fbpx

Фотоволтаици – чекор напред, три назад

  • Од Владата кажаа дека со олеснувања во Законот за градба, домаќинствата и помалите компании може веднаш да поставуваат фотоволтаици на покривите за да произведуваат струја, но тоа не е така.
  • Сè уште треба сложена документација, постапката е скапа, а има и ограничувања колку струја може да се произведе.
  • Причина за тоа е што ЕВН Хоум има интерес да продаде енергија, Електродистрибуција дава „амин“ за приклучок на мрежата, а двете компании се дел од иста групација – ЕВН, велат од Стопанската комора за енергетика.
  • Власта и ЕВН негираат дека законските измени штитат нечии интереси.
  • Измените на Законот за градба сè уште не се изгласани во Собранието, пред прагот на зимата.
 

„На граѓаните ќе им укажеме дека процедурите се поедноставени и дека веднаш може да пристапат кон поставување вакви објекти“. Ова го изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кон крајот на август кога ги претстави владините измени на Законот за градба за полесно справување со енергетската криза, која зимава ќе достигне кулминација, и ги прати во Собранието. Со нив, домаќинствата и компаниите може да поставуваат фотоволтаични панели на покривите на објектите за самите да произведуваат струја, без дозвола од општините. Но, иако најавени како големо олеснување, се чини дека во праксата не е така, дури и измените сè уште не се усвоени.

Во постапката нема само едно тесно грло

За поставување на фотоволтаици, на домаќинствата и помалите стопански објекти сè уште им се потребни елаборати, проекти, ревизија, а за поголемите капацитети се плаќа и такса од 7 илјади денари само за да се добие мислење за можност за приклучување на мрежата.

„Треба да биде со еден обичен формулар во кој пишуваш колку панели инсталираш, значи технички карактеристики колку вати се панелите, колку киловати е целата централа и една полна шема, да кажеме, за да може да те приклучат. Сè од останата документација е непотребна. Дури има барање од Агенцијата за цивилно воздухопловство да се изработи елаборат, па дозвола од Агенцијата која треба да даде одобрение дека не му зрачело на некој пилот кога летал на 10 илјади метри итн. Значи, наместо да ги намалат документите, тие дополнително ги прошируваат“, критикува Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија.

Уште една дилема е зошто има ограничувања во производството на струја – до 6 киловати моќност за домаќинства и до 40 за правни лица, иако има фирми кои трошат значително повеќе електрична енергија, а можат самите да ја произведат. Според Манасков, единствена причина е тоа што ЕВН Хоум има интерес да продаде енергија, Електродистрибуција дава „амин“ за приклучок на мрежата, а двете компании се дел од иста групација - ЕВН.

„Едно семејство за да може да се спаси и да нема проблеми, потребно е да си стави толку колку што му треба, или една компанија колку што ѝ треба да стави фотоволтаици. Ако јас купувам струја по 700 или 800 евра колку што е на берзата, а имам можност на покривот да ставам колку што ми е потребно и притоа производот да ми биде поевтин како компанија, тогаш е најдобро да си ставам колку што ми е потребно, а не да ме ограничуваат“, вели Манасков.

И првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски смета дека условите треба да се олабават.

„Треба колку е капацитетот да се постави на еден покрив, да се постави целосно. Може да биде и 7 киловати моќност, може да биде и 8 киловати моќност, но сега се оди чекор по чекор да видиме со овие 6 киловати како ќе оди понатаму. Јас верувам дека ќе се ослободи. Тоа што е на покрив можност да се постави, да се постави до крај“, изјави Бислимовски.

Власта и ЕВН негираат дека се штитат нечии интереси

Од власта и ЕВН тврдат дека ограничувањата не се за да се заштитат нечии интереси, туку најоптимално да се искористи сончевата енергија за сопствени потреби. Сепак, ако едно домаќинство или помал стопански објект сака да продава струја на отворен пазар ќе му треба лиценца.

„Овој концепт има за цел искористувањето на произведената електрична енергија да се оптимизира, односно да се користи главно за задоволување на сопствените потреби. Доколку субјектот има можност за поставување фотонапонски панели со повисока инсталирана моќност, за истото нема ограничување, односно може да стане производител согласно законската процедура и да се стекне со лиценца за производство на електрична енергија“, соопштуваат од Министерство за економија.

Од ЕВН за ограничувањето од 6 киловати моќност за домаќинство велат дека тоа е максимумот за искористување на постоечкиот приклучок на мрежата, без да се прават нови инвестиции.

„Од анализите е воочено дека репрезентативно домаќинство најголема придобивка ќе има доколку инсталираната моќност е во опсег од 4 до 6 киловати и дека голем дел од произведената електрична енергија ќе се искористи за сопствени потреби. Доколку се инсталира поголема моќност, тогаш најголем дел ќе се предава во мрежата и бенефитот ќе биде значително помал“, велат од ЕВН.

Меѓутоа, во други земји од соседството, граѓаните можат да се здружат во енергетски задруги за заедно да произведуваат струја и да ги понесат трошоците. Дел од произведената струја се користи и за улично осветлување, со што се намалуваат сметките. Во Македонија нема таква можност, a инвестицијата воопшто не е мала. За домаќинствата, во зависност од опремата, може да достигне и до 10 илјади евра.

„Локалните самоуправи во Србија почнале уште летово да субвенционираат индивидуалци, значи граѓани да постават соларни фотоволтаици, што кај нас не е случај. Значи, општината да ги види овие инвестиции како инвестиции од јавен интерес, да ги поттикне и охрабри граѓаните зашто оваа сума за инсталирање на фотоволтаиците не е мала и секој не го може тоа, особено во земја каде има висок процент на сиромаштија, зашто е голема инвестиција. Потребно е да се размислува стратешки“, објаснува Мила Јовановска, претседателка на невладината организација „Гоу Грин“.

Законските измени во Собранието доцнат

Сепак, измените на Законот за градба сè уште не се изгласани во Собранието, пред прагот на зимата, иако беше познато дека се очекува тешка енергетска криза.

„Сакаме да стимулираме и да поттикнеме инвестиции од граѓаните тоа да го прават или сакаме да им отежниме ама да кажеме дека треба да се прави? Значи доцниме. Пикот на енергетската криза се очекува да биде декември – јануари. Еве денеска да се почне со желбата, дури и ако сме финансиски моќни да поставиме фотоволтаици на куќа, тешко дека ќе можеме тоа да го направиме до декември кога нè очекува најлошото оваа сезона“, реагира Јовановска.

Ова укажува дека претстојнава зима, иако од Владата најавувани со фанфари, фотоволтаици на покривите ќе нема доволно, а сонцето ќе остане неискористен ресурс за производство на струја за многу домаќинства и компании.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Тони Стојановски
Монтажер: Борче Крстевски