fbpx

Државните реклами во медиумите носат директна и непоправлива штета

  • Владата на Зоран Заев и Али Ахмети во 2017 г. го забрани рекламирањето на државните и локалните институции во медиумите, што беше една од највпечатливите алатки на претходната власт на Никола Груевски за контрола врз медиумите.
  • Во 2018 г., Владата го смени Изборниот законик, што овозможи во приватните медиуми да се одлеат милиони евра од државниот буџет.
  • Законските измени за државно рекламирање преку кампањи од јавен интерес се туркаат и покрај противењето на речиси цела медиумска фела, освен националните телевизии кај кои ќе се одлеат парите на граѓаните.
 

Владиното рекламирање во медиумите преку „кампањи од јавен интерес“, платено со парите на граѓаните, е враќање на политиките од времето на владата на Никола Груевски и претставува повторно навлегување во сферата на купување политичко влијание во медиумите – велат новинарските здруженија, експертите и државните антикорупционери.

Со овие измени, државните институции и општините, не само што ќе можат, туку ќе  имаат и обврска да нарачуваат кампањи на теми од јавен интерес, кои ќе бидат платени со буџетски пари. Дури 75 отсто од парите предвидени за ова ќе одат кај петте национални телевизии - Сител, Канал 5, Телма, Алсат и Алфа, додека остатокот ќе го делат сите останати медиуми. И покрај противењето на речиси цела медиумска фела, законските измени се крчкаат, а притисокот од националните телевизии за што побрзо носење на овие измени се засили откако во јули Собранието ги донесе измените на Законот за ААВМУ кои беа за усогласување со директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги. Моментот е важен и поради тоа што се наоѓаме на неполна година пред редовниот термин за парламентарни избори, а можеби и уште поблиску до нив, доколку партиите се договорат за предвремено изборно соочување.

Прибе препорача, Владата не испорача

На една од своите први седници, во август 2017 година, владата на Зоран Заев и Али Ахмети го забрани рекламирањето на државните и локалните институции во медиумите, што беше една од највпечатливите алатки на претходната власт на Никола Груевски за контрола врз медиумите. Во негово време, во медиумите, на кои постојано се повторуваа кампањите како оние за трето дете, против абортусот и „Ти си Македонија“, се одлеаја милиони евра народни пари. Со нив власта на Груевски си ја купуваше наклонетоста на медиумите, кои ги користеше како платформи за агресивен пласман на својата политичка пропаганда. Што повеќе државни пари се вбризгуваа во медиумите, тие стануваа сѐ помалку професионални, сѐ позависни, се понеобјективни.

Владата на Зоран Заев на една од своите први седници, во август 2017 година, го забрани рекламирањето на државните и локалните институции во медиумите

Заев и СДСМ, кои долго беа опозиција, жестоко го критикуваа владиното трошење во приватни медиуми маскирано во „кампањи од јавен интерес“ нарекувајќи го медиумска корупција. Дури и во изборната кампања на тогашната опозиција во 2016 година, едно од главните ветувања беше укинување на државните јавни платени кампањи во медиумите. Критична беше и Европа, дотаму што и во фамозниот извештај на експертите предводени од Рајнхард Прибе, тие буквално напишаа дека „купувањето политичка поддршка од медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо“, препорачувајќи наложување „строги правила за владиното рекламирање“. Само неколку недели по доаѓањето на власт, во август 2017 година, новата влада, повикувајќи се на препораките на Прибе, децидно ги забрани државните платени реклами во медиумите, како дел од нејзиниот „план 3-6-9“ за итни реформи во државата.

Забраната за државните платени реклами во медиумите влезе во владиниот План 3-6-9

Но, само една година подоцна, во 2018-тата, Владата го смени Изборниот законик, префрлајќи го во рацете на државата, односно на Државната изборна комисија, финансирањето на медиумското претставување на политичките партии и на кандидатите пред секои избори. По ова, следуваа и други „заобиколувања“ од власта, со кои во приватните медиуми, владите на Заев, Ковачевски и Ахмети одлеаја нови милиони евра од државниот буџет. На оваа пракса и тогаш залудно се спротивставуваа новинарските организации, како и Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Во слаби демократии и во финансиски уништени медиумски системи не треба да сте не знам каков експерт за да сфатите дека кога Владата истура милиони, се отвора огромен простор за да го искористи тоа за наметнување на своето политичко влијание во тие медиуми. Имајќи предвид дека токму оваа Влада како свое изборно ветување имаше предвидено крај на практиката на државни реклами што ја воведе Груевски, се разбира дека медиумската заедница остана шокирана кога пред неколку години отворено кажаа дека имаат намера да ја вратат оваа политика“, вели Катарина Синадиновска, која е еден од коосновачите на Советот за етика во медиумите и до неодамна членуваше во ова новинарско тело.

„Се разбира, тие сѐ уште ќе ве убедуваат дека не е исто, но не само што е исто, туку овој пат е пострашно - оти доаѓа од гарнитура што уживала доверба од еснафските заедници во процесот на заедничко креирање на солидни законски решенија - нешто што за волја на вистината го испорачуваа во првите години. Да не заборавиме дека во неколку наврати имаше обиди ова да се протурка под европско знаме, што беше спречувано благодарение на сили во претходните влади кои биле сојузници на медиумските организации, заедно со навремените реакции на Европската унија, преку Делегацијата во Скопје“, додава Синадиновска.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и други медиумски организации, повикувајќи се на искуствата на од годините во кои државното рекламирање во приватни медиуми беше редовна пракса, постојано укажуваа на тоа дека таа не носи никакво подобрување на состојбата во медиумите и слободата на информирање, туку напротив - дополнително го пореметува и онака ранливиот медиумски пазар и го засилува клиентелизмот.

Против измените е речиси цела медиумска фела, освен националните телевизии кај кои ќе се одлеат парите на граѓаните

„Да се потсетиме дека парите на граѓаните завршуваа на приватни сметки, но не се трошеа за подобрување на квалитетот на програмата и содржини од јавен интерес, ниту за поголеми плати на медиумските работници“, велат од ЗНМ.

Според политикологот и комуниколог Иво Босилков, финансирањето на медиумите од државниот буџет во нашиот контекст е „еуфемизам за поткуп и контрола“.

„Тоа што власта се обидува да го маскира преку идеолошко-техничкиот новоговор е стандардна пракса за замајување на масите и создавање несигурност околу вистинската цел, а таа е зацврстување на сопствената моќ. Манипулацијата успева со децении наназад бидејќи легитимни теоретски постулати како борба против дезинформации или стимулација на професионално новинарство систематски се инструментализираат низ јавниот дискурс. Кај нас суштината на овие поими е одамна одвоена од нивниот посакуван ефект како перформативен акт - да ја потхранува илузорната надеж дека овдешните носачи на политики верно ги следат принципите на носачите на политики во развиените демократски општества“, вели Босилков.

За националните телевизии „лавовски дел“ од колачот, а бараа уште повеќе

За враќање на државното рекламирање во медиумите, власта размислуваше уште зимата 2020 година, во периодот меѓу парламентарните и локалните избори. Но, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои повторно беа пуштени „во оптек“ во јавноста лани во јули, беа усвоени пред два месеца, по цела година.

Политиколозите со кои разговаравме велат дека тајмингот на носење на законските измени, но и самиот начин на кој Владата сака повторно да го врати државното рекламирање во медиумите, со доделување на 75 отсто од парите на петте национални телевизии: Сител, Канал 5, Телма, Алсат и Алфа, укажуваат на вистинските причини поради кои се носат измените, наспроти владиното објаснување дека тоа се прави заради „усогласување со ЕУ-директивите“ и „почесто спроведување и емитување јавни кампањи со цел на поголемо подигнување на јавната свест“.

Според анкетите на јавното мислење, телевизијата, традиционално најважниот начин на кој македонските граѓани се информираат за политиката, и натаму доминира. Во последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), објавена во мај годинава, телевизијата е главниот извор на политички вести за дури 72 отсто од граѓаните, а дури половина од младите луѓе во земјава (старосната група од 18 до 35 години) вести гледаат главно на телевизија.

Телевизијата е главниот извор на политички вести за дури 72 отсто од граѓаните(Извор: ИРИ)

Петте телевизии, всушност, се повеќекратни добитници од последните законски измени. АВМУ се обврзува да им ги продолжи националните концесии на девет години, доколку телевизијата нема правосилна пресуда за кршење на одредбите од Законот за АВМУ. Иако ќе добијат дури три четвртини од државните милиони наменети за „кампањите од јавен интерес“, националните телевизии во јавната расправа за законските измени бараа да добијат уште повеќе – 85 отсто од парите наменети за сите медиуми. Во една од верзите имаше и предлог да им следува и надоместок што ќе треба да им го плаќаат кабелските оператори кои ги реемитуваат.

Мирчевски: Забраната за кампањи им се тресна од глава на оние кои го бараа тоа

Зошто сметаат дека предлогот, со алокација на 75% од средствата наменети за националните телевизии, треба да помине, а процентот треба да е и поголем и каков е одговорот на позицијата на новинарските здруженија, кои велат дека ваквиот начин на државно рекламирање во приватни медиуми отвора простор за клиентелизација на медиумите и ќе се наруши нивната објективност и независност, став побаравме од Иван Мирчевски, претседател на Македонска медиумска асоцијација (ММА).

-Доколку т.н. професионални медиумски здруженија се реални и не ја замајуваат и дрско лажат фелата за која впрочем постојат, ќе треба да ѝ ја соопштат на јавноста вистината, која тие со години ја претставуваат како лага. А тоа е, дека во моментов, во 23 земји членки на ЕУ се дефинирани и се практикуваат т.н. државни кампањи или кампањи од јавен интерес. Во некои се регулирани 100%, во некои се делумно регулирани, а во некои не се воопшто. Значи, тоа што тие здруженија во 2015 г. направија , да се забранат кампањи – нешто што не е пракса никаде во ЕУ, им се тресна од глава.

Кампањите од јавен интерес се за граѓаните, а не се за медиумите. Јас би се срамел како медиумски професионалец, за време на ковид - кризата да работам за да нема кампањи за подигнување на свеста на јавноста за носење маски, држење дистанца, вакцинирање...па сега би ги прашал тие душегружници: Кога ги мијат рацете, им замирисува ли малку на крв? Мене не, за нив, не знам. Но, знам дека доколу имаше такви кампањи можеби и еден живот ќе беше спасен.

ЗНМ, а особено  нивниот лидер треба да се прашаат за т.н. корпоративен клиентелизам и сериозно кршење на многу закони. Затоа што нивниот лидер Чадиковски, долго време беше и главен и одговорен уредник на ТВ24, па после две години му текна дека постои некој морален кодекс, па си даде оставка. Е таа иста телевизија, јасно ви е од кои причини, се бори против правата на телевизиите кои се одамна имплементирани во ЕУ ( пиратерија, надоместок, заштита на македонскиот јазик... ), а ги штити правата на кабелските оператори. Лудило!

Аналогија на ова би било кога Синдикатот би заминал во Влада на преговори за минимална плата, и после некоја минута лидерот на синдикалците би станал и би преминал  на страната на Владата, да седи до премиерот, барајќи да не им даде на своите синдикалци повисока минимална плата. Класичен оскиморон!

Впрочем ...никој сериозен веќе не ги есапи во државава ниту во ЕУ, се вели во писмениот одговор од Мирчевски.

Има други начини државата да им помага на медиумите

Според Босилков, идејата за државна поддршка на медиумите не е лоша сама по себе, но теоретски позитивниот исход на ваков закон може да се оствари само во општества каде институциите имаат кредибилитет и не се синоним за корупција.

„Во демократски општества субвенционирањето (од државата, н.з.) е базирано на добра волја, а кај нас е можност за експлоатација на околностите. И тоа во случајов не е индиректен заклучок од други политики, туку веќе имаме видено како на буквално истиот начин во претходниот режим беше легализирана пропагандата и цензурата“, вели Босилков.

Синадиновска, пак, вели дека  има европски практики како да им се помогне на медиумите во време на криза, кои можат да бидат применливи во вакво општество.

„Ние предлагавме формирање на Фонд за поддршка на медиуми, со што јавните пари би се инвестирале во директна продукција на новинарски содржини - да се поттикнат истражувачки стории, репортажи, документарни филмови, анализи, едукативни и детски емисии и.т.н… На овој начин ќе знаеме дека парите навистина завршиле и за поддршка на тешката финансиска ситуација на медиумите и колегите и за поддршка на создавање на подобро новинарство, да имаат медиумите една поквалитетна понуда до публиката. За ова, гледате дека се нема многу мерак да се воведе, ама затоа за Владата да си прави кампањи што се директно во насока на поддршка на нејзините политички позиции, си се изборија“, додава таа.

Во моментот никој од медиумската фела не знае што се случува со измените. Неофицијално, до новинарските здруженија стигнуваат најави дека тие наскоро ќе бидат доставени до Собранието. Од ЗНМ потенцираат дека ставот на фелата е јасен – дека се против вакви измени. Она што е добра работа, според нив е што на нивна линија се и некои институции  како Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги , бидејќи меѓу другото,на ова независно регулаторно тело му се одземаат дел од надлежностите.

И од ААВМУ наведуваат дека најголем проблем во измените е враќањето на државното рекламирање во приватните медиуми.

„Медиумите имаат обврски и одговорност кон јавноста и оваа своја улога треба да ја извршуваат без надомест и без какви било влијанија. Со предложените измени, со буџетски средства ќе се плаќа за пренесувањето на идеите и активностите на централната и локалната власт што повторно отвора простор за директно нарушување на уредувачката самостојност и независност на медиумите, нивно корумпирање и создавање клиентелистички и сервилен однос кон власта“, истакнуваат од ААВМУ.

Друга институција која се изјасни против е Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) која и во својата Национална стратегија (2020-2024 и 2021-2025) наведе дека одлевањето на јавни пари во медиумите на ваков начин е извор на корпупција.

Она што, исто така, треба да се истакне се и препораките на ЕУ да нема дискриминација, а на овој начин всушност се фаворизираат традиционалните медиуми, односно националните терестријални телевизии, додека се изоставаат онлајн медиумите.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Жарко Настоски
Фотографии: Дарко Андоновски
 
Оваа сторија е дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој вклучува активности за истражување и застапување со цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото. За содржината одговорен е авторот и во никој случај не ги отсликува позициите на ИДСЦС.