- Ваквите пациенти се третираат на Клиниката за пластична хирургија или во поранешната градска болница „Св. Наум Охридски“, а доколку се исклучително тешки пациенти, ги третира Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
- Ваков центар по сите стандарди имало во Македонија, пред 24 години, во поранешната Воена болница, а потоа во 2000 година формиран е нов центар, во старата градска болница во Скопје, но и тој е затворен во 2016.
- Оние коишто имале сериозни повреди од изгореници, од Фондот за здравство барале пари да заминат на лекување во странство.
- Со стерилна газа се покриваат изгореници, но не и постапките на надлежните кои во два наврати ги оставаат граѓаните без ваква институција.
Пожарите изминатите денови проголтаа шуми и куќи, но не успејаа да ги проголтаат системските пропусти за одговор на надлежните во вакви ситуација, како и пропустот дека во државата нема Центар за изгореници. Златко Димов, жител на Сирково, се здоби со изгореници гаснејќи го пожарот во шумата над селото. По укажаната прва помош во кавадаречката болница, бил префрлен во Скопје, на Универзитетската клиника за пластична хирургија.
Во текот на болничкото лекување за него се грижел професорот Боро Џонов. Тој вели дека една од првите работи која што им ја кажува на предавањата на студентите е дека во земјава немаме Центар за изгореници.
„Македонија е единствена држава во која не постои Центар за изгореници, статистиките конкретно не ги знам, но има голема потреба од таков Центар. Во моментов се третираат во ЈЗУ ‘Пластична и реконструктивна хирургија’ во Скопје и кај колегите во ‘Св. Наум Охридски’. Меѓутоа проблем е што се третираат заедно со сите други пациенти, односно на истиот оддел. Ние колку можеме ги изолираме во посебни соби, за да не дојде до инфекции, контаминација на изгорениците, зашто знаеме една изгореница е исто што и отворена рана, само што многу поголема површина и проблем се интрахоспиталните инфекции и од надворешните простор. Затоа тие пациенти треба да се третираат во комплетно стерилни услови. Истото се случува и во ‘Св. Наум Охридски’“, вели д-р Боро Џонов од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
Доколку се исклучително тешки пациенти, ги третира КАРИЛ, Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Таму ја добиваат сета медицинска грижа, ризикот е ист - повторно се на одделение со другите пациенти.
„Сите сме биле по центри надвор од нашата држава, сме виделе како функционира тоа. Дека тоа е посебен оддел каде што мора да постои прво филтер за стерилно влегување во тие простории, комплетно стерилни простории каде што нема да се мешаат пациентите од други проблематики заедно со изгорените пациенти, соба за интензивно лекување, којашто ќе ги прима тие пациенти, посебна операциска сала каде што треба да се третираат и посебна сала каде што ќе треба кај тие пациенти да се одржува хигиена и делумниот третман на тие изгореници“, објаснува доктор Џонов.
Сега нема, но ваков центар по сите стандарди имало и во Македонија, пред 24 години, во поранешната Воена болница. Откако дел од болницата поминал во приватната здравствена установа „Филип Втори“, граѓаните го изгубиле Центарот за изгореници. Со заложба на некои лекари во 2000 година формиран е нов центар, во старата градска болница во Скопје. Но, тој е затворен поради реконструкција во здравствената установа.
Центарот за изгореници во универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје не функционира од септември 2016 година. Тука, велат, пациенти коишто ќе стигнат со изгореници ги примаме, ги третираме на интензивна нега, а подоцна на Одделот за пластична хирургија.
Доктор Ѓорѓи Карамановски вели сè беше поинаку кога имаше Центар за изгореници, поголема беше успешноста во лекувањето. Тој безмалку 40 години работи во Итната медицинска помош. Помагал на пациенти со секакви изгореници, од пожар, струен удар, врела течност. Се интересирал и како тече закрепнувањето.
„Имало случаи кога имало изгореници. Еве се сетив сега во моментот на еден пациент во далечно од Скопје, катлановска Сушица. Пациентот се самоизгорел, над 60 – 70% што е витално загрозувачки. Така што ние постапивме максимално што можевме - поставивме венска линија, со стерилни гази го покривме, на најбрз можен начин го донесовме до градот, до градска болница. Пациентот, за жал, беше повозрасен и почина. Но, она што требаше да се направи максимално се направи и од нашата служба и максимално се направи во градската општа болница каде што беше згрижен“, вели доктор Карамановски од Итната медицинска помош.
Максимални напори како поединец низ годините наназад прави и докторот Илија Глигоров. Тој како волонтер и предавач на обуките по Прва помош во Црвениот крст, ги учи граѓаните како си помогнат ако се здобијат со изгореници.
„Ако гори облеката треба да се гаси облеката, ако нема кој да му помогне треба да се валка по земјата ќе се задуши огинот, ќе се намали штетата. Колку е пократок допирот со изворот на топлина толку е помала штетата. Битно е човек да знае дека тоа е отворена рана којашто треба да се запази од инфекција. Би требало да се лади со чиста вода ако имаме шише или од чешма, да не биде тоа валкана вода, а мраз никако не смее на раната, на изгореницата да се стави. Потоа треба раната да се покрие со стерилна газа“, објаснува доктор Глигоров.
Но, со стерилна газа не можат да се скријат постапките на надлежните кои во два наврати ги оставаат граѓаните без Центар за изгореници.
„Сме го дискутирале тоа и на стручните состаноци, секако дека имало укажувања до надлежните структури дека Македонија има потреба од еден таков центар. Просторно не е проблемот, кадарот исто така. Еве, и самиот министер спомена дека во моментов пластична хирургија е со најмногу специјализанти, преку 30 специјализанти. Така што, дури се оформи тој центар би можело да имаме и готов кадар којшто ќе се занимава со таа проблематика. Секако имаме специјалисти пластични хирурзи, и тука кај нас и во ‘Св. Наум Охридски’, па и ГОБ ‘8 Септември’, веќе имаме таму тројца специјалисти коишто би можеле да се занимаваат со таа проблематика“, смета д-р Џонов.
Оние коишто имале сериозни повреди од изгореници, од Фондот за здравство барале пари да заминат на лекување во странство. И од здравствената каса биле одделувани пари за оваа намена. Иако побаравме, од Министерството за здравство не добивме одговор за тоа дали се планира наскоро да се отвори ваков центар.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Фотографии: Дарко Андоновски, Слаѓан Милошевски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска