fbpx

Против родово-базираното насилство: Kампања што треба да трае цела година

Случајот во Кочани кога жена беше избодена до смрт пред еден месец ја потврди тажната реалност дека институциите не го препознаваат фемицидот како најтежок облик на родово-базирано насилство. Со промените што ги донесе Истанбулската конвенција против насилството врз жените и семејното насилство и дополнувањето на Кривичниот законик се прошири правната рамка, ама сега институциите заостануваат зад духот на легислативата. Обвинителството го води овој настан како убиство на свиреп начин, иако жртвата и претходно пријавувала во полиција, а жената наиде на осуда и од средината во којашто живееше.

„Во овој случај, жената била жртва заради тоа што е жена. Како што слушнавме од медиумите, таа пријавувала претходно. Дури и да не го пријавувала како семејно насилство, институциите биле должни од тоа што жената им го кажувала да препознаат дека има елементи на семејно насилство, загрозување на сигурноста или физичко насилство. И тие требале да ја стават вистинската квалификација на тоа што таа го опишувала како настан и како доживување, и соодветно да го процесираат. Фактот што таа не дошла и не пријавила конкретно семејно насилство, институциите не ѝ дале третман на жртва на семејно насилство што гледаме дека на крајот резултирало со фемицид“, вели адвокатката Наташа Бошкова, која има магистрирано на родови студии.

Состојбата е далеку од розова

Познавачите велат дека постои неусогласеност на законите, проблеми со менталитетот и разбирањето на суштината на проблемот, но и со професионалноста.

„Не знам дали да кажам дека состојбата се влошува, но, не се подобрува сигурно. Не е подобрена сѐ уште, иако во 2017 година беше ратификувана Истанбулската конвенција, се направи Акциски план и сето тоа почна да се спроведува. Сепак, има многу недостатоци. Сѐ уште Јавното обвинителство гони по службена должност само ако има тешки телесни повреди, што значи не во секој случај на семејно насилство. Според  податок од 2019 година, во целата држава во една година имало само 35 судски предмети за семејно насилство. Од нив, само 7 се со донесена пресуда, од кои, пак, само една е обвинителна, а другите се ослободителни, парични казни или опомени. Оттука, не сме многу подобрени, треба уште работа за да дојдеме до некое повисоко ниво“, објаснува Маја Ацевска, од невладиниот Кризен центар „Надеж“, што повеќе од 20 години функционира како кризно засолниште на жртви од семејно насилство.

И Наташа Станојевиќ, која е посебен советник во Министерство за труд и социјална политика, смета дека состојбата не се подобрува.

„Се влошува, не многу драстично, но бројките секоја година се речиси исти во однос на пријавите за семејно и родово-базирано насилство. Иако оваа кампања ја имаме години наназад, очигледно дека не вродува со плод. Пријавите за семејно насилство се секојдневни во центрите за социјална работа, колегите постапуваат, работат со жртвите, но работат и со сторителите на семејно насилство“, вели Станојевиќ.

За разлика од нив, Жаклина Просаровска, виш полициски советник во МВР, вели дека бројките може да наведат во погрешен правец.

„Многу објективно велам дека состојбата се подобрува, и тоа со аргументи, без да ги коментираме бројките зашто тие се многу тешки за коментирање и некогаш можат да нѐ наведат во лош правец. Ценам дека со воспоставувањето на новиот систем на следење на родово-базираното насилство, насилството врз жени и семејното насилство имаме поаналитички пристап во анализирањето на континуитет и динамика на насилството. Пошироко ги земаме предвид факторите на ризик што многу силно можат да влијаат врз безбедноста на жртвата. Дефинирани се обрасци што го водат полицискиот службеник како да ја прави проценката на ризик и како да прави план за безбедност на жртвата“, смета Просаровска.

Сторителите не се казнуваат

Истражувања спроведени изминатиов период покажуваат дека 60% од жените во земјава сметаат дека насилството врз жената е нешто вообичаено, што е алармантен податок, иако најголемиот број од жртвите се жени, а многу помал број се мажи. И кога  работата ќе дојде на суд најголем дел од пресудите завршуваат со условни казни.

„Многу често се случува жртвите под притисок да повлечат тужба и да се откажат од постапката. Ако насилникот се заканува по нивниот или животот на децата постои страв кај нив, што е нормално, и во тој случај секако се откажуваат од каква и да било постапка понатаму за да го решат проблемот до крај. Не е целата вина во институциите. Ние постојано работиме на тоа да ги охрабриме жртвите да издржат до крај, да бидат похрабри и да имаат поголема самодоверба за да можат да го истераат целиот процес до крај и да дојде до решавање на проблемот. И еден од најголемите проблеми е тоа што сторителите не се казнуваат“, објаснува Ацевска од кризниот центар „Надеж“.

„Следењето како течат судските постапки од пријавувањето до изрекувањето на судската пресуда покажува дека дури и оние мал број случаи кои завршиле во судска постапка, завршуваат со ниски казни или со условна осуда. Имало ситуации кога насилникот го повторил кривичното дело сторено во контекст на семејно насилство и повторно добил условна казна, што сигурно испраќа порака и до насилникот дека ваквото однесување е дозволено и охрабено, а жртвата е обесхрабрена понатаму да бара заштита во институциите“, посочува адвокатката Бошкова.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека по ратификацијата на Истанбулската конвенција редовно се прават обуки на полициските службеници за да можат да го препознаат родово-базираното и семејното насилство. Кога случајот ќе биде пријавен во полиција, службениците се должни да одговорат и да направат проценка на ризикот - дали е низок, среден или висок. Се проверува дали насилникот има историја на насилство, дали претходно му се изречените мерки и дали ги почитувал, дали поседува оружје кое веднаш се одзема, по што се прави планот за заштита на жртвата.

„Тоа што во одреден момент значи низок ризик, многу лесно може да премине во висок ризик по однос на здравјето и животот на жртвата или членови на нејзиното семејство. Од тие причини, главниот акцент во проценката на ризик е ставен на тоа да се следи динамиката и интензитетот на насилството. Динамиката значи дали претходно се случувало насилство, да се следат поплаките што не значат казнено-правен настан, меѓутоа значат индикација дека може да се случи казнено-правен настан, да се следи историјата на однесување на сторителот, да се земаат предвид отежнителните околности и фактори што го прават ризикот повисок - дали станува збор за зависник, дали станува збор за лице кое се оддава на алкохолизам. Сите тие фактори заедно се ставаат во проценката на ризик. Тоа значи дека се предвидуваат можните текови за тоа дали во моментот постои висок ризик за животот и здравјето на жртвата или членови на нејзиното семејство, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата или членови на семејството или ризик да се повтори насилството. И во сите случаи, ризикот го цениме за висок. Дури и кога постои минимален ризик дека насилникот може да го повтори насилство, должни сме да ги преземеме сите мерки“, објаснува Просаровска од МВР.

Патот што жртвата може да го помине

Пријавата за семејно насилство може да биде анонимна од самата жртва, здравствените работници или вработените во полициските станици каде што најчесто се обраќаат жртвите. По кој било основ да добијат пријава, стручните лице од центрите за социјална работа се должни да постапат веднаш. Рокот за постапување е веднаш, а најдоцна до 12 часа да ја контактираат жртвата, да направат проценка на ризик и да ѝ ги понудат сите опции кои ѝ следуваат според закон. Во Македонија има 7 регионални центри за прифаќање жртви на родов-базирано и семејно насилство, 7 регионални советувалишта, а тука се и капацитетите на граѓанските организации.

„Прво, се прашува и се прави процена дали ризикот е низок, среден или висок и во зависност од тоа се прават мерки. Доколку се работи за висок ризик, тогаш има мултисекторски пристап, се вклучуваат и Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, и се изготвува безбедносен план за жртвата. Доколку таа не се чувствува безбедна каде што живее или каде што би била прифатена да живее, ѝ се понудува сместување. Имаме 7 регионални центри за сместување на жртви на семејно насилство, каде што ја добива целокупната психосоцијална поддршка од страна на стручните лица. Доколку има деца со себе, се прави преместување на децата во училиштето каде што се наоѓа регионалниот центар за сместување на жртви на семејно насилство и се работи со неа. Значи, доколку таа смета дека сторителот би можел да ги повтори насилството, дава согласност за центрите за социјална работа да отпочнат постапка за изрекување времени мерки за заштита од сторено семејно насилство“, објаснува Наташа Станојевиќ од Министерството за труд и социјална политика.

Една од влезните врати кога станува збор за семејно и останати форми на родово-базирано насилство е и здравството.

„Во таа насока, еден од чекорите е нудењето на здравствената услуга. Втор чекор е пријавувањето во центрите за социјална работа и задолжително е и пријавувањето во полиција. Понатаму во постапката е гонењето на сторителот, односно контактирање на Обвинителството. Доколку при приемот во здравствената установа се констатира дека станува збор за жртва на сексуално насилство, тогаш ја препраќаме во постоечките три центри за жртви на сексуално насилство“, додава Нермина Факовиќ од Министерството за здравство.

Кога жртвата доаѓа во полициска станица да пријави насилство, записникот и разговорот треба да го води инспектор кој е специјално обучен за работа со ваква категорија на жртви.

„Тоа е добро затоа што обезбедуваме повисок степен на заштита на жртвата. Тој инспектор понатаму го води целиот случај - првично го обавува разговорот и понатаму комуницира со јавниот обвинител, со центарот за социјална работа, обезбедува поддршка и помош, се прави планот за безбедност на жртвата и се запознава жртвата на соодветен начин. Униформиран полициски службеник генерално го имаме тогаш кога се случува акутно насилство и кога жртвата се јавува во полициска станица и бара помош. И тогаш целта е да спречиме насилство, да го заштитиме животот и личната сигурност на жртвата“, вели Жаклина Просаровска од МВР.

Дали насилството се препознава?

Освен физичко, насилството може да биде психичко, економско кога се спречува или ограничува правото да се остваруваат приходи, сексуално, сексуално вознемирување преку интернет, присилен абортус и други форми. Но, институциите не секогаш си ги знаат надлежностите. На пример, здравствена услуга за жртва на родово-базирано или семејно насилство треба да биде бесплатна, но, во реалноста тоа не секогаш е случај.

„Согласно Протоколот за меѓусебна соработка, здравствените услуги не треба да се наплатуваат на жртва на семејно насилство, иако кај нас се случувало кога ќе донесат некоја жртва која треба да се згрижи, да ни каже дека платила здравствена услуга, односно лекарски преглед. Нам ни е чудно како е тоа можно. Зарем здравствените работници, матичните лекари не знаат дека не треба да наплатат на жртва?“, прашува Маја Ацевска, од невладиниот Кризен центар „Надеж“.

Од Министерството за здравство се децидни дека здравствените услуги за жртвите на семејно или родово-базирано насилство не треба да се наплатуваат.

„Кога жртва на семејно ќе дојде во здравствена установа, најважно и прво што се прави е спасување на нејзиниот живот. Тоа е итна медицинска помош, односно итна здравствена услуга којашто ѝ се нуди. По прегледот што го добива се документира случајот и се издава потврда за нејзината состојба. Понатаму се продолжува со третман и со терапија и се пристапува кон советување и психосоцијална заштита“, вели Факовиќ од Министерството за здравство.

Стигмата и стравот ги спречуваат жртвите да пријавуваат насилство

Македонија е етнички шарена држава. Искуството на Кризниот центар „Надеж“ покажува дека најголемиот дел од пријавите се од припадници на македонската етничка заедница, па следуваат ромската и албанската, што се толкува дека е поврзано со културата и традицијата. Од друга страна, стигмата и стравот од осуда се подоминантни и поизразени во помалите населени места.

„Најмногу пријави имаме во Скопје како најголем град во државата. Во помалите градови, бидејќи луѓето се познаваат меѓу себе, жртвите не се охрабруваат да пријават. Најчесто кога имаме сторено насилство во еден од помалите градови, доколку е потребно сместување, се сместува во друг регион. Центрите за социјална работа соработуваат меѓу себе. Секогаш се постапува веднаш во рок од 12 часа, но, во согласност со тоа што жртвата ќе го побара. Да напоменам дека никој не може да покрене постапка без согласност на самата жртва. Можеби психичкото насилство што жените го трпат не го детектираат дека е насилство и не го пријавуваат и тоа потоа прераснува во тешко физичко насилство, па доведува и до фемицид. Треба да се зголемува јавната свест дека не е насилство само доколку некоја жртва е физички претепана, бидејќи според измените на законот, и демнењето, следењето, пишувањето пораки по телефон и заканите е семејно насилство. Но, нашиот менталитет е сѐ уште – ајде, ѝ напишал порака, тоа не е ништо. Да, тоа е еден чекор да се продлабочи семејното насилство“, посочува Наташа Станојевиќ од Министерството за труд и социјална политика.

Податоците од МТСП покажуваат дека од 2019 до 2023 година во земјава се регистрирани 20 случаи на фемицид, што е најекстремна форма на родово-базирано насилство и се дефинира како „убивање жени затоа што се жени“. Според Јавното обвинителство, пак, за период од три години се поднесени 17 кривични постапки за фемицид.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска