Македонија се храни од туѓи ниви

  • Во последната деценија цените на храната во Македонија пораснале двојно, па дури и тројно, а потрошувачката кошничка во февруари 2025 достигна 63.773 денари.
  • За десет години, количината на увезена храна порасна од 676 на 785 милиони килограми, со годишно зголемување од просечно 10 тони.
  • Државата за увоз на храна во 2024 година потрошила над 1 милијарда евра, двојно повеќе отколку во 2014, а истовремено бројот на жители се намалил за 185.000.
  • Најмногу храна доаѓа од Србија, Украина и земји како Грција, Турција и Германија, но и од далечни држави како Тајланд, Аргентина и Уганда.
  • Бројот на лица ангажирани во земјоделството се преполовил, од 127.438 во 2014 година на 62.287 во 2024, што ја влошува зависноста од увоз.

Цените на основните прехранбени производи во Македонија последната деценија вртоглаво пораснаа. Лебот, доматите и млекото, кои пред десет години можеа да се купат за дваесетина денари, денес чинат двојно, па и тројно повеќе. Потрошувачката кошничка, според синдикалните пресметки, во февруари годинава достигна 63.773 денари, што е зголемување од околу сто евра во однос на истиот месец лани.

Паралелно со растот на цените, Македонија сè повеќе зависи од увозна храна. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, вели дека земјата одамна го изгубила епитетот земјоделска нација. Според него, речиси е преполовено домашното производство на храна во споредба со порано.

Податоците го потврдуваат тоа. Според Државниот завод за статистика и Министерството за земјоделство, во 2014 година Македонија увезла 676 милиони килограми храна и живи животни. До 2024 година, таа бројка пораснала на речиси 785 милиони килограми. Во просек, потребата за увоз се зголемувала за повеќе од 10.832 тони годишно.

Зголемувањето на увезената количина повлекло и раст на трошоците. Ако во 2014 година за увоз на храна биле потрошени 517,8 милиони евра, во 2024 оваа сума надминала 1,067 милијарди евра. Разликата од околу 550 милиони евра се покрива од џебовите на граѓаните, и тоа во период кога популацијата се намалува: според пописите, Македонија за десет години изгубила 185.000 жители.

Лани земјава увезувала храна од 119 различни држави. Најголем увозник е Србија, од каде што пристигнале 393.000 тони храна за кои биле платени над 287 милиони евра. Веднаш зад неа е Украина, која и покрај војната обезбедила 47.000 тони храна за македонскиот пазар, за сума од речиси 39 милиони евра. Меѓу десетте најголеми добавувачи се и Грција, Босна и Херцеговина, Турција, Германија, Косово, Албанија и Полска, а меѓу најдалечните е Аргентина, од каде што пристигнале 34.000 тони земјоделски производи.

Македонија увезува храна дури и од егзотични и далечни земји како Тајланд, Еквадор, Парагвај, Виетнам, Малезија, Уганда, Гватемала, Брегот на Слоновата Коска, Гана, Танзанија, Фокландските Острови и Тринидад и Тобаго.

Кога се гледа по типови производи, најголема потреба има од шеќер, од кој лани биле увезени над 70.000 тони за кои биле платени повеќе од 45 милиони евра. Следуваат: 68.000 тони вода, 60.000 тони брашно, маслото со 44.000 тони и месото со речиси 37.000 тони.

Загрижувачки се и бројките за луѓето кои се занимаваат со земјоделие. За десет години бројот на земјоделци е преполовен: од 127.438 вработени во 2014 година, лани бројката паднала на 62.287.

Македонија, која некогаш гордо се нарекуваше земјоделска земја, денес повеќе увезува отколку што произведува, а празните полиња остануваат како нем сведок на оваа тивка, но драматична промена.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова Дејановска

Снимател: Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

 Поврзани стории

Владата се меша во методологијата на Синдикатот за да ја намали синдикалната кошница

ССКМ призна дека ја излажал Комисијата за заштита на конкуренцијата за картелот на маркети

Четири маркети може да добијат милионски казни за договор за влијание врз цените