
- Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) официјално признал дека негови претставници, Сузана Јаневска и Сашо Дуковски дале неточни и нецелосни информации пред Комисијата за заштита на конкуренцијата.
- На 4 и 5 март 2025, ССКМ доставил одговори до КЗК, каде што го признава лажното сведочење, што може да има влијание врз висината на евентуалната казна.
- Комисијата покрена постапка против ССКМ, како и против четири ланци маркети (ВЕРО, Тинекс, КАМ и Рептил), поради сомневање за картелско здружување за влијание врз цените.
- Ако се потврди прекршокот, маркетите и ССКМ може да бидат казнети со 10% од приходите за последната деловна година, што би изнесувало милиони евра.
- Допрва ќе се утврдува дали ваквото признание ќе доведе до поблага казна за ССКМ и дали ќе се потврди вина за маркетите кои се под истрага.

Целиот документ „Прелиминарно известување за утврдена фактичка состојба“
Ваквото признание на ССКМ доаѓа откако на 21.02.2025 година Комисијата за заштита на конкуренцијата достави Заклучок до Комората во кое се наведува дека при контролите на 7 и 11.02.2025 година било утврдено дека Јаневска и Дуковски зборувале невистина и се обиделе да ја доведат во заблуда КЗК.Заклучок за поведување прекршочна постапка против ССК
По доставувањето на Заклучокот за поведување прекршочна постапка до ССКМ на 21.02.2025 година, за кој веќе пишуваше Само прашај во текстот „Четири маркети може да добијат милионски казни за договор за влијание врз цените“, на 04.03 и на 05.03.2005 година Комората доставила до КЗК одговор и дополнување на одговорот каде што и признале дека двете лица од Комората не ја зборувале вистината.
Според Законот, Комората во рок од 15 дена, значи до 27 март, има право да се изјасни по наводите во ова Прелиминарно известување за утврдена фактичка состојба, да даде забелешки и да предложи изведување на докази со кои располага.

Го прашавме Сојузот на стопански комори што очекуваат од ова признание и дали се надеваат дека со ова КЗК ќе биде поблага во казната и нема да им изрече максимална глоба од 1% од годишните приходи како што пишува во членот 61 (став 1 точка 10) од Законот за заштита на конкуренцијата.
Одговор не добивме во предвидениот рок.
Допрва ќе се одлучува за евентуалните казни
Но, добивме одговор од Комисијата.
Оттаму велат дека документот што го објавуваме е веродостоен и дека со него се потврдува нашата констатација во претходниот текст дека ССКМ лажела во во овој случај. Но, од КЗК велат дека ваквото признание не води кон директно потврдување на вториот случај каде што освен ССКМ се истражува картелското здружување на четирите маркери. Според Комисијата ова е засебен случај кој сè уште се разгледува.
Инаку, на 20.02.2025 година Антимонполска донесе и Заклучок за поведување на прекршочна постапка против Сојузот на стопански комори (ССК), ВЕРО, Тинекс, КАМ и Рептил и нивните застапници, дека има сомнежи дека „на 05.02.2025 година во Сојуз на стопански комори на Македонија одржале состанок на кој склучиле договор и/или усогласено се однесувале, со што ја замениле состојбата на непречена конкуренција на пазарот со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата преку утврдување на заедничко однесување кон добавувачите што претставува постоење на евентуален прекршок од член 59 став (1) точка 1), а во врска со член 7 став (1) точка 1) од Законот за заштита на конкуренцијата“.
Заклучок за поведување прекршочна постапка против ССК, ВЕРО, Тинекс, Рептил и КАМ.
Ако се утврди дека е направен прекршокот, четирите маркети и ССК ќе бидат казнети според член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата или со 10% од вредноста на вкупниот годишен приход остварен во последната деловна година, изразена во апсолутен и номинален износ.
За да биде појасно за какви суми станува збор, ако се земат во предвид приходите од 2023 година, а не од 2024 бидејќи сè уште ги нема официјалните завршни сметки, казните би биле милионски.
Приходи на ВЕРО, КАМ и Тинекс во 2023 година
Маркет | Приходи (2023) | Казна од 10% на приходите |
Веропулос | 102,6 милиони € | 10,26 милиони € |
КАМ | 268,8 милиони € | 26,88 милиони € |
Тинекс | 98,3 милиони € | 9,83 милиони € |
Според нашата проекција направена врз основа на завршните сметки за 2023 година (за 2024 година ќе се објават наскоро), доколку Комисијата донесе одлука за казнување на овие четири маркети, ВЕРО би требало да плати казна од 10,26 милиони евра, КАМ 26,88 милиони евра и Тинекс со 9,83 милиони евра.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Горан Теменугов
Фото: Дарко Андоновски
Поврзани стории:
Четири маркети може да добијат милионски казни за договор за влијание врз цените
Градежен олигопол со поддршка на банките диктира астрономски цени на становите
Владата се меша во методологијата на Синдикатот за да ја намали синдикалната кошница