fbpx

Кренар Лога до Само Прашај: Измените на КЗ ги подготвија заменичката Аврамовска-Мадиќ и нејзиниот кабинет

Кренар Лога
  • Во одговорот што го добивме на електронската пошта, од Министерството за правда се извинуваат за игнорирањето на нашите барања и притоа се наведува дека овластен потписник на сите вакви барања е заменик-министерката за правда, а министерот за случајот се информирал од медиумите.
  • Заменичката Аврамовска-Мадиќ вели дека претходно не ни доставила одговор затоа што немала што да каже.
  • Сепак, прашањето за тоа кои се авторите или авторот на измените на Кривичниот законик, останува неодговорено за јавноста и покрај настојувањата преку барање слободен пристап до информации од јавен карактер кое трае неколку месеци, да се демистифицира оваа важна политичка операција.
 

„Се извинувам што Министерството за правда не ви одговорило на прашањето. Дадов рок на мојата заменичка да ви одговори до 4 декември до 11 часот, во спротивно јас ќе ви одговорам“.

До оваа комуникација меѓу Само Прашај и министерот за правда Кренар Лога дојде откако Министерството (за правда) на чие чело се наоѓа тој, и покрај опомената од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, одби да одговори на нашето прашање кој ги подготвил измените на Кривичниот законик.

„Министерството за правда ве известува дека последните измени на Кривичниот законик ги подготви заменик-министерот за правда и нејзиниот кабинет“, стои во одговорот што го добивме потпишан лично од министерот Лога.

Министерот за правда Кренар Лога лично одговори на барањето на Само прашај за тоа кои се авторите на измените на КЗ

Во одговорот што го добивме на електронската пошта, од Министерството за правда се извинуваат поради тоа што не ни доставиле одговори на нашите барања и за сите поминати рокови и за жалбата, и притоа се наведува дека овластен потписник на сите вакви барања е заменик-министерката за правда, а министерот за случајот се информирал од медиумите.

„Во име на министерот за правда Кренар Лога и во име на Министерството за правда се извинуваме за недоставувањето  решенија за Вашите барања за информации од јавен карактер како и за сите поминати рокови за жалбите за кои не е доставен одговор.

На сите решенија за информација од јавен карактер овластен потписник е заменик на министерот за правда.

Министерот за правда за недоставувањето на одговори за информација од јавен карактер, се информираше од медиумите, по што и даде рок на заменик на министерот за правда, да се даде одговор на прашањата најдоцна до 04.12.2023 година до 11:00 часот. Со оглед на тоа што до наведениот рок, одговор не беше даден ,министерот за правда донесе решение за информација од јавен карактер кое Ви го доставуваме во прилог“, се вели во официјалната порака.

Мадиќ: Не одговорив зашто немав што да кажам

Во кусиот телефонски разговор, заменичката Аврамовска – Мадиќ, како продолжение на одговорот дека таа и нејзиниот кабинет се автори на измените на Кривичниот законик поради кои Владата си го навлече гневот на јавноста, а од Европската комисија дојде звучна шлаканица до властите во Скопје, ни рече:

„Не е важно кој технички ги подготвил измените, туку е важно што зад овие измени стои Владата и коалицијата СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Од 38 члена во измените, 35 се извлечени од нацртот на новиот Кривичен законик кој е во подготовка, а останатите 3 (спорните н. з.) се подготвени од службите на Министерството за правда“.

Заменичката вели дека претходно не ни доставила одговор затоа што немала што да каже.

Во изјава за Само прашај заменичката на министерот за правда вели дека не е важно кој технички ги подготвил измените на КЗ кои беа донесени со европско знаменце

Треба да се спомене дека министерот Лога на брифинг на крајот на септември годинава изјави дека не се согласува со овие измени на Кривичниот законик, рече дека нема да презема ништо и ќе се воздржува од понатамошни коментари околу тоа за што конкретно не се согласува, затоа што, како што рече, тие законски измени веќе се на сила и се дел од нашиот законски систем.

Тој уште тогаш ја посочи заменик-министерката Аврамовска Мадиќ која треба да каже кој е автор на измените, посочувајќи дека заменичката ги поднела измените на законот во Влада во време кога тој бил отсутен од државата и дека не присуствувал на владината седница на која беа усвоени измените на КЗ.

Неколку месеци преписки

Нашата потрага по одговорот на прашањето кој е автор (или автори) на контоверзните измени на Кривичниот законик започна на 7 септември годинава кога се обративме до Министерството за правда со барање за пристап до информации од јавен карактер да ни ги даде имињата на членовите или експертите од работната група. Тоа беше првиот и единствен конкретен одговор што го добивме во целата оваа постапка, односно беше наведено дека автор е работната група која работи на целосно новата верзија на Кривичен законик и притоа беа наведени конкретни имиња.

Првото барање ИКС го испрати на 7 септември, за што доби одговор во законскиот рок

По консултации со некои од членовите на работната група, меѓу кои и со претседателот академик Владо Камбовски, добивме категорични деманти на официјалната информација од Министерството за правда дека тие се автори на измените. Одговорот на Министерството, за кој се потврди дека е лага, доведе и до бура од реакции на членовите на работната група до Министерство по што следуваше нов пресврт.

За само два дена Министерството за правда самото се демантираше и ни достави нов коригиран „одговор“ во кој немаше одговор на нашето основно прашање кои се авторите на спорните измени на законот, туку само се тврдеше дека тоа не е работната група за подготвување на нов Кривичен законик.

За два дена од првичниот одговор, стигна нов, во кој Министерството се демантираше, но не одговори на прашањето

И оттука почна нашата комуникација со Министерството за правда во која ИКС инсистирапе да доби конкретни имиња, а од Правда ги игнорираа сите наши барања.

Поради тоа го искористивме правото на жалба до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која Агенцијата ја прифати. И што е уште поважно, му наложи на Министерството за правда да постапи по нашето барање да ни ги каже имињата на експертите или правниците кои ги подготвиле измените на Кривичниот законик.

Агенцијата ја уважи жалбата на ИКС, но Министерството за правда остана глуво

И Агенцијата по приемот на нашата жалба и самата ја испратила до Министерството и им наложила во рок од 7 дена да ни одговорат на барањето, но и тие како и ние била игнорирана.

Во меѓувреме, ИКС по насоки на Агнецијата вложи уште една жалба поради ваквиот однос на Министерството за правда кон правото на јавноста да дознае информаации кои се од јавен карактер. Во меѓувреме, на 4 декември 2023 година попладне, пристигна одговорот, овојпат потпишан од министерот за правда, во кое тој, како што наведовме на почетокот, посочува дека автор на последните измени на Кривичниот законик ги подготви заменик министерот за правда и нејзиниот кабинет. Неговата заменичка, во изјавата за Само прашај ниту го негира тоа, ниту го потврдува.

Сепак, прашањето за тоа кои се авторите или авторот на измените на Кривичниот законик, останува неодговорено за јавноста и покрај настојувањата преку барање слободен пристап до информации од јавен карактер кое трае неколку месеци, да се демистифицира оваа важна политичка операција која доведе до комплетно разочарување во правниот систем на државата и ги изјалови декларациите на Владата дека е искрен поборник за нулта корупција и искоренување на организираниот криминал.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Поврзани стории: