fbpx

Хронологија на една граѓанска голгота: Револтот исчезнува кога ќе се земат документите

  • Државата е одговорна што некој две ипол години набавувал стари обрасци и издавал документи со стари обрасци за на крај на граѓаните да им се каже дека треба новите обрасци да ги платат, смета професорот Борче Давитковски.
  • На потег е ОЈО за гонење организиран криминал и корупција во чија надлежност е постапувањето на полициските службеници, вели поранешниот судија Владимир Туфегџиќ.
  • Во случај на тужба против државата, треба да се утврди дали граѓаните биле доведени во заблуда, смета адвокатката Сузана Јошевска- Атанасовска.
  • Граѓаните имаат правни механизми во случај на повреда на нивните права, а судскиот процес против државата би бил долг, тежок и неизвесен, вели Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници.
 

Од одговорност до тужби за надомест и за кршење на основните човекови права. Ваков е ставот на правните експерти за хаосот што настана околу промената на личните документи на истекот на рокот предвиден со Преспанскиот договор. Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во „Службен весник“ во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно член 1 од Договорот.

Професорот по административно право Борче Давитковски објаснува дека тука има два основа за тоа.

„Прво е оној којшто дозволил сите документи од 2019 година од кога беа изгласани амандманите, да се издаваат со стари обрасци. Потоа од крајот на 2021 до сега се издаваат со новите обрасци со тоа што сите оние, според мене, кои што имаа валидни документи требаше без пари да им се заменат документите. Така требаше да биде. Затоа јас мислам, дека органите за кривично гонење требаше да отворат постапка и да кажат, кој, зошто и како набавувал обрасци до 2021 иако во 2019 се сменети прописите. Значи, некој две ипол години набавувал стари обрасци и издавал стари обрасци за на крај на граѓаните да им се каже дека треба новите обрасци да ги платат без да имаат никаква вина. Тоа е делот државата што треба да одговара односно во Министерството за внатрешни работи. Ако сме правна држава и ако имаме институции кои му служат на народот, а не институции кои и служат на власта така и ќе биде“, вели Давитковски.

И поранешниот судија, сега адвокат Владимир Туфегџиќ е дециден дека вината за она што се случува деновиве е кај институциите, односно државата која издавала документи со важност која го надминува крајниот рок според Преспанскиот. Или попрецизно, документите кои тогаш се издавале требало да имаат датум на важност до рокот 12 февруари 2024.

„Одговорност мора да има од едноставна причина што во изминатите пет години се набавувани и изработувани лични документи со стариот формат и при издавањето на лични документи со стариот формат надлежниот орган на управата не презел ниту едно дејствие за навремено известување на граѓанинот дека рокот на важност на стариот формат истекува на 12.02.2024 година. Тој има обврска да го направи со запишување на рокот на важност до 12.02.2024 година во самиот документ или при издавањето на документот истовремено да му достави писмено укажување за крајниот рок на важност. Доколку се постапело на овој начин денеска состојбата на работите ќе беше поинаква, а странката ќе се сметало дека е навремено известена. Во секој случај штетата е направена и одговорноста е на менаџерскиот тим во МВР и затоа на потег е ОЈО за ГОКК во чија надлежност е постапувањето на полициските службеници“, вели Туфегџиќ за „Само прашај“.

Граѓанска голгота

Хаотични слики од пред пунктовите за фотографирање и за земање лични документи, промена на закони во последен момент, потпишување правилници на неколку часа пред истекување на роковите и тоа во телевизиска емисија, огромна неизвесност за македонските државјани во странство, нејаснотии и непрецизности во изјавите и објаснувањата околу регистарските таблички, налепниците и сообраќајните книшки се главните вести во земјава во изминативе денови. Особено, непосредно пред и по 12 февруари, терминот во кој, според Преспанскиот договор и домашната законска регулатива престанаа да важат документите на кои стоеше старото уставно име.

Ова што сега се случува може да се смета за кулминација на еден проблем, кој започна уште веднаш по постигнатиот Преспански договор кога беше објавено дека за пет години ќе следи промена на сите документи на кои стои старото име. Тогаш властите, за да ја смират топката многупати изјавуваа дека сепак нема да има краен термин во кој ќе мора да ги променат личните документи, туку дека замената ќе оди постепено како што ќе им истекува рокот и со тоа граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци.

Во член 1 од Преспанскиот договор се регулирани роковите за два периоди за замена на документите – технички и политички

„Во однос на трошоците тоа што можеме во моментот да кажеме е дека нема да има да се менуваат во еден ден сите патни исправи, туку која патна исправа како и истекува рокот ќе се менува. Што значи тие трошоци во однос на патни исправи ќе бидат во насока на редовните трошоци на вадење патни исправи кои ги имаат граѓаните на РМ. За сите други трошоци во моментот се прави анализа постои можност истите да бидат спакувани на начини на кој граѓаните на Р Македонија нема да почувствуваат никаков дополнителен трошок“, изјави на 14 јуни 2018 година тогашниот владин портпарол Миле Бошњаковски.

Но, излезе сосема спортивното. Минатата година, во прилично драматично потсетување јавноста доби информација дека 12.02.2024 година е крајниот термин во кој важат документите на кои пишува Република Македонија. Клучниот акцент беше ставен на патните исправи, малку нешто се објаснуваше за личните карти, возачките ретко се споменуваат, а најхаотично беше околу регистарските таблички.  Дополнително, цените на документите беа зголемени.

Откако Владата предупреди, тргна хаосот во пунктовите. Прв проблем - да се закаже термин. Онлајн закажувањето е посложено и за него треба повеќе време и трпение, а особено се покажа комплицирано за повозрасните грѓани. Тие се обидуваа телефонски да закажат. Искуството покажа дека ако си имал среќа да добиеш линија во август 2023, закажаниот термин е за во февруари следната година. Подоцна стануваше и полошо, оние што закажуваа во ноември, добиваа термини во јуни и во јули.

Страницата за онлајн закажување термини за лични документи на mvr.gov.mk со денови е недостапна

Откако стана јасно дека телефонските линии и вебстраницата не можат да го издржат притисокот и дека на повидок е хаос, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обиде да ја смири јавноста, со изјавата дека сè ќе се заврши навреме и се внесе нов наратив - никој нема да биде казнет.

„Нема да има никаков проблем во остварувањето на правата. Според оваа динамика којашто ја имаме јас сметам дека успешно ќе се заврши целата таа промена на личните документи. Во ниту еден случај нема да стане збор за казнување на граѓаните – тоа нема да го направиме ниту пак тие ќе трпат во остварувањето на своите права“, изјави на 21 август лани тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Но, работите само се влошуваа, а со тоа растеше и револтот, а се намалуваше трпението кај граѓаните. Ако дотогаш термините за замена на документи по редовна постапка (и пониска цена) се развлекоа до септември 2024, и термините за итна постапка (по тројно повисоки цени), наместо за 48 часа како што вели законот, се оддолжија за по два месеци.

Така на двата постоечки проблеми – немањето термини и заборавеното ветување од 2018 година дека нема да има трошоци за граѓаните, се додаде уште еден трет проблем – што ќе се случува со оние наши државјани кои остануваат заглавени во странство (голем дел живеат таму) со документи кои фактички се неважечки? Тука следуваше решението - да си дојдат дома со патен лист што ќе го добијат во Дипломатско-конзуларните претставништа. И следуваше нов проблем: Македонија нема ДКП-а ниту во сите држави, а уште помалку во повеќе градови на една иста држава. Тоа значи дополнителни трошоци за граѓаните, но и сериозен проблем – како со неважечки документ македонски државјанин кој живее во Јапонија, да оди во ДКП во Кина за да извади ваков патен лист?

Но, и кога ќе дојдат во Македонија, државата не им гарантира дека во разумен рок (дури ни по итна постапка) можат да добијат документи за да се вратат назад во најбрзо време, на своите работни места или на училиште.

Важноста на возачките дозволи и сообраќајните дозволи беше „игра на нерви“

Потоа следуваше нов студен туш - на три дена пред 12 февруари, Министерството за внатрешни работи предупреди дека не важат ниту возачките дозволи со старото име ниту пак сообраќајните дозволи. Буквално во „пет до 12“ кога стана јасно дека ако не важат возачките дозволи и низ земјава, се заканува потенцијална парализа, партиите од власта и од опозицијата конечно постигнаа консезус и изгласаа продолжување на важноста на возачките дозволи и сообраќајните книшки до крајот од годинава. Нешто што можеше да се направи и многу порано.

Понижувачки слики од пунктот за подигнување на документите

Но, со закажувањето на термин и со фотографирање завршува само половина од голготата „замена на лични документи“. Ништо не е завршено додека документот не го имаш в рака. И повторно понижувачки слики од ходниците каде се подигнуваат документите – чекање со часови, турканици, викање, кавги до граница на тепачки... Некои со денови одат да чекаат, и најчесто си заминуваат без новите документи. Никој веќе не ни известува кога некој документ е готов за подигнување, па се оди на „слепо“. Во случаите кога биле известени, има и такви кога информацијата била погрешна. Некои на самото место дознаваат дека онлајн уплатата не е регистрирана, па одат до банките да вадат потврди, па повторно се враќаат на шалтерите.

А сликите од гужви се повторија и на шалтерите на станиците за технички преглед за добивање налепници за регистарските таблички.

Каде државата погреши?

Промената на Законот за безбедност и усогласувањето со Преспанскиот договор е направена поодамна, но, грешката на властите е што не ги информираа доволно граѓаните, смета професорот Давитковски.

„Сега прво, МВР ќе се извади на финта, тоа е старо правило, непознавање на законот никого не ослободува од одговорност. Ќе тврдат дека го смениле Законот за безбедност во сообраќајот и таму си кажавме дека сите возачи и сообраќајни дозволи важат до 12.02.2024 година. Граѓаните треба да си читаат ‘Службен весник’, нормално“, иронично заклучува Давитковски.

Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници ги објаснува правните механизми што им стојат на располагање на граѓаните во случај на повреда на нивните права. Но прво мора да се дефинира правниот основ.

„Применето во конкретната ситуација која ја имаме, граѓаните кои претрпеле некоја штета или нивното право на слобода на движење им е повредено, треба да докажат дека постапувањето на државата е спротивно на закон. Тоа значи дека потребно е повредата de facto да се случи, односно граѓаните кои ќе ја тужат државата да направиле обид за излегување надвор од државата, а истото да им било оневозможено. Она што би било навистина предизвик во ваквите евентуални постапки е докажувањето токму на противправното постапување на државата во ситуацијата кога и покрај тоа што е променето уставното име уште во 2019 година, документите со ‘старото’ име на државата се издаваа и во 2021 година“, вели Цветановска за „Само прашај“.

Она што е факт е дека со постапките во изминатиот период се доби впечаток дека државата немала јасна стратегија и план како ќе се врши замената на документите, а според Цветановска дури и соопштенијата некогаш беа контрадикторни едно на друго. Таа тука го посочува примерот со информациите за важноста на личните карти по 12 февруари 2024 година, како и соопштението од МВР дека и важноста на возачките дозволи ќе престане од 13 февруари 2024 година.

Сепак, правно гледано, со оглед на тоа што измената на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата е извршена во 2021 година, и објавен во „Службен весник“ во јуни 2021 година, аргументот дека МВР доцна го издало соопштението со кое ја известува јавноста за овој податок, не би бил од голема важност за докажување на противправноста во постапувањето.

„Но, добра практика е, при законски измени кои го засегаат мнозинството од граѓаните да постои јавна кампања за да се појаснат измените. Она што, исто така, треба да се докаже во ваквите случаи е дека кај државата постоела намера, односно невнимение кога во периодот од 2019-2022 година издавала документи со старото уставно име. Државните институции треба и мора навремено да ги проследуваат сите важни информации до граѓаните за да се олесни спроведувањето на законските обврски. Би рекле дека неоправдано се одложи целиот процес на замена или усогласување на документите со измените на Уставот на државата, што укажува на недостаток на сериозно планирање и стратегија, што пак несомнено ќе влијае на правата на граѓаните“, објаснува Цветановска.

Што во случај на тужба?

Во случај на прекршување на правата, првата помисла е тужба, на што укажуваат правниците. За адвокатката Сузана Јошевска – Атанасовска направените законски измени се аргумент кој оди контра идејата за одговорност и тужби кон државата.

„Во теоријата на правото уште од римското право е познат терминот ‘правна заблуда’ или ‘error iustus’ што значи заблуда за постоењето и значењето на една правна норма. Правната заблуда, во нашиот граѓански правен систем, како општо правило, не ослободува од одговорност и не претставува основ по кој може да се бара промена на правен однос или штета. Ова од причина што се применува старото римско правило ignoratiа iuris nocet, т.е.  незнаењето на правото штети или незнаењето на правото не ослободува. Тоа значи дека ако некое правило е објавено (законите и нивните измени и дополнувања се објавуваат во ‘Службен весник’ на РСМ) тоа добива правна сила и се креира правна презумција дека секој граѓанин е запознаен со неговата содржина на правилен начин“, објаснува Јошевска- Атанасовска.

А за да има одговорност кај државата, треба да се утврди дали граѓаните биле доведени во заблуда. Во судска постапка, ќе се користат и конкретни изјави, интервјуа, соопштенија, но со точна содржина, а не паушално.

„Сепак, дали граѓаните биле доведени и држени во заблуда (што е правна дефиниција за измама) од страна на овластени претставници на власта, како ресорниот министер и сл., за фактот дека возачките дозволи и покрај измените на законот ќе им бидат важечки треба да се проценува преку анализа на конкретни изјави, интервјуа, соопштенија и сл., не паушално како што тоа се прави деновиве. Во судска постапка тоа би претставувало доказ, па важна е точната содржина на тие изјави“, вели адвокатката Јошевска- Атанасовска.

И Цветановска од Млади правници смета дека доколку дојде до тужба против државата треба да се очекува долг, тежок и неизвесен процес.

„Важечкиот Закон за парничната постапка не предвидува можност за ефикасна заштита на колективните права и интереси. Постои можност за сопарничарство, односно ситуација кога повеќе лица може да тужат со една тужба, но законот регулира дека ваквата опција е дозволена доколку предметот на спорот се барања од ист вид што се засноваат на суштествено истовиден фактички и правен основ. Токму докажувањето на овие аспекти кај сопарничарството може да го отежне водењето на постапките. Новиот Предлог Закон за парничната постапка предвидува action popularis како тужба од јавен интерес, која би требало да ги надмине ваквите процесни предизвици, но за жал предлог-законот, иако во собраниска процедура од 2021 година, сè уште не е усвоен. Она што, исто така, мора да се напомене е дека, иако постои правна можност за водење на вакви случаи пред судовите, несигурен е крајниот исход. Ваквата констатација доаѓа, пред се, поради рестриктивната практика на граѓанските судови во определување на одговорноста на државните органи во ситуација кога, како и во сегашната, се работи за обврски кои по својата природа се од управен карактер“, објаснува Цветановска.

Дискриминација или нееднаквост

Во обид да го намали револтот, власта објави дека замената на возачките и сообраќајните дозволи, како и патните листови за нашите државјани во странство ќе бидат бесплатни. Но, со тоа се отвори нов проблем – нееднаквост на граѓаните, односно како тоа едни плаќаат, а други не за иста услуга. Ова прашање му беше поставено и на вицепремиерот за економски работи Фатмир Битиќи на прес-конференцијата кога беше соопштена оваа мерка.

„Искрено, тие се дискриминирани, оние кои биле совесни и постапиле согласно законските измени, поднееле на време барања за возачки и патни исправи. Мислам дека треба да се најде начин да им се оддолжиме што биле совесни граѓани. Има одредени работи кои за жал ги забораваме. Бевме во период на ковид криза во која најверојатно издавањето на патни исправи не беше прва нужност. Не знам колку од нашите сограѓани мислеа на патување. Мислам дека првите патни исправи се издавани во јули 2021 година и можеби во овој период требаше поголема медиумска кампања“, призна вицепремиерот Битиќи.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потврдија дека владината одлука за бесплатни возачки и сообраќајни дозволи е нееднаков третман на граѓаните, но не и дискриминација.

„По повод мерката на Владата на Република Северна Македонија за вадење на возачки дозволи и сообраќајни дозволи без надомест, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација смета дека се прави нееднаков третман кон граѓаните кои промениле важечки документи со новот име на државата и за истите платиле. Во овој случај не се работи за дискриминаторска основа, постои нееднаков третман, но не и дискриминација. Институциите треба да преземат мерки за обезбедување на еднаков третман за сите граѓани во постапките на промена на важечки документи со новото име на државата“, велат од Комисијата.

Според Комисијата, која е самостоен државен орган, чии членови ги бира Собранието, државата потфрлила во обезбедувањето на важечки лични документи за сите граѓани, а мерките што сега ги презема се задоцнети.

Каква пораката испраќа овој случај?

Целиот овој хаос е само уште една голема потврда за нефункционалноста на државата, вели професорот Давитковски, бидејќи граѓаните немаат правна сигурност, прекршени им се основните човекови права, а партиите кои сега се заедно во власта си ја префрлаат одговорноста.

„Тие се навикнаа дека ова стана дел од нашиот македонски фолклор. Да не се почитуваат закони, прописи, а особено да не се почитува остварувањето на правата на граѓаните. Иако нашите закони, Законот за општа управна постапка и другите закони кажуваат дека органите на управата се сервис на граѓаните, се во функција на граѓаните, тоа нема врска. Таму се партиски лепачи на плакати кои седат, ништо не работат, едноставно да земат плата, дали и воопшто одат на работа. Какви партии таква држава. Нема демократија во партијата, нема демократија и во државата. Така се однесуваат. И ние пак сега сите ‘ко цуцулиња’ ќе одиме на избори, на едни избори, на други избори и ќе мислиме ‘е овие што ќе дојдат, или овие да останат, може се подобри’. Со овој начин на третман од државата на граѓаните, очигледно, освен за партиските војници, нема иднина за македонските граѓани. И не случајно, масовно имаме егзодус, бегање, како млади, така и стари. Одат во земји каде што се почитува личноста, се почитуваат човекови права и слободи, а не како кај нас овде, секојдневно шиканирање. И не знаеме секое утро што ќе ни се случи“, вели професорот Давитковски.

Пензионираниот професор по административно право вели дека не му е јасно зошто сето ова се случува пред избори и во услови кога и власта и опозицијата се во влада. „Не можам да сфатам што им е идејата, ама очигледно, тука се провизиите, претпоставувам, за стари и нови обрасци отколку што некој води грижа за граѓаните“, вели Давитковски.

Тој е дециден дека во овој случај се прекршува Уставот, многу човекови права и слободи, како слободата на движење, право да се патува во странство, право на работа, нешто што во светот се смета за „светост“. Тој е зачуден што ова не покренало сериозна граѓанска „револуција“, но уште повеќе е зачуден зошто не реагираат Уставниот суд и другите органи, како што е Државната комисија за спречување корупција, Јавно обвинителство. Тој е убеден дека било кој граѓанин ако покрене судска постапка за надомест на штета, ќе добие и државата треба да му ги врати парите. Но, искуството покажува дека дури и вакви случаи најчесто завршуваат како „секое чудо за три дена“.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски
Снимател: Наке Батев