fbpx

Правда го прекрши и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за да ги скрие авторите на измените на КЗ

Општина Карпош - Влае - ДУП
  • И покрај укажувањата дека треба да ги каже авторите на спорните измени, врвната владина институција која се грижи за спроведување на правото одговори -со молк.
  • Штетата од измените на Кривичниот законик е многу поголема отколку што изгледа - торпедирани се најистакнатите обвиненија и судски процеси за висока корупција, а државата ќе треба да плати и високи отштети
  • Министерството за правда освен што ја игнорира платформата Само Прашај која во име на јавноста побара информација за ова прашање, ја игнорира и Агенцијата задолжена за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
 

Министерството за правда продолжува да игра игри околу откривањето на јавноста на имињата на правниците или правни експерти кои што ги подготвиле измените на Кривичниот законик. Нашето барање да ни одговори на тоа прашање кое уредно го доставивме користејќи го правото на пристап до информации од јавен карактер, се претвори во вистинска сага за (не)правдата во Македонија и горчливо искуство дека врвната институција во државата која треба да ја штити неповредливоста на правото е всушност негов најголем непријател.

На 7 септември годинава се обративме до Министерството за правда со барање за пристап до информации од јавен карактер да ни ги даде имињата на членовите или експертите од работната група кои ги подготвиле измените на Кривичниот законик. Во одговорот што ни пристигна беше наведено дека автор е работната група која работи на целосно новата верзија на Кривичен законик.

Првото барање ИКС го испрати на 7 септември, за што доби одговор во законскиот рок

По консултации со некои од членовите на работната група, меѓу кои и со претседателот академик Владо Камбовски, добивме категорични деманти на официјалната информација од Министерството за правда дека тие се автори на измените. Одговорот на Министерството, за кој се потврди дека е лага, доведе и до бура од реакции на членовите на работната група до Министерство по што следуваше нов пресврт.

За само два дена Министерството за правда самото се демантираше и ни достави нов коригиран „одговор“ во кој немаше одговор на нашето основно прашање кои се авторите на спорните измени на законот, туку само се тврдеше дека тоа не е работната група за подготвување на нов Кривичен законик.

За два дена од првичниот одговор, стигна нов, во кој Министерството се демантираше, но не одговори на прашањето

По ваквиот развој на настаните Само Прашај најпрвин усно, а потоа и писмено на 2 октомври повторно се обрати до Министерството за правда, повторувајќи го прашањето: Кој или кои се авторите на измените на Кривичниот законик? Прашањето повторно го поставивме преку барање за пристап до информации од јавен карактер. Но, никогаш не добивме одговор.

По истекот на законскиот рок и молкот на Министерството, на 19 октомври вложивме жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, која Агенцијата ја прифати. И што е уште поважно, му наложи на Министерството за правда да постапи по нашето барање да ни ги каже имињата на експертите или правниците кои ги подготвиле измените на Кривичниот законик.

Агенцијата ја уважи жалбата на ИКС, но Министерството за правда остана глуво

Воедно, Агенцијата по приемот на нашата жалба и самата ја испратила до Министерството и им наложила во рок од 7 дена да ни одговорат на барањето, но и Агенцијата била игнорирана.

Поигрување со јавноста

Оглушувањето на препорака од државни органи и тела од страна на државна институција е неодговорно, особено што се работи за институција која треба да се грижи за спроведување на правото и правдата. Министерството за правда, освен што ја игнорира платформата Само Прашај, која во име на јавноста побара информација за ова прашање, ги игнорира и државните органи задолжени за заштита на правото на информации од јавен карактер.

Заменичката министерка за правда Викторија Аврамовска Мадиќ пред неколку дена на една национална телевизија на директното прашање на еден од учесниците да каже кои се авторите на спорните измени на КЗ рече: 35 члена од измените се земени од работната група која го подготвува новиот Кривичен законик, а другите членови се изработени од службите во Министерството за правда.

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска- Мадиќ не одговори на барањето на ИКС, туку на прашање на дебатна емисија

Така завршува еден од најголемите правни скандали во историјата на македонското правосудство – итните измени на Кривичниот законик кои им овозможија на сторителите на кривични дела од висока корупција, да се извлечат неказнети, а на граѓаните на кои им беше ветена правда за криминалот им донесе само ново разочарување во правната држава.

Само прашај опширно пишуваше за донесените измени на законот, реакциите, и можните последици од оваа кривично-правна акробатика. Притоа се задржавме и на компаративните примери со некои од европските држави како и на препораките на Европската комисија за зајакнување на борбата против корупцијата и криминалот.

Измените беа донесени на 6 септември, а за да се осигура нивно брзо изгласување и стапување на сила, беше употребено европското знаменце кое овозможува значително скратување на процедурата за донесување на закони.

За да се осигура брзо изгласување на измените тие беа донесени со европското знаменце

Кај кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања затворската казна беше ставена горна граница од четири години, а беше укинат ставот 5 кој предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.

Измените опфатија и измени за злосторничко здружување при што максималната казна од десет години затвор се намали на три години, како и за делото несовесно работење каде се предвиде казна од шест месеци до пет години, а претходно минималната казна беше три години при што немаше горна граница.

Намалувањето на затворските казни доведе и до пократки рокови за застарување на делата, па на удар се најдоа речиси сите предмети што ги покрена Специјалното јавно обвинителство (СЈО), и кои преминаа кај јавното обвинителство.

Торпедирани судски процеси и обвиненија

Досега застареност на делото во судница е констатирана во неколку предмети: случајот против поранешниот член на Судскиот совет и судија Зоран Теофиловски, предметот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник Љупчо Димовски и новинарката Ивона Талевска, како и делот за прислушувањето во обемниот случај „Таргет-Тврдина“, каде судењето сега ќе продолжи само за уништувањето на опремата за следење на комуникациите. Донесени се и решенија со кои за 10 обвинети во случајот „Моќник“ постапката се запира заради застареност, додека за тројцата обвинети,  Милош Милошоски, Милосим Војнески и Антонио Милошоски судењето за кривичното дело „измама“ продолжува.

Поради измените во Кривичниот законик, запре кривичната постапка и за случајот „Траекторија“, кој беше отворен од поранешното СЈО, а се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Обвинети во овој случај беа ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. За кривично дело, примање награда за противзаконито влијание, во истиот случај обвинет е и поранешниот премиер Никола Груевски.

Апелацискиот суд Скопје соопшти дека и обвинението за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков го одбива врз основа на измените од Кривичниот законик. Предметот беше познат како „Титаник-2“. На останатите обвинети, поранешни членови на Изборната комисија, Мендух Тачи, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими и Влатко Сајкоски затворските казни им ги преиначи во условни.

Измените предизвикаа запирање на кривични постапки за големи предмети

Застаре и делот од обвинението за екс-министерот Миле Јанакиески за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ кој е познат во јавноста како „Талир“. За останатите протагонисти од овој случај, меѓу кои и Груевски, Илија Димовски и екс-секретарот Кирил Божиновски, засега е можно да продолжи процесот.

Застаре и предметот „Змиско око“ кој се водеше од 2007 година против вработени на патарините за присвојување на пари, а обвинетите најавија дека ќе бараат отштета од државата.

Овие примери ги наведовме не случајно туку како илустрација дека штетата од измените на Кривичниот законик е многу поголема отколку што изгледа. Торпедирани се најистакнатите обвиненија и судски процеси за висока корупција, кои меѓу другото беа и главната причина за падот на владата на Груевски која во тоа време беше посочена како легло на корупцијата и криминалот.

Сега, по измените на КЗ, освен што уште еднаш ќе се потврди неказнивоста на политички функционери која се провлекува со децении и стана заштитен знак на транзицијата, со големи суми ќе биде оштетен и буџетот, бидејќи инволвираните имаат право на отштетни побарувања.

Нашата платформа Само Прашај ќе ја продолжи правната процедура за добивање на информацијата од Министерството за правда бидејќи се работи за прашање од висок јавен интерес, и следното што ни стои на располагање е тужба до раководството на Министерството.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска
Фото: Дарко Андоновски