fbpx

Загрижувачка е промоцијата на фашистичкото минато на царска Бугарија

 

Во времето на царот Борис Трети, во 1940 година во Бугарија е донесен Законот за заштита на нацијата со кој се ограничуваат правата на Евреите и се легализира антисемитизмот и омразата кон Евреите. На докажаниот борец за имплементација на таканареченото конечно решение на еврејското прашање, му нема место на позитивната страна на современата историја, изјави за „Само прашај“ претседателот на Еврејската заедница на Република Северна Македонија, Пепо Леви.

Во Охрид е отворен бугарски клуб именуван „Цар Борис Трети“. Како реагира Еврејската заедница на Македонија на овој чин, 80 години по страшните настани што се случиле на територијата на денешна Македонија?

Еврејската заедница на Република Северна Македонија на отворањето на бугаркиот клуб „Цар Борис Трети“ реагираше во повеќе наврати на телевизии, во пишаните медиуми и на бројни портали на интернет. Во нашето соопштение до медиумите од 10 август годинава, јасно и недвосмислено ја искажавме нашата згрозеност од неодговорната регистрација на клубовите со имиња на проверени фашистички соработници на Хитлер. Загрижува леснотијата со која се отвораат таквите клубови, со кои на голема врата во Македонија се враќа и промовира фашистичкото минато на некогашниот окупатор на Македонија, царска Бугарија.

Еврејската заедница на Република Северна Македонија смета дека ваквите провокации на еврејскиот и на македонскиот народ создаваат само омраза и нетрпеливост помеѓу бугарскиот, македонскиот и еврејскиот народ. Искрено се надеваме дека Јавното обвинителство во Охрид ќе ја прифати нашата кривична пријава против регистрацијата на културниот клуб „Цар Борис Трети“ и ќе им даде налог за промена на името доколку сакаат и понатаму да егзистираат на просторите на Република Северна Македонија.

Да не заборавиме, царот Борис Трети и владата на царска Бугарија се директно одговорни за депортацијата на Евреите во центарот за убивање Треблинка, во окупираната Полска. Во текот на март 1943 година, повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Тракија и јужна Србија, од кои 7.144 Евреи од Македонија се депортирани во логорот на смртта, од каде никој жив не се врати.

Во времето на царот Борис Трети, во 1940 година се промовира и Законот за заштита на нацијата со кој се ограничуваат правата на Евреите и се легализира антисемитизмот и омразата кон Евреите. Зар треба да ја заборавиме омилената фраза на цар Борис Трети, преземена од нацистичката Германија: „Еден цар, еден народ, една држава“?! На докажаниот борец за имплементација на таканареченото конечно решение на еврејското прашање, му нема место на позитивната страна на современата историја.

Прочитај го целото истражување „Македонија – Бугарија: Соседска сопка на патот кон ЕУ

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Весна Ивановска-Илиевска
Фотографка: Маја Јаневска Илиева