fbpx

Шест децении по скопскиот земјотрес, бестрашни власти градат пркосејќи им на правилата

Со 14 гласа ЗА, три ВОЗДРЖАНИ и три ПРОТИВ, на 20 јули Општина Центар донесе нов ДУП за градската четврт кај Стара железничка станица. Така овој простор ќе добие нова висококатница на паркингот кај Рамстор во висина од 23 метри, а постојниот објект на КАМ на спротивниот крај на улицата ќе расте од 16 на 23 метри.

Вака предложените измени на ДУП-от за потегот кај Стара железничка станица се спротивни од планот даден на јавна расправа и спротивно на ГУП-от, а базирани на одлуки од нова и попустлива Комисија формирана 2022 која одлучила поинаку од Комисијата во 2020 на барањата по Јавната анкета.

На седницата која е јавно достапна на интернет се гледа дека повеќето од советниците кои користат годишен одмор, ги вклучуваат од плажа за да го дадат својот глас. Како ретко кога, советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ едногласно кренаа рака за да помине овој ДУП, воздржани беа советниците на Левица, а единствени против беа тројцата советници на Шанса за Центар.

Тојцата советници од Шанса за Центар сметаат дека на шест децении по разорниот скопски земјотрес е погубно да се носат вакви планови кои, според нив, се потенцијална опасност при наредна слична катастрофа.

Zeleniot grad Skopje se sopna na ulicata Orce Nikolov divna pencic„Тој дел од градот, таа градска четврт, тоа е голема болка на градот. Од едно место каде што можеше да се направи најубавиот дел во градот, со Стара железничка станица, симболот на нашето повторно изникнување, не случајно Скопје го има знакот феникс, за сега тоа делче да стане максимално изградено и тоа со едни функции кои не му носат многу на граѓанинот, му носат на оној што сака да троши пари, на конзумеризмот, а не да успеевме да направиме подобри јавни простори во тој дел“, вели Дивна Пенчиќ од Шанса за Центар.

За тој дел биле изработени и конкурсни решенија пред многу време кои што во ниту еден случај не предвидуваат толку многу изградба. Направени се и проекти каде што тој дел требаше да биде градско зеленило, градски парк во непосредна близина на Музејот на Град Скопје, симболот на непокорот на Скопје.

„Пробуваат да ни префрлат комплетно слика во една боја дека сме против секакво градење, само да има зеленило на сите страни итн, меѓутоа нашата позиција има многу повеќе нијанси. Ние ги согледуваме сите потреби, дека градот треба да се развива итн, меѓутоа како тоа се прави, квалитетот на тоа, како се планира, што се добива од тоа, дали ние како граѓани добиваме подобар квалитет на живот од тоа или губиме или тоа планирање оди во насока на тоа само некој да ги наполни џебовите, тука е разликата“, вели Јане Димески.

Од Шанса за Центар велат дека урбанизмот мора да прави баланс помеѓу јавниот и приватниот простор, но наместо тоа, ние денеска немаме институции кои го бранат јавниот простор.

„Тоа сè што се случува со такво згуснување на градот, на одредени места и тоа не е само случајот таму, тоа е случај и со паркингот на Холидеј Ин, тоа е случај со намерата на преостанатиот дел од Буњаковец, ние го губиме практично сиот слободен простор во Центар кој може да биде наменет и за нешто различно отколку само стамбен или деловен простор. Стамбениот и деловниот простор, секако ние не сметаме дека не треба да го има, но мора да го има соодветно на некакви параметри за тој да не го наруши квалитетот на живеење. Она што за жал требаше урбанистичкото планирање да го направи во Скопје, во текот на годините, како институциите да ја заборавија својата улога, која требаше да биде некаква заштита на заедничкото, на јавното добро, на јавниот интерес од една страна а од друга страна да речам, на тој нескротлив инвеститорски притисок“, вели Јана Белчева.

Освен апсурдноста на леснотијата со која се одобрува хаотичното градење, од Шанса за Центар велат дека изненадува и инвеститорската логика. Имено, најновиот тренд на градење во Скопје се трговски центри, а советниците велат дека е очигледно оти на секој нов отворен – два се затвораат.

Тие велат дека апсурдно е и тоа што на највисоко, на централно ниво Владата носи стратегии и потпишува меѓународни договори, се приклучува кон стратешки цели за зелена агенда и слично и на крај она што се практикува на терен е сосема во спротивна насока.

Сепак, убедени се дека народот реагира и оти тој притисок е силен обрач за сите власти кои посегнуваат по скратување на квалитетот на животот на обичниот граѓанин за инвеститорски профит на поединци.

„Мислам дека длабоко сме влезени во таа насока и дека луѓето реагираат. И ова што се случува и во Влае и во Лисиче е гласот на луѓето. Значи се борат! Во струмичка котлина луѓето се борат! Овие утре ќе одговараат пред луѓето што направиле и како направиле, затоа е нашата надеж“, изјави Пенчиќ.

  Содржината е изработена од Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова

Снимател: Слаѓан Милошоски

Монтажа: Давид Милошоски