fbpx

Пандемијата донесе депресија и анксиозност меѓу учениците

  • Зголемен е бројот на деца со панични напади, анксиозни и депресивни состојби.
  • Според УНИЦЕФ, 30 проценти од децата на возраст од 10 до 18 години се соочуваат со депресија, а над 40 проценти со анксиозост.
  • Од затворањето на училиштата најмногу се погодени децата од ранливите групи.
  • На учениците им недостигаат вештини за комуникација и социјализација кои се карактеристични за нивниот развој.
  • Пред пандемијата 53 проценти од децата на возраст до 10 години имаа проблеми во читањето и разбирањето на текстот, а сега тој процент е 70.
 

Зголемен број на деца со анксиозни состојби, панични напади и депресивни состојби, празнини во нивото на знаење, несоодветен развој на вештините за комуникација и социјализација карактеристичен за детство и адолесценција, се дел проблемите кои наставниците и стручните служби во училиштата го забележале кај учениците по завршување на пандемијата и враќањето во училиштата. Како причина се смета долгото затворање на училиштата, учењето од далечина и неможноста за социјализација.

Неодамнешна студија на Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ) покажува дека е зголемен процентот на деца кои се соочуваат со анксиозност и депресија.

„Студијата покажа дека дури 30 проценти од децата кои што се на возраст од 10 до 18 години се соочуваат со депресија, а дури 40 и повеќе проценти со анксиозност. Ова се податоци кои се загрижувачки и токму заради тоа треба да се посветиме на подобрување на менталното здравје кај децата“, вели Кондиќ-Митковска.

Ова истражување, како што велат од УНИЦЕФ покажува дека училиштата, не се само што се место каде децата учат, туку и треба да добијат поддршка за нивното ментално здравје, да се социјализираат. За ова клучна е поддршката од стручните служби. Вакво нешто нема за време на онлајн наставата.

Од истражувањето што УНИЦЕФ го направи во јуни 2020 година за ставовите кои ги имаат луѓето за учењето од далечина покажа дека дури 90 проценти од родителите изјавиле дека никогаш не биле контактирани од страна на стручните соработници во училиштата. 80 проценти од родителите кажале дека децата не добиле никакви насоки или алатки како да се справат со стресот или анксиозноста која што ја имале како резултат на социјалната изолација“, вели Кондиќ- Митковска.

Онлајн наставата го намали нивото на знаење

Македонија се соочи со едно од најдолгите затворања на училиштата спротивно на препораките на УНИЦЕФ училиштата што побрзо да бидат достапни и отворени за децата. За време на наставата на далечина наставните содржини кои требаше да ги научат учениците беа скратени. По враќањето во училиштата наставниците најпрво што забележале се празнини во усвоените знаења.

Нашата земја се соочи со едно од најдолгите затворања на училиштата, кај нас училиштата беа затворени 54 недели наспроти 24 недели колку што тоа беше просекот во Европа и централна Азија. Во овој период дури 60 проценти од наставниците кажаа дека децата навистина се соочуваат со проблеми да го совладаат наставниот материјал. Некои од нив дури не можеа да стапат во контакт со некои деца додека тие учеа од далечна. Последиците со кои децата сега се соочуваат се огромни загуби во учењето“, вели Кондиќ- Митковска.

Но, и наставниците не биле подготвени за тоа како потоа ќе се одвива наставниот процес.

„Не можам да кажам дека беа подготвени, бидејќи никој не знаеше што ќе се случи по враќањето во училиштата. Но, првите впечатоци, наставниците забележуваат и во однос на тоа како генерацијата усвојува одреден наставен материјал или одредена наставна содржина или тема. Нивните коментари и забелешки беа токму во таа насока дека има доста пропусти во знаењето и дека содржините кои што децата во определен период го усвојувале сега им треба повеќе време, Наставниците се адаптираат на новите генерации и се обидуваат и до ден денес на некој начин она што било испуштено да се надокнади и да се усвојат знаењата“, вели Попризова.

Променет е начинот на поврзување и комуникација

Учењето на далечина и долгата изолација на децата од училиштата предизвика да се промени и начинот на комуникација и начинот на поврзување со врсниците. Училишните педагози и психолози од своето секојдневно искуство во работата со децата велат дека недостигаат овие вештини, карактеристични за нивото на развој.

Начинот на кој што децата денес се поврзуваат и комуницираат е променет, бидејќи оние вообичаени развојни начини кои што се соодветни за периодот на детство и адолесценција некако не им се извежбани, односно не ги усвоиле тие вештини за комуникација. Тој процес сега оди доста побавно. Бројот на нивни пријатели е многу поограничен од она што ние вообичаено го знаеме и е очекувано за нивната возраст. Многу потешко ги формираат контактите и полесно им е да се повлечат да се изолираат. Таа социјална интеракција подразбира да бидат мотивирани, подразибира и да бидат изложени на ново и непознато“, вели Попризова и додава дека верува дека во следните неколку години ќе настане период на стабилизација.

Кај нив е зголемен е бројот на деца кои доаѓаат со анксиозни состојби, панични напади, депресивни расположенија и посериозни депресивни состојби. Тие имаат проблеми со концентрацијата, спиењето, имаат проблеми да го запомнат материјалот имаат проблеми да се мотивираат за учење. Според Попризова тоа влијае и на опаднатиот училишен успех.

Зголемена агресивност кај основците

Кај децата во основните училишта, пак, стручните служби забележале дека ваквата состојба делува и на нивното однесување во училиштата. Тања Алексова Славковска, псиохолог и гешталт терапевт во основното училиште „Димитар Македонски“ во Скопје објаснува дека има изразено агресивно и деструктивно однесување.

Можеби онлајн се одвиваше, но дружењето со виртуелен пријател и дружењето во реалноста бара сосем различни правила и критериуми. Доста од младите го изгубија тој момент. Кога се вратија на настава како да сакаа се наеднаш да направат и како тоа наеднаш правење создава конфузија, се преминуваат границите и во вербалното изразување и она што на физички начин се манифестира и сето тоа даваше доста агресивно, деструктивно однесување и излезе проблем“, вели Алексова-Славковска.

Проблемите во прилагодувањето од настава на далечина со настава во училиштата биле поочигледни во ситуации кога тие се дружат повеќе деца и се собираат во поголеми групи.

Од што сакаа сите да се на купче и да се дружат, ги поминуваа границите на дозволено. Велат почнавме да се шегуваме, но таа шега поминала во тепачка, во несоодветно однесување, каде сите ние моравме да интервенираме. Тоа пред пандемијата беше веќе многу ретко случување. Откако се вратија во училиштата тоа беше едно бурно однесување во делот на агресивноста и сите ние бевме затекнати. Сега состојбата е доста смирена, навреме се делува соодветно се делува“, вели Алексова-Славковска.

Меѓу оние кои најмногу го почувствувале негативното влијание на изолацијата се тнр. интровертни деца, кои онлајн наставата ја сметаат за побезбедна. Но, сепак најголеми жртви на затворањето се децата од ранливите групи кои ја изгубија врската со наставниците и учениците, каде ја добиваат и единствената поддршка. А со тоа згласнала и желбата да го продолжат образованието.

Психолозите и педагозите од стручните служби во училиштата велат дека и за време на пандемијата, но и по враќањето работат и со наставниците и со децата и со родителите за да им ја пружат потребната поддршка и помош. Во случаи кога има поголеми потешкотии во прилагодувањето клучна е соработката со родителите, но дека работат и со наставниците на сензибилизација на прашањата поврзани со менталното здравје на учениците, бидејќи тие се први кои се во контакт со децата и можат да ги забележат промените и потешкотиите со кои се соочуваат.

Но, признаваат дека дел од училиштата немаат ниту соодветни просторни, ниту кадровски услови да им обезбедат соодветна помош на сите деца.

Психолозите и педагозите се оптоварени со толку многу други ангажмани во училиштето. Се случува одредени колеги да немаат време да ја вршат својата основна работа. Нашата работа како психолози во училиштата е советодавна, да пружиме помош кога е потребна. Им се даваат различни работни задачи па дури се и административци. Тоа е познато одамна и се надевам дека ќе дојде моментот кога тоа ќе се надмине и би било корисно“, вели Алексовска Славковска.

Од Министерството за образование и наука велат дека во соработка со УНИЦЕФ обучени се 40 стручни соработници од основните училишта за работа на менталното здравје на учениците и програма за ментално здравје на учениците.

Во септември годинава МОН заедно со УНИЦЕФ и Министерството за здравство почна истражување „Менталното здравје кај адолесцентите за време на пандемијата КОВИД - 19“, кое е во завршна фаза како и нова програма за советување на родители.

Со новата Концепција за основно образование усвоена во март 2021 година, како што велат од Министерството за образование се отвораат можности за иновативни приоди во наставата и учењето, кои овозможуваат поефективно и поефикасно стекнување и унапредување на знаења, со акцент на развојот на аналитичкото и критичкото мислење и поттикнувањето на креативноста.

Глобалните истражувања на УНИЦЕФ покажуваат дека значително е зголемен процентот на децата на возраст од 10 години кои имаат проблеми со читањето и разбирањето на текстот. Ако пред пандемијата 53 проценти од децата се соочуваа со вакви проблеми, сега тој процент се искачува дури до 70 проценти. Тоа значи дека навистина ќе треба да се работи многу за да се надополни тоа знаење, да се поправи однесувањето и да се вратат старите навики.

 
Новинар: Елица Бочвароска
Снимател: Славче Анѓелков и Наќе Батев
Монтажер: Фани Гошевска