Секоја странска инвестиција започнува со сечење црвена лента, многу камери, помпезни најави и вести за голем успех. Лицата се насмеани и весели, сѐ додека инвеститорот не одлучи дека е време да си замине од државата и да стави крај на инвестицијата и бизнисот. Што со вработените? Какви права имаат странските инвеститори кај нас? Како треба да реагираат работниците чии права се прекршени?
Кои се привилегиите за државата?
Од Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони велат дека влезот на странски капитал носи технологија, нови проекти, видливост, клиенти, меѓутоа она што е мерливо, не само за буџетот туку за сите граѓани, се приходите што државата ги остварува преку данок на добивка и придонесите за социјално, пензиско и здравствено осигурување.
„Одреден број на наши сограѓани добива можност да работи и заработува пристојна плата за пристоен живот. Она на што посветуваме многу внимание во рамки на овој мандат не е само зголемување на бројот на работните места туку и зголемување на квалитетот на работните места, пред сѐ на платите. Во изминативе три години имаме значително зголемување на бројот на работните места - околу 40% раст кумулативно од 2020-та до денес. Тоа се повеќе од 5.500 нови работни места. Минатата година во однос на 2022 година растот на бруто платата е околу 20%, што значи дека е неколкукратно повисок од стапката на инфлацијата. Немаат привилегија само тие 5.500 нови работни места што се креирани во изминативе три години туку тоа се однесува на сите 18.000 вработени во компаниите во ТИРЗ. За инвеститорите, доколку ги задоволуваат потребите на државата, пред сѐ, квалитетни и добро платени работни места, овозможуваме финансиска поддршка за креирање на работни места. Поддршката се движи помеѓу 2.000 и 4.000 евра по работно место, еднократно. Инвеститорот дополнително добива и друг сет на услуги. Меѓутоа, сето тоа го мериме и пред воопшто да пристапиме кон финализирање на разговорите, важно е да ги видиме и колку државата ќе приходува. Секогаш внимаваме парите што ги вложуваме, по неколку години да бидат вратени по различни основи“, објаснува Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони на Република Северна Македонија (ДТИРЗ).
Дека добро им оди на компаниите со странски капитал покажуваат официјалните бројки кои покажуваат дека извозот лани во првите шест месеци достигнал близу 2 милијарди евра што претставува пораст од 12% во однос на истиот период во 2022 година. Официјалните податоци велат дека 17.000 луѓе работат во фабриките сместени во индустриските зони во земјава.
„Неодамна имавме ситуација преку судска постапка да вратиме назад земјиште во сопственост на државата кое што е отстапено на странски инвеститор во 2015 година во Општина Ранковце бидејќи инвеститорот воопшто нема преземено никакви чекори за реализација на она што е предвидено со планот, а притоа државата му продала градежно земјиште. Успеавме со навремена реакција да спречиме земјиштето да отиде во стечај и понатаму да има подмирување на долгови, така што целосно го заштитивме интересот на државата. Компанијата воопшто нема почнато ниту со производство, ниту со градба, така што не можеме да кажеме дека тука имаме луѓе кои што биле вработени па ги загубиле работните места. Меѓутоа, во регионот имаме такви случаи. Внимателно ги следиме. На пример, неодамна во Србија имаше таква ситуација, странска компанија која што преку ноќ затворила, си ги собрала машините и ги оставила луѓето на улица“, вели Деспотовски.
Тој вели дека се правиме внимателна детална проверка на потенцијалните странски инвеститори и дека во договорите се предвидуваат заштитни механизми.
„Ако вработува луѓе и ако добие грант за отворање работни места, компанијата има обврска од 5 години по завршување на инвестицијата тие работни места да ги одржува. Значи ако инвестицискиот проект трае пет години, дополнителни пет години компанијата се обврзува да ги задржи тие работни места. Доколку во тој период се случи затворање, отпуштање или намалување на број на работни места, компанијата ја враќа помошта кон државата. Имаме механизам со кои што настојуваме овие ризици да ги намалиме колку што можеме. Втора работа е тоа што инсистираме компаниите да ги почитуваат доследно законите во делот на пазарот на трудот, во смисла на полно работно време, придонеси, плаќање, прекувремена работа, надомест итн. Во тој сегмент компаниите во зоните се пример за тоа како треба да функционира една современа пазарна економија“, додава Деспотовски.
Државниот трудов инспекторат ја контролира работата и на странските работодавци
Сепак, доколку е странски сопственик на фирма во Македонија, Државниот инспекторат за труд ја утврдува фактичка состојба со вршење на инспекциски надзор и увид во документацијата на лице место во седиштето на работодавачот, па доколку работодавачот ги затворил деловните простории и си заминал од државата, инспекторатот не може да преземе мерки ниту спрема работодавачот ниту спрема одговорното лице странец.
Во случај кога работниците на кои работодавачот не им исплатил плата и придонеси од плата три месеца последователно имаат право и веднаш да покренат иницијатива пред надлежен суд за престанок на работодавачот преку поведување на стечајна постапка и паричните побарувања од работен однос да ги наплатат од стечајната маса.
Работниците имаат можност да користат права по основ на невработеност со доставување на барање во Агенцијата за вработување по престанокот на работниот однос.
Последен случај е во 2019 година. На работници не им беше исплатена плата и придонеси во две текстилни фирми во Битола од страна на грчки сопственик.
Дали сликата дека странците се привилегирани од влез до излез е оправдана?
Прописите со кои се регулираат работните односи во Македонија не прават апсолутно никаква дистинкција во однос на тоа дали работодавачот е фирма основана со домашен или со странски капитал, објаснуваат правниците. Дел од странските инвеститори користат определени бенефиции од државата, меѓутоа тие бенефиции ги остваруваат врз основа на сосема други прописи кои секако не им даваат за право да ги прекршуваат работничките права, вели адвокатот Бојан Лалиќ.
„Сите фирми работодавачи, без никаков исклучок, се должни доследно да ги почитуваат сите важечки работни прописи во нашата држава, односно на работникот да му го овозможат најмалку она право кое што им е гарантирано со една многу широка лепеза на прописи. Почнувајќи од Закон за работните односи како генерален закон, преку Закон за безбедност и здравје при работа, Закон за исплата на минимална плата и општите колективни договори и низа други законски и подзаконски акти. Од свое искуство можам да кажам дека работодавачите основани со странски капитал во најголема мера ги почитуваат овие прописи и за волја на вистината, квантитативно гледано, правата на работниците во Македонија во поглед на законски предвиденото работно време, годишни одмори, отсуства, исплата на плата, исплата на надоместоци од плата, заштита при работа, многу повеќе се прекршуваат кај фирми основани со домашен, отколку фирми основани со странски капитал“, смета адвокатот Лалиќ.
Тој смета дека најголем проблем создава тоа што работниците не ги пријавуваат евентуалните злоупотреби или ги пријавуваат откако ќе истечат сите рокови, па после тоа и адвокатите се немоќни да им овозможат адекватна заштита. Адвокатот објаснува дека ваквите злоупотреби првично се пријавуваат во Државниот инспекторат за труд и ако од определени причини проблемот остане нерешен на ова ниво, работникот има право на заштита пред надлежен основен суд. Ако работникот остане незадоволен од одлуката на основниот суд, има право да ја обжали пред повисокиот Апелационен суд, а во одредени правни ситуации, на пример, ако се работи за неоснован отказ, и на одлуката на Апелациониот суд може да се вложи вонреден правен лек до Врховниот суд, како највисока судска инстанца. Меѓутоа, ако работникот остане обесправен и од целокупниот судски систем на Македонија, може да оствари правна заштита и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Ќе се сложите со мене, ниту еден, ни домашен ни странски инвеститор, нема толкаво влијание да ги контролира сите овие институции, да има такво влијание на нив. Исто така, свесното кршење на право од работен однос е и во опфат на нашиот кривично правен систем. Значи доколку кој било работодавач свесно не се придржува до овие многу јасни прописи, врши тешко кривично дело предвидено и казниво со нашиот кривичен законик, а за тоа постапуваат јавните обвинителства. Значи никој не е над законот. Сакам да кажам дека овој повеќеслоен систем функционира. Да е совршен – не е! Дали има простор за подобрување? Огромен простор за подобрување! Меѓутоа, коренот на проблемот не е само во тоа што работодавачите се дрзнуваат на тоа да го прекршуваат законот, туку и во тоа што самите работници не ги пријавуваат злоупотребите и често пати не бараат стручна правна помош. Затоа, ги охрабрувам сите работници кои сметаат дека нивните права не се исполнуваат или неадекватно се исполнуваат, без разлика дали се вработени кај домашен или странски инвеститор, да не бидат пасивни, да ги штитат своите права, да ги пријавуваат злоупотребите и најдобронамерно ги советувам да побараат и стручна правна помош од адвокат“, порачува Лилиќ.
Македонија не е на врвот во регионот по странски инвестиции
Србија е на врвот, а Босна и Херцеговина е на дното меѓу балканските земји по износот на странски инвестиции во изминатата година, се наведува во извештајот на Агенцијата на Обединетите нации за економска и трговска организација (UNCTAD). Во Србија минатата година се инвестирани околу 4,6 милијарди долари, потоа во Албанија 1,4 милијарди, Црна Гора со 877 милиони, Македонија со 794 милиони и Босна и Херцеговина со 661 милион долари.
„Не се залетуваме со сите клиенти кои што ќе тропнат и ќе влезат низ врата. Понекогаш проектите и бројките изгледаат многу интересно. Предизвикот е голем да излеземе да се пофалиме, да пресечеме црвена лента, меѓутоа ја имаме предвид одговорноста што ја имаме и пред граѓаните и пред државата. Правиме длабинска проверка која трае дополнително време за да го намалиме ризикот и затоа можеби благодарение на тоа сѐ уште немаме случај некоја компанија да затворила врата и ги оставила луѓето на улица. Имало ситуации на неколку компании од Германија, Турција, Кина што доставуваат писма за намери што изгледаат многу интересно - стотина нови работни места, 50, 100, 150 милиони евра пазар итн., меѓутоа откако ќе ја направиме оваа проверка - колку ќе инвестираат, динамиката на инвестицијата, колку планираат да приходуваат во државата, сфаќаме дека бизнисот што го носат во вредност е многу мал. Имало ситуации каде што сето тоа изгледало многу интересно, а по направената длабинска проверка сфаќате дека компанијата кажала дека ќе вложи 100 милиони евра, а во позадина се луѓе кои немаат ниту ден работно искуство ни реализирано некој посериозен проект, така што со тие едноставно комуникацијата ја запираме во тој момент“, вели Депсотовски од Дирекцијата за ТИРЗ.
Тој вели дека сите ситуации што се случуваат на глобалниот пазар - потресите на пазарите во врска со нови технологии, рецесијата во Германија, конфликтот во Украина, тензиите во југоисточна Азија помеѓу Кина и Тајван, носат ризици и имаат нус ефекти и во Македонија.
„Но, мислам дека релативно добро се справуваме со тие ризици досега, затоа што имаме континуиран раст. Тоа што се брои на крајот е што имаме повеќе и подобро платени работни места и она што е многу важно, приходите во буџетот растат. Минатата година ја завршивме со речиси 70-75 милиони евра приходи само од компаниите во ТИРЗ, што е 6-7 пати повеќе од пред 6 или 7 години“, додава Деспотовски.
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Топалова
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска