fbpx

Ќе се спаси ли Скопје со новиот ГУП? 

Панорамска фотографија од Кале кон центарот на Скопје.  

Врз квалитетот на живот на граѓаните големо влијание има околината, односно, во пошироки рамки – градот. Граѓаните на Скопје веќе две децении се соочуваат со проблеми кои се појавија како последица на несовесното градење различни типови на објекти. Затоа, планирањето на градот е нешто кое директно ги засега сите кои живеат во Скопје. Тоа планирање се прави во Деталниот урбанистички план и Генералниот урбанистички план. Договорот за новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје 2022-2032 е потпишан во 2020 година и е во процес на изработка.

Што претставува Генералниот урбанистички план?

Генералниот урбанистички план или како што популарно се нарекува ГУП-от е документ кој претставува стратегија за развојот на градот во наредните десет години. Притоа, тој ги зема предвид различните аспекти на градот и потребите на граѓаните за домување, работа, рекреација и култура. Овој документ е основа за сите понатамошни просторни промени, планирање, градење и сл. Од ГУП-от зависи и Деталниот урбанистички план.

Архитектката и граѓанска активистка, Искра Јанковска-Михајловска објаснува што опфаќа еден ГУП.

Јанковска-Михајловска: Што опфаќа ГУП?

„Во Генералниот план се разработува: како ќе се шири градот во наредните 10 години, каде ќе имаме нова индустриска зона, каде ќе имаме нова населба, кои сообраќајници ќе се развијат... Се прават промени, се случуваат климатските промени, па исто низ текот на времето од некои причини се менува кружењето на ветровите. Сè ова, но и начинот на живот, секако модерниот начин на живот се менува, така што затоа и е потребата од промена на ГУП-от“, вели Јанковска-Михајловска.

ГУП-от е комплексен документ, кој содржи графички приказ, текстуален дел и нумерички дел. Оттаму, неговата изработка се базира на многу анализи и бара соработка помеѓу експерти од различни дисциплини. Слободан Велевски, професор на Архитектонскиот факултет во Скопје зборува за процесот на изработка на ваквиот план.

проф. д-р Велевски: Како се изработува ГУП?

„ГУП е гломазен документ. Формално го изработува Агенцијата за просторно планирање, по нарачка на градот и градоначалникот на град Скопје. Е сега, пред да почнете да планирате, треба да постои огромен период на подготовка. Се разбира, нема да одам во детали, таман работа. Пред сè, се прави инвертаризациска мапа на постојната состојба на градот, значи дисекција на различните намени итн. и паралелно со тоа се прават различни студии. Архитектонски факултет беше повикан за соработка, и јас и колеги од различни сегменти учествувавме во одредени подготвителни фази за изработката на ГУП. Тоа се различни елаборати и студии, коишто всушност треба да дадат инфромации и насоки. Тие не проектираат, туку тие даваат насоки на планерите коишто потоа ќе ги изготвуваат верзиите на ГУП, а планерите се од Агенција за просторно планирање“, вели професорот Велевски.

Фотографија кон бул. Партизански одреди.  

На што се должи хаосот во Скопје?

ГУП-от го диктира планирањето во Деталниот урбанистички план (ДУП). Сепак, во денешно време, инвеститорите и/или градежниците најчесто си градат по свое и одбиваат да го следат ГУП-от велејќи дека станува збор за застарен документ. Со манипулации се прават промени во ДУП-овите. Ваквото однесување е неприфатливо. Непочитувањето на ГУП-от, односно непочитувањето на препораките од експертите има последици кои ги чувствуваат сите жители на Скопје.

Покрај константното градење и доградување, проблем е и негрижата за постојните објекти, кои е пожелно да се пренаменат за да се искористат. Дополнително, може да се критикува и самиот ГУП. Професорот Велевски смета дека последните неколку ГУП-ови не содржат никаква визија за развој на градот.

проф. д-р Велевски: Последните ГУП не содржат никаква визија

„Прво и основно, сметам дека ГУП-от од чисто легислативен, треба да стане и проективен документ. Тоа е суштинска разлика. Вака декларативно можеби звучи, меѓутоа да ви подобјаснам што мислам. Тој не смее да биде само алиби, ете дека нешто се прави, дека ние се трудиме, сме правеле студии, не знам што, туку пред сè треба да има, да биде идеја. Која е идејата на сите ГУП-ови после оној од земјотресот? Значи ние од земјотресот, до сега сме имале четири, вклучително со овој постојниов, сме имале четири ГУП-ови. Различно се викале, меѓутоа четири такви документи. После оној првиот којшто го испланирал градот после земјотресот, нели од празна ливада малтене, нели повеќекратно е зголемена територијата на градот итн, овој во осумдесеттите години, средината на осумдесеттите години се труди да го дореализира, колку што се имало можности. Меѓутоа, практично тоа е продолжение, тоа е екстензија на овој планот после земјотресот. И после тоа немаме идеи веќе со плановите. Значи, Скопје во планско-проектна смисла – зборувам планско-проектна смисла, ниту е само план, ниту е само проект – е безидеен план веќе 40 години. И сè уште не се распаѓаме комплетно како град само поради таа матрица, условно кажано, поставена во шеесетите години, којшто поради парадигмата планерска во тоа време, прилично ретко изградена“, објаснува професорот Велевски.

Колкаво е учеството на граѓаните?

Архитектката Јанковска-Михајловска смета дека во минатото граѓаните биле помалку заинтересирани за ДУП-от и ГУП-от бидејќи немало потреба. Едноставно, државата повеќе се грижела за квалитетот на живот.

Денеска, потребно е граѓанско учество и заинтересираност, бидејќи очигледно заедничкото добро и одржувањето на квалитет на живот не е на прво место. Но, колкаво може да биде учеството на граѓаните во процесот на изработка на ДУП-от и ГУП-от?

Јановска-Михајловска: Колку граѓаните учествуваат во изработката на плановите?

„Во однос на ГУП-от, без разлика на мојот граѓански став, сметам дека учеството на граѓаните во изработка на ГУП-то нема многу место, односно сметам дека граѓаните можеби треба да го следат овој процес само од аспект на транспарентност и да учествуваат во оние истражувања и анализи кои се прават неопходно при изработка на ГУП-от. ГУП-от е на едно сосема друго ниво за разлика од ДУП-овите, кога ги повикуваме граѓаните да следат, да бидат активни. Во ГУП-от нема многу простор. ГУП-от е на едно друго стручно ниво, не е само работа на архитектите. Тука се социолози, демографски истражувања. Стручноста е на сосема друго ниво и граѓаните не можат да учествуваат. Нема простор за желби на граѓаните бидејќи ГУП-от е насока за развој на градот и граѓаните се корисници, меѓутоа преку ДУП-овите“, вели Јанковска-Михајловска.

Каква е визијата за идното Скопје?

Во однос на тоа како би требало да се развива Скопје, професорот Велевски е дециден дека повеќе не треба да се градат станбени згради. Тој препорачува фокусот да се стави на обликување на просторот помеѓу зградите бидејќи тој простор ги опфаќа и оние неопходни објекти, како училиште, градинка, продавница, банка и сл.

проф. д-р Велевски: Плановите треба да се во служба на граѓаните

„Е тоа е тој простор помеѓу зградите. Не се просторот помеѓу зградите само, како се вели нели, тревникот и паркиралиштето. Напротив, туку всушност животот помеѓу зградите. Тоа е вака нешто што е навистина битно. Денес во стручната фела, во Европа особено и во Северна Америка нели, САД и Канада, сè повеќе се заговара и во јавноста тој концепт на петнаесетминутен град или град на петнаесет минути. Што тоа во суштина значи? Тоа значи дека сите овие функции секојдневни, треба практично стратешките документи за планирање на градовите како што се овие генерални планови, детални планови и низа други планови, треба да се грижат да сите потребни функции кои граѓаните ги имаат на дневна основа, да не бидат подалеку од петнаесет минути пешачко или велосипедско движење. И на тој начин, всушност и оние огромни метрополитенски простори наеднаш почнуваат да фрагментираат на мали градови во градот“, истакнува Велевски.

Примената на концептот за петнаесетминутен град во голема мера би го подобрил квалитетот на живот во Скопје. Интересно е што во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, Скопје бил токму таков град. Денеска, иако не може да се каже дека Скопје е густо населен град, факт е дека се соочуваме со концентрација на население во поедини делови на градот. Таквата концентрација, наместо фрагментирањето, создава серија проблеми: сообраќаен метеж, немање простор за паркирање, паралелки со повеќе од 35 ученици во училиштата и др.

Професорката Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет во Скопје обрнува внимание на еден друг исклучително важен аспект. Нагласува дека ГУП-от треба да се изработува во согласност со можните ризици од идни земјотреси, поплави и други непогоди, како и да се земе предвид потребата за евакуација. Градењето објекти на ризични подрачја, како што е подрачјето по текот на коритото на Вардар, може да доведе до огромни штети.

проф. д-р Пенчиќ: ГУП треба да ги има предвид сите можни ризици

„Многу е интересно, УНДП работи еден голем проект за Полошкиот регион и справување со поплави и ризици од поројни дождови. Направена е дури и за Скопје, прво е направена една проценка и мапи за ризици. Едно е колку може да загинат при поплави и колкави материјални штети, а друго е колкава територија се зафаќа со тие можни бранови на поплави. И многу детално е направено за Тетово и Гостивар, па дури и за дел од другите општини од Полошкиот регион. Многу е интересно дека сега се препорачува урбанистичкото планирање. Тоа не е за да гледаме каде ние ќе ставиме разни намени, објекти, училишта, градинки, туку да се преклопат нивните мапи на ризици од поплави и таму поинаку да се планира. Значи, во најризичните зони никако да не се планираат нови градби. Дури се препорачуваат и мерки да ги иселат луѓето, да обезбедат да се раселат тие куќи коишто се во најризичните зони. Тој појас кајшто е најризично да се ослободи од градби и тука да се направат зелените коридори, паркови. Штетата ќе биде помала ако се поплави некоја зелена површина, а штетата е многу голема и нели човечкиот живот нема цена“, вели професорката Пенчиќ.

И покрај многуте постоечки проблеми, експертите се оптимистични за понатамошниот развој на Скопје. Се надеваме дека новиот ГУП на Скопје 2022-2032 ќе биде изработен имајќи ги предвид многуте аспекти и потреби на модерното живеење. На нас останува да бидеме позаинтересирани за урбанистичките планови, бидејќи градот подразбира заедничко живеење и потребна е солидарност, а не себичност.

Слушнете го целосниот поткаст подолу.

Фотографија: Дарко Андоновски