- Децата во градинките конзумираат двојно повеќе шеќер од дозволеното, а отстапувања има и кај мастите и протеините.
- Триесет проценти од децата ни се со зголемена тежина и дебелина, околу 17 проценти ни се само со дебелина, а 5 проценти се со екстремна дебелина.
- Секое покачување на еден килограм на телесна тежина за еден процент се зголемува ризикот за дијабетес.
- Мајките на бебиња кои се на адаптирано млеко неретко регираат дека дозирањето на млекото кај нас не е исто како во земјите на ЕУ.
- Во последниот извештај експертите од Светската банка препорачуваат да се воведе данок на шеќер и засладени пијалаци за да се подобри здравјето на насeлението, посебно на децата.
Двојно повеќе шеќер од дозволеното консумираат децата во градинките. Менијата на кујните коишто им подготвуваат храна навидум се избалансирани, но кога ќе се погледне подетално, во подгрупите на јаглехидратите, мастите и протеините се гледаат отстапувања.
Професорот од Институтот за јавно здравје Игор Спироски речиси дваесет години работи на оваа проблематика. Вели, готвачите во градинките и училиштата продолжуваат да ставаат повеќе готварска сол од предвиденото. Но, за разлика од пред 6 години, веќе не ја надминуваат двојно дозата. И заситените масти се над дозволеното во училишните кујни, а во градинките за нијанса е подобрo. Но, генерално состојбата со исхраната во градинките, во училиштата и дома не е добра, бидејќи во земјава децата продолжуваат да ни се дебелат.
„Зголемена телесна тежина и дебелина кај момчињата вкупно ни оди нагоре. Кај девојчињата нагорните трендови се и за зголемена тежина и дебелина и само за дебелина. Кај девојчињата имаше значително помали преваленци отколку кај момчињата во последното истражување, но и она пред три години што го имавме почнаа да ги стигнуваат машките во еден период“, вели д-р Спировски.
Иако минимални, има подобрувања споредено со 2010 година, кога почнале да се следат овие податоци, но сепак далеку сме од посакуваниот резултат.
„Триесет проценти од децата ни се со зголемена тежина и дебелина, околу 17 проценти ни се само со дебелина, а она што мене посебно ме згрижува тоа што нашата држава е меѓу оние каде што деца што имаат екстремна дебелина, тоа се од 3 од 5 проценти на ниво на Европа, ние сме во тој дел којшто има околу 5 проценти“, објаснува тој.
Дозирање според поднебјето
Како стигнуваме до овие бројки? Грешиме ли од самиот старт со исхраната? Мајките на бебиња коишто се на адаптирано млеко неретко регираат дека дозирањето на млекото кај нас не е исто како во земјите на ЕУ. Тоа создава сомнеж.
Фармацевтите смируваат, големите компании немаат две ленти во производство - една со добар квалитет за ЕУ и со послаб за другите земји.
„Потполно е идентично, само разликата е во дозата на витамини и минерали коишто се наменети за децата коишто живеат кај нас. Сега, една Скандинавија којашто има многу помалку сончеви денови во однос на Македонија, ако родителите се придржуваат кон вистинските совети, за вистински начини на исхрана на своите дечиња, доволно излегување на сонце, дефинитивно потребата на тие витамини внесени како суплементи ќе биде многу пониска. И затоа секогаш велиме, нека не ги збунува родителите декларацијата, таа е според дозволените вредности коишто се многу блиски со оние во нашите соседни земји. Верувајте дека потребата не е подеднакво иста за дечињата што живеат на нашето поднебје и оние коишто живеат во другите западно европски земји или Америка каде што имаме разлики во многу други работи“, објаснува, Билјана Божиновска од Здружението на приватни аптеки.
Секој производ како додаток на исхрана пред да дојде во продажба се регистрира во Агенцијата за храна и ветеринарство и тука точно се одредуваат вредности врз основа на застапеноста на витамините и минералите и аминокислените. Производот се декларира и се дава упатство за дозирање.
Родителите станаа свесни дека дебело дете не е здраво дете. Конечно го напуштаме тој мит, задоволна е докторката Драгана Емел Марковска. Но вели ништо не смее да се остави на случајност. Затоа веќе пет години таа користи перцентилни криви кои покажуваат колку едно дете има тенденција кон дебелина.
„Сè што се движи последната од вториот односно петтиот перцентил до овој деведесет и осмиот, е здраво дете, нахрането дете. Има деца коишто се слаби и ќе се движат по овие долни перцентили, има деца коишто се кон дебелите, имаат тенденција за дебелеење и ќе се движат овде. И ако ние го забележиме тој тренд на растење, на пример оди нагоре, сè повеќе и повеќе влегуваме во оваа сива зона, тогаш веќе поведуваме сметка, им велам на родители не, внимаваме, ќе ги контролираме оброците... Колку порано ги научиме родителите да водат сметка за оброците толку полесно ќе им биде и на децата понатаму. Знаете дете кога ќе има 10 години и ако е гојазно ние многу тешко можеме да го убедиме тоа дете дека е гојазно без да му направиме некаков проблем како ќе го преципира општеството“, објаснува д-р Марковска.
На секој килограм зголемена тежина – за 1 отсто поголем ризик од дијабетес
Неводењето сметка за исхраната и отсуство на физичка активност е првата причина за појава на дијабетесот кај децата и адолесцентите предупредува доктор Танер Хасан од Клиниката за ендокринологија.
„Сега е обратна ситуацијата и во светот е така и во Европа е така, се зголемува бројката на дијабетесот, посебно на тип 2 дијабетес којшто треба да биде кај возрасните, се зголемува таа бројка кај децата. Обезноста е тука голем фактор, мораме да напоменеме и да нагласиме дека со секое покачување на еден килограм на телесна тежина за еден процент се зголемува ризикот за дијабетес“, предупредува д-р Хасан.
Има две истражувања коишто го испитуваат ставот и на децата и на родителите во однос на исхраната во училиштата. Откако се воведени стандардите за исхрана, многу е поголемо задоволството и кај родителите и кај учениците во однос на квалитетот на храната. Но, подобрувањата не се на ниво на кое би требало да бидат, системот треба да се стреми на поголеми преваленци на намалување на дебелината кај децата и со тоа намалувањето на ризикот од болести.
Дека состојбата е згрижувачка во последниот извештај констатираа и експертите од Светската банка. Препорачуваат во земјава да се воведе данок на шеќер и засладени пијалаци со цел да се подобри здвајето на насeлението, посебно на децата.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател и монтажа: Давид Милошевски
Поврзани стории:
Дел од кујните во градинките и во училиштата и оние за достава се оази на бактерии
Преполовен е бројот на примероци од храна чија безбедност се проверува
Само случајна анализа може да открие небезбеден производ кај нас