fbpx

„Холидеј Ин“ – мешалките за бетон вртат, Обвинителството во „лер“

  • Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сѐ уште собира докази за спорниот детален урбанистички план за потегот кај „Холидеј Ин“.
  • Антикорупциска смета дека фирмите „МГ Фешн“ и „Обновители“ добиле шанса да остварат имотна корист и да приватизираат државно земјиште по приоритетна цена, далеку пониска од пазарната.
  • Додека Обвинителството ја уверува јавноста дека по две и пол години проверките стигнале до финална фаза, на терен првата кула веќе се издига нагоре, а издадена е дозвола и за втората.
  • По случајот „Холидеј Ин“, правната држава е пред нов тест - Уставниот суд оформи предмет за просторот кај „Треска“, со којашто се оспорува ДУП за Буњаковец.
 

И по речиси две и пол години откако Антикорупциската комисија поведе иницијатива до Обвинителството за спорниот детален урбанистички план за потегот кај „Холидеј Ин“, со којашто побара покренување кривична постапка против поранешни градоначалници на Центар, вработени во Општината, во Град Скопје и во Министерството за транспорт и врски, како и против планерите, нема најава дека некој ќе одговара за огрешување пред Законот.

Голема е шансата висококатниците спроти „Холидеј Ин“ целосно да се изградат пред да заврши истражната постапка во Обвинителството

И по толку време, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сѐ уште собира докази за предметот, за којшто првата антикорупционерка, Билјана Ивановска јавно се посомнева оти намерно се одолговлекува. Обвинителството се правда дека материјалот е обемен.

„Проверките и обезбедувањето на доказите што ги прави Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во овој предмет се во финална фаза, по што ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката. За одлуката јавноста ќе биде веднаш известена, заедно со образложение на преземените дејствија и испитаните околности. Времето потребно за испитување на еден предмет најмногу зависи од обемноста на доказниот материјал што треба да биде обезбеден и времетраењето потребно за неопходните вештачења“, велат од Јавното обвинителство.

Антикорупциска бара одговорност од поранешните градоначалници на Центар, Владимир Тодоровиќ (2009 - 2013), кој на крајот на јуни годинава со уште неколку лица беше уапсен во случајот „Феникс“ поради злоупотреба на службена должност и перење пари во проектот „Скопје 2014“, како и против Андреј Жерновски, кој беше градоначалник од 2013 до 2017 година. ДКСК смета дека вина има и кај вработени во секторите за урбанизам и планирање на просторот во Општината, Министерството за транспорт и врски, Град Скопје, двајца планери и овластено лице во фирмата „Билд“ кои го изработиле планот.

ДУП-от за потегот кај „Холидеј Ин“ ги надминува параметрите определени во Генералниот урбанистички план

Овие лица, според Комисијата ја злоупотребиле службената положба и овозможиле во 2012 година да се донесе ДУП што е неусогласен со Генералниот урбанистички план и да им овозможи имотна корист на сопствениците на парцелата од изградбата на кулите. Со други зборови, Антикорупциска смета дека фирмите „МГ Фешн“ и „Обновители“, каде бизнисменот Зоран Антиќ е партнер со МПЦ-ОА, добиле шанса да остварат имотна корист и да приватизираат државно земјиште по приоритетна цена, далеку пониска од пазарната.

Во случајот беше искористен веќе познатиот рецепт да се „лапне“ државно земјиште по багателна цена поради сопственост на 30% од парцелата. Инвеститорите платија само 312 евра за квадратен метар во строгиот центар на Скопје, каде пазарната цена знае да натфрли и 2 илјади евра.

Спорниот ДУП беше донесен во 2012 година во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а се реализира во време на СДСМ и покрај предупредувањата дека новите градби ќе предизвикаат влошување на квалитетот на живот.

Багерите не го чекаат Обвинителството

Додека Обвинителството ја уверува јавноста дека по две и пол години проверките стигнале до финална фаза, на терен забрзано се гради. Првата кула веќе се издига нагоре, а издадена е дозвола и за втората. Инвестирот досега не побарал дозвола за третата кула. Според планот, трите кули треба да бидат со висина од 22, 20 и 16 ката и да донесат нови 1.200 жители во срцето на градот.

„Општина Центар досега има издадено правосилни Одобренија за градење за три фази од планираната градба на градежна парцела 1.1. Во проектите, како дел од документацијата која претходела на издавањето на трите Одобренија за градење се опфатени две кули (станбена и деловна). Третата кула е дел од останатите две фази за кои не е поднесена документација до Општина Центар “, велат од Општина Центар.

Инвеститорите веќе наголемо нудат на продажба станови во комплексот „Гранд Скопје“. Извор: grandskopje.mk

Проектот се „турка“ и покрај тоа што и самата Општина, кога градоначалник беше Саша Богдановиќ преку стручни елаборати за суспензија ја потврди штетноста на планот. Уставниот суд како да не ја препозна важноста на јавниот интерес во случајот, па мораториумот за градба беше укинат со што се отвори патот да се профитира од неусогласен ДУП што неколкукратно ги надминува параметрите на повисокиот план. Дозволената густина на население според ГУП-от е 805 жители на хектар, а со ДУП-от се предвидуваат 2.400 жители.

„И покрај тоа што тој урбанистички план во сите параметри многукратно го пробива ГУП-от, Обвинителството веќе две години не се произнесува по пријавата поднесена од Антикорпциската комисија која го оспори и планот и начинот на кој тој е донесен. Немаше реакција ниту на петиција, ниту на протести, ниту на коментари од стручна фела. Таму очигледно добро функционира само институционалниот лукративен синџир кој овозможи прво продажба на државното земјиште на приватни лица, потоа ги отфрли стручните елаборати со кои се докажа незаконитоста на урбанистичкиот план, а потоа и го овозможи самото градење кое е во тек“, велат од Шанса за Центар.

Општина Центар сега се повикува на Законот за урбанистичко планирање и вели дека урбанистичкиот план е во сила сè додека не се донесе нов.

Доколку надлежен суд донесе времена мерка или укине ДУП којшто е во важност, тогаш се разбира дека ние ќе престанеме да издаваме дозволи за градење и може да се применува во деловите во кои е усогласен, односно е во согласност со одредбите од Генералниот урбанистички план. Во Општина Центар се гради единствено согласно важечки ДУП“, велат од Општина Центар.

Но, за активистите ова е потврда дека во случајот „Холидеј Ин“ потфрли правната држава.

„Треска“ - нова трка меѓу правдата и парите

По случајот „Холидеј Ин“, правната држава е пред нов тест, овој пат кај поранешната фабрика „Треска“. Уставниот суд оформи предмет по иницијативата на Шанса за Центар и адвокатката Јошевска - Атанасовска, со којашто се оспорува ДУП за Буњаковец. И таму планот е неусогласен со ГУП, па наместо решенијата коишто ги доби Општината на конкурсот што самата го распиша, реална е заканата јавноста да добие згради наредени како наполитанки.

Општинската власт под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите кои го изгубија своето значење, интегритет и кредибилитет може да му пресудат на последниот поголем простор, и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните. Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови кои се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар“, велат од Шанса за Центар.

Станува извесно дека таканаречените „наполитанки“ кај Треска ќе почнат да се градат според незаконски ДУП

За обвинувањата дека Герасимовски ги игнорира решенија на конкурсот, распишан од неговиот претходник Богдановиќ, Општината ја префрла топката на Град Скопје.

Дозвола од Град Скопје за регулациски план, за жал не добивме. Со тоа, секоја можност за било каква урбанистичка промена за тој опфат стана правно невозможна. Ставот на Градоначалникот Герасимовски е почитување на сите законски норми во рамки на своите ингеренции и работење“, велат од Општина Центар.

И во трката кај „Треска“, инвеститорите имаат почетна предност. И покрај предупредувањата од првата антикорупционерка Ивановска дека е противзаконски да се гради на тој потег зашто во тек се правни постапки, таму веќе е издадена дозвола за градба. Досега се поднесени две барања за градење, а издадено е едно правосилно одобрение за парцелата 6.30 од ДУП „Буњаковец 2“.

Градежните фирми „Голден арт“ и „Мега акустик“ платија комуналии во износ од 800 илјади евра и добија „зелено светло“ за изградба на станбено-деловен комплекс. Во јавноста се појави и архитектонска визуелизација за тоа како би требало да изгледа просторот, од којашто може да се заклучи дека се следат габаритите од спорниот ДУП, донесен во времето на Тодоровиќ. Според планот, околу 65% од површината се градежни парцели.

Пожарот во април 2022 година само го засили сомнежот во јавноста дека теренот се подготвува за градба. Истражните органи го затворија случајот без да покренат обвинение.

Сега на потег е Уставниот суд – од ажурноста во неговото постапување ќе зависи дали и таму како во случајот „Холидеј Ин“, багерите на инвеститорите ќе „заиграат“ пред институциите и правдата да го кажат последниот збор.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Фотограф: Дарко Андоновски