- Истражувањето на ИКС ја проверува претпоставката дека младите (18-28 години), повозрасните лица (над 60 години), како и лицата кои се социоекономски загрозени се посебно подложни на дезинформации.
- Анализата се фокусира на утврдување на индивидуалните фактори, мотиви и бариери за препознавање и за справување со дезинформации и поврзаноста на медиумската писменост со умешноста за препознавање на дезинформации во интернет-вестите.
- Заклучокот е дека граѓаните кои се медиумски писмени се повеќе свесни за постоењето дезинформации, можат активно да учествуваат во процесот на следење вести и подобро умеат да ги препознаваат дезинформациите и да се справат со нив.
- Ова истражување е иновативно бидејќи за првпат прави соодветна скала и индекс на медиумска писменост.
Експлозија од сечии мислења, објави на социјалните мрежи, виртуелни дебати, блогови и веб страници. Кибер-просторот, но и традиционалните медиуми се преплавени со податоци и информации за сѐ нешто кое би можело да го привлече вниманието на публиката, но многу често во морето на такви информации се кријат „јадици“ кои ги ловат оние кои во извесен момент не можат да препознаат информација од лажна информација или дезинформација.
Студентите и пензионерите се свесни за ова и генерално ги препознаваат бариерите за идентификување на дезинформациите, но скоро никој целосно не ги препознава сите знаци за дезинформации во Интернет-вестите.
Ова го покажува истражувањето „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Македонија“, кое го спроведе Институтот за комуникациски науки кон крајот на минатата година (2022), прво од ваков вид во Македонија. Посебноста е во дефинирање на можните фактори, мотиви и бариери за препознавање на дезинформациите, и обид за нивно мерење и квантифицирање.
Преку ова истражување, ИКС сакаше да ја провери сопствената претпоставка дека младите (18-28 години), повозрасните лица (над 60 години), како и лицата кои се социоекономски загрозени се посебно подложни на дезинформации. За таа цел беше спроведена сеопфатна анализа на досегашните истражувања, но и теренско истражување на примерок од категории потенцијално ранливи во однос на дезинформациите.
„Поголем број студенти, исто како и пензионери се согласуваат во поголем степен дека емоциите предизвикани од некоја вест, како и недоволното искуство и немањето интерес за темата во веста, а особено недоволното знаење, може да претставува бариера да се разликува точната од лажна вест“, се вели во заклучоците на истражувањето.
ЕУ интеграциите и климатските промени се како жив песок
Целта на истражувањето е да се пронајдат внатрешните, психолошки и лични карактеристики на луѓето кон тоа колку се медиумски писмени, а со тоа и колку се отпорни на дезинформации. Во истражувањето опфатени се 291 испитаник од три фокус групи: студенти (193), пензионери (98) и лица приматели на социјална помош (16). Во групата на студенти преовладуваат лица од женски пол и од урбана средина, додека во групата на пензионери преовладуваат лица од машки пол и главно се од Скопје. Групата пак на приматели на социјална помош е од Скопје.
Препознавањето на дезинформациите е поврзано со медиумската писменост (Фото: ДУТ)
Во истражувањето се проверува медиумската писменост и способноста на овие групи граѓани во препознавање на лажни вести и дезинформации што се емитуваат по интернет, бидејќи на Интернет најлесно и најбрзо може да се рашират разни лажни вести и дезинформации, кои може да имаат многу негативни последици врз целокупното општествено живеење. Тоа беше направено преку „проверка“ на нивните познавања околу процесот на ЕУ интеграција на Македонија и климатски промени.
Она што ни го откри ова истражување е дека препознавањето на дезинформациите е поврзано со еден сложен конструкт наречен медиумска писменост, односно способноста критички да ги читаме информациите и да проценуваме како се создадени и со која цел.
Заклучоците се дека:
- Медиумската писменост е поврзана со умешноста за препознавање дезинформации во интернет-вестите кај студентите, но и не кај пензионерите.
- Медиумската писменост во потполност значи и добра информираност за актуелни, општествено-политички теми.
- Во однос на групата социјални случаи, и покрај ниското ниво на образование или немањето образование, впечатокот е дека има доволна свест за постоењето на медиуми кои постојано пласираат разновидни информации; потреба за знаење, особено за информации кои им значат егзистенција, како и „здраворазумско“ заклучување.
Како бариери во процесот на препознавање дезинформации се детектираат: емоциите, недоволното знаење, недоволното искуство, недоволната заинтересираност и недоволната важност што им се припишува на одредени теми за кои медиумите нѐ информираат.
Кај студентите и кај пензионерите би можеле да се профилираат две групи индивидуи: Со пониска и со повисока медиумска писменост.
Најголем број од студентите кажале дека вести следат на интернет, преку компјутер или телефон, а само три отсто кажале дека не следат вести на интернет. Една третина од нив кажале дека претходно учествувале на некоја обука за медиумска писменост. Податоците покажаа дека студентите со пониска медиумска писменост имаат и помали познавања за темите и помала успешност во препознавање на знаците на дезинформации во интернет-вестите, за разлика од оние со повисока медиумска писменост.
Скоро 80 проценти од пензионерите кажале дека немале искуство со обуки за медиумска писменост, а речиси 70 проценти кажале дека следат вести преку дигиталните средства за комуникација.
Кај пензионерите пак, разликата во тоа дали се со пониска или повисока медиумска писменост единствено има влијание врз познавањето на темите, но успешноста во препознавање на знаците на дезинформации во интернет-вестите е мала и кај едната и кај другата група.
„Нема испитаник студент што ги препознал сите знаци на лажна вест во една или повеќето интернет вести. Во однос на сите три интернет вести најголем е бројот на студенти кои не успеале да препознаат ниту еден точен знак за лажна вест. Само на последното квиз прашање пронајдени се 9 знаци на лажна вест од еден пензионер. Најголем дел од пензионерите не препознале ниту еден или само еден знак на лажна вест“, се вели во заклучоците од истражувањето.
Кај лицата приматели на социјална помош има само еден профил на индивидуи: без едукација за медиумска/дигитална писменост, без писменост за вести, не следат никакви вести, мал процент се информираат првенствено од телевизија, информациите што се важни за нив ги проверуваат преку лични социјални контакти („на улица“), не познаваат општествено важни теми и немаат интерес за нивно следење и не го познаваат поимот дезинформации.
Студенти
Студентите за разлика од пензионерите имаат поголема потреба за свесно сознавање на информациите, бидејќи испитувањето кај нив покажало дека оваа потреба е нешто над просекот, додека кај пензионерите е околу просекот.
„Сметам дека младите не им придаваат многу значење на дезинформациите и лажните вести и дека тоа е повеќе грешка на образовниот систем, бидејќи не остава простор за критичко размислување. Важно е да целиме да бидеме отворени за дебата за тоа која вест е дезинформација, а која е вистинита и што сака веста или авторот на веста да предизвика кај нас. Ако веста ја направил професионален новинар и ако целта е да се протне дезинформација или манипулативна вест, тоа тешко можеме да го разликуваме. Дезинформациите што се пуштаат на интернет сметам дека повеќето може да се разликуваат“, вели Матеа Несторовска, студент на новинарство на Правниот факултет во Скопје, која беше дел од работилницата за претставување на истражувањето што на 8 март годинава се одржа на Правниот факултет во Скопје.
Иако студентите во најголем број го делат мислењето на Матеа дека можат да ги распознаваат дезинформациите и лажните вести од вистинитите информации, сепак признаваат дека често во групите за комуникација со своите врсници споделуваа нешто што виделе на Интернет, да се развие дискусија на таа тема, а при тоа да не проверат дали споделената информација е точна или не.
Младите главно споделуваат непроверени информации во групите за комуникација (Фото: ДУТ)
Проф. Јасна Бачовска - Недиќ од Правниот факултет во Скопје, вели дека е многу важно да се развива концептот за распознавање на дезинформации и лажни вести од вистинските информации, особено за студентите по новинарство, бидејќи во иднина тие ќе продуцираат вести.
„Концептот за распознавање на дезинформациите не е на ниво на курикулум, но како неформален дел и јас и сите мои колеги правиме дебати со студентите, за да ги сензибилизираме за да може да распознаваат дезинформации. Тоа е многу важни и од аспект на граѓани кои утре треба да носат одлуки, но и за самата нивна професија како новинари. И имиџот што го има правосудниот систем во земјава не е баш таков како што се прикажува. Многу е важно студентите да можат да ги разликуваат дезинформациите и кои се изворите на дезинформации“, вели професорката Бачовска-Недиќ.
Пензионери
Но, за разлика од студентите, пензионерите, пак, се повеќе свесни дека од нив зависи колку и како ќе бидат информирани, покажа истражувањето.
Пензионерите се посвесни за тоа колку и како ќе бидат информирани
„Со дезинформациите се справувам на свој начин, ги преиспитувам, селектирам и анализирам, а кога не сум сигурна се консултирам со моите најблиски. Кога не бев доволно упатена во овие работи, ми се случи еднаш и да споделам дезинформација. Читам вести од култура, за некои достигнувања и патеписи. Се информирам од ТВ, од Фејсбук и преку контакти со луѓето. Ако веста ми предизвика негативни емоции, се трудам да ја нивелирам и да ја исчистам од себе што побргу. Јас сум доктор по професија и ги знам тие фазони. Никогаше не нарачувам лекови од Фејсбук“, вели Снежана Макревска, пензионерка која беше дел од обуките на ИКС за препознавање на дезинформации.
„Целосно не им верувам на медиумите, а се информирам од телевизии и од Фејсбук. Сакам да знам како да се заштитам од дезинформациите. Кога не сум сигурна дали некоја вест е дезинформација или не, се консултирам со моите внуци кои се ИТ експерти. Имам ‘чувари’ по дома, постојано ме предупредуваат дека не треба да верувам на се што ќе прочитам на Фејсбук. По обуката која ја имавме денеска повеќе ќе внимавам. Знаењето за тоа како да се заштитиме од дезинформациите го применуваме во пензионерскиот весник во кое нема дезинформации, туку само факти. Никој не е имун на емоциите, но човек треба да има резерва за тоа што чита“, вели Станка Трајкова.
Професорката Елеонора Серафимовска, од Институтот за социоилошки и политичко-правни истражувања, која заедно со Јорданка Черепналкова Трајкоска се авторките на ова истражување, вели дека овој резултат според кој пензионерите се посвесни за тоа колку и како ќе бидат информирани воопшто не ја зачудува, со оглед на тоа дека повозрасните лица имаат и повеќе искуство.
Искуството нѐ прави понезависни, поодговорни (Фото: ДУТ)
„Тоа не е неочекуван податок со оглед дека пензионерите зад себе имаат поголемо, побогато искуство речиси во сите сфери на социјалното живеење и секако имаат и побогато искуство со информирање од медиумите. Можеби не со новите медиуми и технологии, но со мејнстрим медиумите секако да. Искуството нѐ прави понезависни, поодговорни и ја развива самодовербата и чувствотo дека имаме контрола врз одредени ситуации, влијанија. Познато е и дека младите се помалку општествено одговорни и сѐ уште не се влезени во процесот на заработување, барем најголем број од нив и не постигнале потполна независност. Тоа ги става во ситуации на непреземање одговорност за разни аспекти на општественото живеење, па неретко ќе се пренесе и во сферата на трпење влијание од медиумите и големиот број дезинформации“', вели проф. Серафимовска и додава дека на младите треба постојано да им се поставуваат предизвици од кои ќе учат и така ќе станат помоќни во однос на разните социјални влијанија.
Што е целта?
Мартин Пушевски новинар во Македонската радиотелевизија и Соња Петрушевска Поповска уредник во телевизијата Алсат кои беа предавачи на работилниците со учениците и пензионерите сметаат дека искуството од ваквите обуки е дека тие се исклучително корисни – и за оние кои ги следат, но и за самите обучувачи за да знаат каде посебно треба да се работи.
Преку обуките се совладуваат техниките за препознавање дезинформации
„Се покажа дека без разлика на која возраст сме, сите сме во одредена мерка ранливи и подложни на дезинформации или други манипулативни содржини, некои повеќе, а некои помалку. Затоа, од исклучителна важност е да се зајакне отпорноста кај секој од нас, да се совладаат одредени техники за препознавање на ваквите содржини, да се стекне повисока медиумска писменост и да се создаде поголема медиумска култура. Во текот на обуките работевме со практични примери од секојдневното медиумско опкружување, што овозможи објективно да се процени и ранивоста и отпорноста кон дезинформации. Оттука, сметам дека овие обуки се навистина вредни за луѓето коишто се дел од нив, а тие потоа можат да го споделат и пренесат стекнатото знаење“, вели Пушевски.
Петрушевска Поповска посебно ја истакнува важноста на ваквите предавања за пензионерите кои и најмногу следат вести и со тоа се најмногу изложени на разни висови дезинформации и од традиционалните и од дигиталните медиуми.
„Најпривлечни за дел од нив се рекламите во кои се нудат лекови за најразлични болести или лажните наградни игри на социјалните мрежи од некој маркет, а се верува и на мејловите наводно испратени од државни институции (УЈП, МВР), во кои се бараат да споделат лични податоци. Иако голем дел од нив стануваат се попретпазливи кога ги читаат вестите и почнуваат да проверуваат кој ги објавил или ја пребаруваат веста и по други медиуми, дел од пензионерите потврдија дека понекогаш емоциите ги совладуваат и тогаш може да поверуваат во некоја дезинформации, дури и да ја споделат. По дискусијата за тоа како дезинформациите се фокусираат на нашите емоции и за клик-бејт насловите, голем дел од нив рекоа дека отсега повеќе ќе внимаваат што читаат, од кои медиуми и ќе ги проверуваат вестите пред да ги споделат“, вели Петрушевска Поповска.
Посебно внимание се посетува на рекламите на социјалните медиуми
Ова е прво вакво истражување во Македонија, но како што вели професорката Серафимовска не може да се каже дека едноставно ја покажува состојбата со медиумската писменост во Македонија.
„Ова истражување имаше намера да ја истражува медиумската писменост во ‘длабочина’, поточно во фокусот на истражувањето беа внатрешните, пред се психолошки фактори кои ја определуваат медиумската писменост. Но, со сигурност може да посочи кои се факторите кои ја определуваат медиумската писменост, како што со сигурност може да каже дека медиумската писменост, сфатена како сложен конструкт од писменост за вести, мотивација за следење вести, мотивација за учење и едукација за дезинформации и свесност за сите пречки кои можат да се појават во тој процес на препознавање дезинформации, влијае врз умешноста да се препознаваат знаците за дезинформации. Резултатите покажуваат и дека медиумската писменост придонесува и кон општествена одговорност сфатена во смисла на познавање на современи и важни теми кои вообичаено се основа за донесување правилни одлуки во социјален контекст“, вели Серафимовска.
Конкретните сознанија од ова истражувања според неа, треба да ги мотивира сите кои се вклучени во процесот на едукација на граѓаните за медиумска писменост со голема сериозност и одговорност да пристапат кон изнаоѓање на креативни начини на развивање на писменоста за вести, кон дизајнирање на програми кои ќе развиваат интелектуална љубопитност на граѓаните, ќе градат соодветни знаења за медиумите, ќе поттикнуваат чувство на имање контрола врз начинот на кои се информирани од медиумите, ќе развиваат внатрешна мотивација за следење вести, како и свесност за постоење на препреки во процесот на препознавање и справување со дезинформации.
„Преку развивање на сите овие аспекти ја развиваме всушност умешноста на индивидуата да препознава знаци за дезинформации, како и успешно да се справува со нив. Едукацијата за медиумска писменост треба да биде континуиран и долготраен процес, процес што постојано ќе ги имплементира новите предизвици и сознанија во однос на функционирањето на медиумите и медиумските системи, како и кибер-просторот“, вели професорката Серафимовска.
Истражувањето е дел од проектот на Институтот за комуникациски студии „Употреба на новинарство засновано врз факти за подигнување на свеста и за спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти)“, којшто треба да ја зајакне отпорноста на широката јавност и на ранливите групи во Македонија кон дезинформации. Тој е финансиран од Британската амбасада во Скопје и трае од 2022 до 2025.
Општата цел на Проектот е да обезбеди поддршка на граѓаните, на новинарите и на граѓанските организации да го зголемат јавното разбирање за потеклото, за мотивите и за влијанието на дезинформациите во општеството. Проектот ќе креира длабински и истражувачки новинарски стории и едукативни содржини и ќе понуди ресурси што ќе им овозможат на граѓаните да ги препознаат дезинформациите, критички проценувајќи ги нивните извори, мотиви и ефекти. Истовремено, проектот има за цел да ги поттикне граѓаните да се ангажираат за поголема транспарентност на институциите за да се намали просторот за ширење дезинформации, а од друга страна, да ги поттикне медиумите и институциите да обезбедат поголем пристап до веродостојни информации и вести.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Елица Бочвароска