- Изминативе четири години надлежните уништиле 863 тони небезбедна храна од домашно производство и од увоз.
- Во лабораториите на Институтот за јавно здравје со децении се тестираат храна, вода, лекови и се вршат и се вршат радиолошки, хемиски и микробиолошки испитувања.
- Пред 10-15 години, се тестирале од 20.000 до 25.000 примероци годишно, додека последните години тој број е речиси преполовен.
- Основен услов е лабораториите да имаат акредитирани лабораториски испитувања и да конкурираат на тендерските постапки на АХВ, но не добивме одговор каде најмногу се направени вакви тестирања и на кој принцип се бираат.
- Од Организацијата на потрошувачи бараат производители на небезбедна храна јавно да се објават, но од АХВ тоа го сметаат за „жигосување“ и доволна е објава на нивната вебстраница.
Сок или вода пиеме за да се освежиме, за да се хидрираме, без да се сомневаме дали производителот ги запазил сите процедури за безбедност. Годинава надлежните во над 6.000 литри освежителни пијалоци и во 36.000 литри вода од увоз откриле бактерии, по што ги уништиле пратките.
Скопјанката Стојанка Донева вели дека кога слуша што сè има во пијалаците, во храната, загрижена е за здравјето, и за своето, но пред сè за децата. Кога Вели, кога ги растела своите децата воопшто не се оптоварувала со тоа, бидејќи била сигурна дека сè било според стандардите.
„Порано сме гледале датум само, сме им давале, но ништо не им се случувало, добри биле, здрави. Синот и снаата кои живеат со нас, сега тие купуваат, јас сум стара речиси 80 години и тие купуваат. Ќе им кажам, гледајте што е подобро, ако е поскапо, барем нема да се плашиш“, вели Донева.
Но, ниту цената, ниту брендот веќе не се гаранција за безбедноста.

Во лабораториите на Институтот за јавно здравје со децении се тестираат храна, вода, лекови. Се вршат радиолошки, хемиски и микробиолошки испитувања и тамошните вработени веќе не се изненадени кога кај производите се открива дека содржат микотоксини, пестициди, високи концентрации на конзерванси, засладувачи, бои.
„Се случува да добиеме производи во коишто имаме зголемена концентрација на адитиви, се случува да добиеме микробиолошки неисправни производи. Тука некаде генерална оценка не би можеле да направиме, има од сè по нешто. Факт е дека контролата треба да биде малку на повисоко ниво, бидејќи споредено со претходните десетина - петнаесет години, кога сме имале повеќе 20.000 до 25.000 примероци годишно за анализа, последните години тој број е речиси преполовен, некаде примероците се губат“, објаснува д-р Маја Димитровска, менаџер за квалитет во лабораториите на Институтот за јавно здравје.
Мал е опфатот на примероци за анализа
Се намалуваат примероците, но се губи и здравјето. Влијанијата врз здравјето на хемиските контаминенти се кумулативни, за разлика од микробиолошките кои веднаш ќе ги почувствуваме, ќе имаме некои симптоми, па ќе побараме лекарска помош.
„Доколку знаеме, имаме информација дека производ не е безбеден поради афлатоксин, микробиолошка, хемиска контаминација тоа апсолутно не треба да се консумира, ниту чаша, ниту капка. Значи, во јавното здравје ние не се занимаваме со поединци и со нивната реакција. Некој поединец воопшто нема да има симптом, ниту пак здравствен ефект до крајот на животот, меѓутоа тоа не го спасува оној којшто, поради тоа што консумирал чаша или половина чаша од тој производ, ќе има здравствени импликации, компликации коишто можат дури и трагично да завршат“, вели проф. д-р Игор Спироски од Институтот за јавно здравје.
Тој апелира до надлежните да го зголемат опфатот на проверка, за да имаме безбедна храна.
„Сме имале такви случаи на производ којшто е контролиран во други лаборатории, којшто дошол на контрола кај нас и ние сме утврдиле дека има определени отстапувања којшто не го прави безбеден и тој производ не смее да биде на пазарот“, објаснува тој.
Има 32 акредитирани лаборатории
Во земјава има 32 акредитирани лаборатории. На прашањето што е пресудно, во која лабораторија ќе се носат мострите за анализа, од Агенцијата за храна и ветеринарство одговорија дека основен услов е лабораториите да имаат акредитирани лабораториски испитувања и да конкурираат на тендерските постапки на АХВ.
„Агенцијата за храна и ветеринарство оваа година има склучено различни типови на договори сo Факултетот за електротехника и информациски технологии, Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, Државна фитосанитарна лабораторија при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ФУД ЛАБ ДОО Скопје“, стои во одговорот што го добивме од АХВ.

За тоа во која лабораторија ќе се однесат примероците одлучува производителот или увозникот во договор со инспекторот. Не добивме одговор на нашето прашање до АХВ на кој принцип инспекторот ја бира лабораторијата каде да ја испрати мострата, ниту пак податоци каде најмногу се вршат испитувањата.
Но, не само кај нас, и на европскиот пазар неретко се откриваат небезбедни производи, иако ова не треба да биде утеха, туку поттик за будност.
ФОТО Маријана„Не може да стане збор за апсолутна безбедност на производите кога гледаме дека и од надвор ни се уфрлува дали е брашно, дали е каков било производ којшто што е непотполно безбеден или има високи количини на нешто“, вели Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи.
Лончар Велкова укажува и на друг проблем – користење на забранети песициди или на прекумерна употреба на дозволените, кој последниве години го гледаме преку информациите дека наши земјоделски производи се враќаат од европските земји.
Она што е потребно, вели таа, е да има следливост на храната, од нива до трпеза, но треба да има и транспарентност, кој ги крши законите и го загрозува здравјето на граѓаните.
„Институцијата којшто ги штити граѓаните не само од безбедна- небезбедна храна, супер е тоа, но треба да ги информира граѓаните за кој производител, трговец се работи, не можеме да ги штитиме трговците прекумерно, мора и граѓаните да ги штитиме“, посочуваат од ОПМ.
Од АХВ исто така, се против јавно објавување на оние кои пласирале небезбедна храна, посочувајќи дека тоа би било „жигосување“. Според нив доволно е тоа што повлекувањето на небезбедни производи го објавува на својата интернет страница и во медиумите.
Истата обврска за информирање на потрошувачите ја имаат и операторите со храна и според нив тие оваа обврска во најголем дел ја почитуваат. За оние коишто го кршат законот за Законот за безбедност на храна казните се движат до 10.000 евра.
За 6 месеци се уништени 50 тони храна
Изминативе четири години надлежните уништиле 863 тони небезбедна храна од домашно производство и од увоз. Годинава за 6 месеци уништени се 50 тони храна. Дел од производите кои биле надвор од стандардите се намаз од лук од увоз каде имало адитиви над максимално дозволените концентрации, во конзервирана туна по потекло од Тајланд имало зголемено присуство на хистамин, во кравјо сирење откриена е бактерија...
Уништена храна од животинско и неживотинско потекло, од домашен промет и увоз | |
Година | Kоличество небезбедна храна |
2020 | 257 тони |
2021 | 260 тони |
2022 | 160 тони |
2023 | 186 тони |
2024 (јануари-јуни) | 50 тони |
Уништена количина на небезбедна храна во изминатите четири години (Извор: Агенција за храна и ветеринарство) |
Безбедноста и контролирањето на храната се важен сегмент од јавната здравствена политика, кој директно влијае на здравјето на граѓаните и квалитетот на животот. Во Македонија, законската регулатива за безбедност на храната е усогласена со стандардите на Европската Унија, што е клучно за заштита од потенцијални ризици.
Иако има напредок во спроведувањето на контролите, предизвиците сè уште постојат. Затоа е неопходно континуирано унапредување на системите за надзор, вложување во опрема и обука на кадар, како и засилена соработка со меѓународните институции за да се осигури дека македонските граѓани добиваат безбедна и квалитетна храна. Но, покрај институционалната контрола, едукацијата на потрошувачите и зголемената свест за правилно складирање и употреба на храната се од суштинско значење за целосна безбедност.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Давид Милoшевски