со координација на Велика Британија, Франција и Европската комисија.
„Целта на мапата е да се подобри правната рамка, да се усогласи со европската правна рамка и да се намали бројот на оружје, како и да се ограничат нелегалните текови“, се вели во патоказот.
Сепак експертите по безбедност велат дека патоказот споро оди и не е забележан некој голем напредок во намалувањето на оружјето откако е донесен.
„Неблагодарно е да се споредува бројот на оружје помеѓу држави затоа што секоја држава има свои закони кои можат да бидат многу либерални во поглед на набавката и носењето на оружјето, одредени држави дозволуваат военото оружје да се чува дома кај воените обврзници и слично. Праксата и секојдневните вести за пукање во државите каде има поголем број на оружје кај граѓаните покажува дека навистина нема потреба да се поседува толку оружје“, вели полковник Стојановски.
Паметни пиштоли – решение за злоупотреба на оружјето?
Еден од начините за намалување на смртоносните инциденти, според поборниците за подобра контрола на оружјето, е употребата на таканаречените паметни пиштоли, кои би можеле да ги користат само сопствениците. Има неколку начини како ова да се постигне – со внесување повеќецифрени шифри, со отпечатоци од прсти и други методи. Дури се вели дека овој сигуроносен метод би спречиле несреќи, односно оружјето случајно да пукне ако му испадне на корисникот, спречување на децата да добијат пристап до огнено оружје и спречување огненото оружје да заврши во рацете на криминалците.
Некои компании како Biofire веќе создаде модели на „паметни“ пиштоли кои имаат вградено биометриско препознавање на лица или со отпечатоци од прсти, што дозволува само овластено лице да пука со ова огнено оружје. Сепак, не сите се воодушевени од оваа идеја. НРА (National Rifle Association), е против. А колку е моќно влијанието на Националната асоцијација за пушки покажува и случајот од крајот на 1990-те, кога познатиот производител на оружје Smith & Wesson најави развој на паметно оружје, но компанијата речиси згасна по бојкотот на NRA и други асоцијации кои се против овие паметни пиштоли.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.