
Со заменикот министер за надворешни работи Зоран Димитровски зборувавме за наводите во извештајот на Томас Вајц за постоењето на некаков „српски свет“ во Македонија, кои ја вжештија дискусијата на домашен план. Тој смета дека нема сериозна аргументација за наводното српското влијание и дека напротив нашата држава „извезува македонски свет“. Македонија, вели тој, целосно ја има усогласено својата надворешна политика со ЕУ кон Украина, членка е на НАТО, и не отстапува од курсот за евроинтеграција и оттука нема допирни точки со политиката на Белград.
Во извештајот на Томас Вајц се вели дека во Македонија има српско влијание и српски свет. Што мислите, од каде ги извлекол тие заклучоци и дали се основани таквите наводи?
- За жал, таму ја има и формулацијата „српски свет“ која беше создадена пред неколку години после настапите на српскиот министер Вулин кој говореше за тоа. Мислам дека таа формулација за српски свет и за некакво српско влијание е ставена на барање на неколку бугарски европратеници, а Вајц ја прифатил, со идеја да го балансира делот каде што во четири места во извештајот првично беше споменат македонскиот идентитет и македонскиот јазик, и можеби малку несмасно и тактички да го избалансира сето тоа. Инаку, автор на таа идеја дека во Македонија има српско влијание и дека сме ние дел или треба да бидеме дел од некаков српски свет, е условно речено бугарската врховистичка политичка елита која се обидува да наметне теза дека во Македонија сѐ што не е бугарско е српско. И тоа е идеја уште од времето на Санстефанска Бугарија. Во суштина бугарската и научна и политичка елита не може да прифати никаков македонски свет и никаков македонизам. Таму интензивно се работи на бугарски свет – официјална Софија, како што знаете, се обидува да пронајде и да регрутира етничко бугарско малцинство во Албанија, на Косово. Тоа е автентичен бугарски свет како што тие сакаат да го направат. Бидејќи Македонија отстапува од таа нивна матрица тогаш, тоа се припишува на Белград дека ние сме наводно дел од српскиот свет и остануваме заробени во таа српска матрица.
Се разбира тоа е комплетна невистина ако ги погледате другите елементи како се однесува надворешната политика на Македонија и на што се темели. Нели ако си дел од некаков српски свет нужно е да бидете дел од надворешната политика на Вучиќ, надворешната политика на Србија. Но, ние сме комплетно спротивни на таа надворешна политика што ја води Србија, барем што се однесува до клучното прашање на меѓународната заедница – односот кон украинската криза. Значи, комплетно, санкции, сто отсто усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, санкции кон Русија, помош на Украина, неколку пакети помош и тоа ќе продолжува. Значи, ние не сме дел од тој свет. Не само што не сме, туку сме и спротивставени.
И друг аргумент - имаме во Владата коалициски партнер ВЛЕН кој што од друга страна знаеме дека има сериозна соработка со косовската влада предводена од господинот Албин Курти. Имаме одлични односи со таа влада. Како може да биде обвинувана влада што соработува со Албин Курти дека е дел од српски свет?
И трето, не помалку важно, сите потези што ги влече надворешната политика на Македонија се наспроти тој условно речено српски свет - стратешкото партнерство со Велика Британија, со САД. Така што не гледам сериозна аргументација дека сме дел од некаков српски свет.
Македонскиот свет е отпорен
Треба ли да се сфатат сериозно тие наводи во Извештајот? Каков е односот на Владата спрема нив?
-За тој извештај се разговараше надолго и нашироко во Македонија. Тој извештај не е обврзувачки, затоа што едно се извештаите подготвени од Европската комисија кои што ги усвојува Европскиот совет, други се извештаите на Европскиот Парламент. Во Европскиот Парламент има различни мислења, има радикални структури, десница, левица, крајна десница, крајна левица и за жал некогаш во извештаите допираат и таков тип на радикални мислења кои во реалноста немаат никаква поткрепа. Тоа не значи дека ние не треба да дадеме значење затоа што знаеме од каде доаѓаат таквите извештаи, односно таквите интерпретации на она што се случува во Македонија. За жал, има поткрепа и од одредени структури во Македонија на таквите размислувања дека ние сме дел од српскиот свет. Пред сѐ тие тврдења се базираат на некаков фолклор или култура благодарение на тоа што ние сме живееле 50-тина години заедно во иста држава во Југославија, па имаме рефлексии на култура, гостување на пејачи од поранешна Југославија, од Србија итн, нешто што се случува на целиот некогашен југословенски простор, па дури и во Хрватска. Значи, најголемите турбо-фолк ѕвезди гостуваат и во Хрватска, па дали тоа значи дека Хрватска е дел од некаков српски свет? Со други зборови ние сме дел од една културна матрица на еден поширок југословенски простор.

И мене не ми се допаѓа што имаме многу повеќе српски, хрватски или босански ѕвезди во Македонија отколку македонски. Но тоа беше нашиот културен простор. И логично е. Ние не можеме тоа да го пресечеме преку ноќ и да форсираме некаква друга културна матрица. Инаку во ’90-тите години ако се сеќавате имавме шоуа на телевизија А1 со бугарската телевизија каде што настапуваа македонски пејачи. Мислам дека некои познати имиња како Кајмакоски беше во Софија, и тоа шоу престана. Сега гледаме на Гранд победуваат наши млади пејачи со македонска музика и фолклор, и тоа е некаква взаемна размена. Фактички ние изведуваме и македонски свет. Сакам да резимирам во овој контекст дека актуелната Влада посветува многу внимание на ширење на македонската национална идеја и на ширење на македонскиот свет.
Било какви пројави за српски свет или албански свет во Македонија или некакво друго влијание е можеби само резултат особено на тие политички структури и на тие државни проекти некаде кои што сакаат да имаат влијание во Македонија. Но мислам дека има доволно отпор овој македонски свет кој што е веќе создаден со децении во Македонија и дека само се засилува во тој контекст.
Може ли странските замешателства, дезинформирање и манипулирање со информации да се одразат на претстојните локални избори? Еве, на пример, имаше наводи од Бугарија дека премиерот Мицкоски некогаш барал бугарски пасош, а во кампањата веројатно ќе има уште такви упади?
- Од кај нашиот источен сосед интензивно се настојува да се дејствува во тој правец. Не знам кои се тие структури дали се државно спонзорирани дали се радикални политички партии во Бугарија, но видовме неколку портали чија цел е да објавуваат дезинформации со една единствена намера да се направи конфузија пред сѐ во македонското јавно мислење, недоверба кон водството. Ако се сеќавате и кон минатата влада имаше таков тип на субверзивна војна, кога се јавуваа по телефон руски хумористи.
Така што, таков тип на замешателства ќе има секогаш. Јас не верувам дека ќе имаат влијание на локалните избори. Која е суштината на проблемот? Ние гледаме дека во Македонија нема буквално никаква сериозна политичка сила која што е наклонета кон некакво антизападно расположение и да води некаква антизападна матрица. Ние сме членка на НАТО, кандидат за членство во ЕУ, без оглед што имаме сериозни пречки на европскиот пат. Оваа влада се обидува да ја држи таа единствена ориентација. Но што се однесува до некои наши соседи тоа не е така. Гледаме политички елити во Бугарија во највисокиот врв кои што имаат поразлично мислење кон светските геополитички движења. Имаат малку поразличен однос кон Путин без оглед што се членки на ЕУ, имаме во владата одредени ставови, имаме различни ставови од страна на претседателот на Бугарија. Така што, радикалните структури и оние структури кои што сакаат да му наштетат на европскиот пат пред сѐ на земјите од Западен Балкан, и тие што се поврзани да речеме со Москва во Бугарија се доста силни. И тие можат да се обидат, за да направат штета токму на неинтегрирање на овој дел од Балканот во Европа, да создаваат такви наративи кои што ќе фатат некаков корен меѓу Македонците. Но, мислам дека Македонците и македонските граѓани во принцип и Албанците ги ставам тука и сите, се доволно свесни да не наседнуваат на вакви матрици.
Гледам замешателства во изборите и преку комуникациски канали, Јутјуб итн, но за среќа не гледам релевантна политичка сила во Македонија што може да биде носител на една таква политичка матрица.
Софија да направи квантен скок
Кога сме кај односот кон Русија, тамошниот лидер и руската пропаганда, токму соседите не се имуни на тоа...?
Инаку за односот кон Путин беше мерено јавното мислење неколку пати во изминатиот период. Во Грција и Бугарија е многу поголемо отколку во некои други земји, да речеме освен во Србија. И тамошното население, без оглед што се земји членки на ЕУ и НАТО има различни ставови и за украинската криза. Од тие причини тоа таму фаќа корен. А кога на тоа ќе ја додадете бугарската националистичка матрица дека Македонците само треба да кажат дека до 1945 година биле Бугари и нема проблем ќе станат членки на ЕУ, тоа многу сериозно може да наведе и одредени разузнавачки служби други фактори кои што можат да влијаат за да се обидат да пласираат ваков тип дезинформации за кои ме прашавте.

Дали спорот со Бугарија може да биде изложен на влијанија од трети страни за да дојде до негова натамошна ескалација?
Ние сме реално сега на една точка кога навистина некои работи станаа многу јасни и оттука натаму мислам дека нема да доживееме ново дупло дно. Работите се јасни во контекст на идентитетските барања од страна на Софија. Тие сакаат да го искористат евроинтеграцискиот процес на Македонија за да ги изведат своите сан-стефански цели на современата бугарска држава кои датираат уште од времето на формирањето на Бугарија од 1878 година. Тоа сакаат да го направат на суптилен начин, преку историската комисија, реализацијата на протоколите потпишани од минатата влада до крај. И ние сакаме уште на почетокот од нашиот европски пат да ги разјасниме тие работи.
Слушавме од Софија од одредени високи политички структури дека ова е важно да го направиме како чекор (уставните измени). Мислам и дека постои и европски притисок за Бугарија натаму да не поставува билатерални услови. Но мора да се разреши тој проблем кој што е сега дел од преговарачката рамка и да добиеме, јас не би рекол гаранции туку со политичка волја од бугарската страна да биде покажано и од највисоките политички структури дека ние нема натаму да се соочуваме со идентитетски барања.
Но, верувам дека е тешко тоа сега да се случи во Софија. Меѓутоа треба да стане јасно дека тоа не е во интерес на Бугарија туку во интерес на Бугарија е Македонија да стане членка на ЕУ и да имаме навистина добрососедски односи, и да се почитува од двете страни историскиот наратив. Никој не сака да се меша во бугарскиот историски наратив. Тие, кон нас како кон соседи треба да се однесуваат со почит и со комплетно со дигнитет. Така што, тој квантен скок ќе треба да го направи и Софија за да не биде искористена во матрицата на руското замешателство на Балканот чиј основен интерес е да биде ослабена и ЕУ и западниот свет.
И Балканот во геополитичките потреси
Кога сме веќе кон тие прашања, колку Балканот може да биде ранлив при последните геополитички случувања?
-Еве гледаме што се случува, Европа на некој начинм осамостојувајќи се од САД во својата одбранбена политика сака да вложува многу повеќе во својата одбранбена самостојност. Тоа Русија очигледно го чувствува како закана така што за нив би било добро, не само НАТО да не се шири, туку и ЕУ да не се шири односно да има барем проблеми на Балканот. Особено што на Балканот има меѓуетнички проблеми на кои што Москва може да инклинира иако не директно да се вмешува туку преку прокси играчи да се обидува преку структури - дали е тоа во Москва, Белград, Бања Лука не е важно, но да прави одредени проблеми. Но јас мислам дека нашата политичка елита и власта и опозицијата е доволно зрела да не подлегне на ваков тип на странски замешателства.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Поврзани стории
Европските пари помагаат, но и го (ре)моделираат регионот
На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете
Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации
Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани

