fbpx

По најновите ПИСА резултати: За МОН е добро што сме блиску до нивото од 2018 година

По најновите ПИСА резултати - За МОН е добро што сме блиску до нивото од 2018 година
  • ПИСА резултатите со години наназад покажуваат дека за образовните реформи само се зборува, а во однос на резултатите никако да се помрднеме од мртва точка.
  • Иако со години над половина од учениците на 15 години не достигнуваат основно ниво на умешност по читање и математика, тоа не е приоритет во образовните политики.
  • Доколку ваквите резултати се повторуваат последователно во подолг период, имаме проблем со капацитетот на кадри и граѓани кои ќе учествуваат активно во општествениот живот и ќе произведуваат вредност за градење подобро општество.

Резултатите од истражувањето на меѓународната студија (ПИСА) за 2022 година повторно покажаа дека нема позитивни поместувања во однос на способностите, знаењата и вештините на учениците во Македонија. Од вкупно 81 земја, учениците во Македонија се најдоа на 61 место по математика, на 71 по јазична писменост и на 68 место по природни науки.

Или поконкретно, во делот на математичките способности нашата држава се наоѓа на дното на листата веднаш после Индонезија, лоши резултати има и во делот на науката каде покажуваме просек од 380. Не се подобрени ниту читачките вештини кај нашите деца, поради што државата е на дното на листата и по овој параметар, а подобри од нас, од регионот се Бугарија и Црна Гора.

ПИСА резултатите со години наназад покажуваат дека за образовните реформи само се зборува, а во однос на резултатите никако да се помрднеме од мртва точка.

Така, и во 2015 година, нашата држава беше меѓу последните земји со најлоши ПИСА резултати, веднаш после Индонезија, Бразил и Либан.

На ПИСА тестирањето за 2018 година, пак, каде учествуваа 79 држави и економии од цел свет, Македонија повторно беше рангирана на дното на листата.

Коментирајќи ги тестирањата во 2018 и 2015 година министерот за образование и наука Јетон Шаќири во изјава за Само прашај веднаш по почетокот на оваа учебна година уверуваше дека новата концепција ќе донела и позитивни резултати во тестирањата на ПИСА во наредниот период. Министерот во таа прилика оптимистички најави дека и новите измени на Законот за средно стручно образование, исто така ќе дадат придонес за тоа.

На 27 септември годинава, министерот Шаќири најави подобри резултати на ПИСА со новата концепција

Но, од разговорите со експертите, ова што сега го гледаме е резултат на претходните концепции, а оние од новата ќе се видат подоцна, кога ќе има генерација (или генерации) кои ќе ја поминат.

Образованието е изместено од средиштето

Кризата во образованието е факт и за тоа постојано алармираат и домашните експерти и оние кои се вклучени директно во образовниот процес. Професорот Кирил Барбареев, моменталната криза во образованието најмногу ја припишува на тоа што училиштата не се поставени по мерка на детето.

Кирил Барбареев - професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип
Барбареев: Децата, учениците, младите не се во центарот на вниманието
 

„Образованието е изместено од своето средиште. Тоа е најголемиот системски проблем. Децата, учениците, младите не се во центарот на вниманието. Како може долги години повеќе од една половина од сите ученици на петнаесетгодишна возраст сѐ уште да не го достигнуваат основното ниво на умешност по читање и математика, а тоа да не стане приоритет на образовните политики?“, посочува професорот.

Резултатите на ПИСА повторно не се изненадувачки доколку се има предвид дека Бирото за развој на образование сѐ уште нема спроведено ниту една реформа за подобрување на писмената, математичката и научната писменост кај средношколците.

Советничката во Бирото за развој на образованието Марина Димитриева за Само прашај пред два месеци појасни дека изминатите две години во основното образование единствено биле донесени Национални стандарди со посебно подрачје јазична писменост, а во средното образование, пак, од 2001 година досега не била направена ниту една реформа.

Фотографија на која ученик решава тест
Резултатите на ПИСА не се изненадувачки бидејќи не е спроведена ниту една реформа за подобрување на писмената, математичката и научната писменост кај средношколците
 

Професорот Барабреев оценува дека недостасува храброст и мудрост во спроведувањето на реформите кои ќе обезбедат континуитет на образовните политики. Истакнува дека подобрувањето на состојбата бара промени на три клучни сегменти.

„Прво е континуиран и професионален развој на наставниците, како и силен фокус на високото образование кое ќе подготвува наставен кадар за сите нивоа на системот. Потоа зголемување на финансиите и обезбедување ресурси за реализација на наставата во 21 век и обезбедување национални образовни и инфраструктурни стандарди. Сите овие сегменти ќе отворат многу други важни теми на кои треба да се работи со цел подобрување на ефикасноста и ефективноста“, оцени професорот.

Катерина Климоска, експерт од областа на образованието смета дека зборот „реформи“ континуирано се употребува, но дека тие остануваат само на хартија.

Фотографија од Катерина Климоска, експерт од областа на образованието Ние во изминатите години континуирано го употребуваме зборот ’реформи’ и често воведуваме нови реформи. Но, истите или остануваат само на хартија или се спроведуваат преку импровизација. Тоа е секогаш правиот пат кон неуспех. Дополнително, гледаме дека и во органите на ресорното Министерство немаме некои промени на зајакнување на капацитетите со кадри кои би испорачале и спровеле процес на реформи, согласно времето во кое живееме“, појаснува Климоска.

За Климоска лошите ПИСА резултати биле очекувани, но предупредува дека тоа ќе има последици на долг рок.

„Доколку ваквите резултати се повторуваат последователно во подолг период, имате проблем со капацитетот на кадри и граѓани кои ќе учествуваат активно во општествениот живот и ќе произведуваат вредност плус за градење подобро општество. Значи, самите резултати не даваат само слика на сегашната функционална писменост, односно неписменост, туку и на потенцијалот за иден развој на државата. Секако, тие се и показател дека политиките во образование не се добри или не се правилно реализирани односно нереализирани, како и укажуваат на состојбата внатре во самите образовни установи“, оценува Климоска.

Шведска загрижена, Македонија не

Шведска е една од земјите кои се најдобро рангирани и на најновото ПИСА истражувањето, но сепак властите во ова земја, неодамна изразија загриженост за способноста и вештините на читање и пишување кај учениците, а директна причина за ова е знаците на пад на вештините за читање.

Поради тоа, почнаа да размислуваат за  враќање на печатените книги, за што ќе се вложат 685 милиони круни (60 милиони евра) за купување книги за училиштата оваа година, а ќе се инвестираат уште 500 милиони во 2024 и 2025 година за да се забрза враќањето на учебниците во училиштата. Кај нас, пак, сосема обратно, изминативе неколку години се промовираат електронските учебници.

Фотографија од училница, на која една ученичка седи и нешто пишува, а други ученици се раздвижени
Шведска се враќа на хартиени учебници, Македонија оди кон електронски
 

За Климоска, во Шведска, како и во Естонија и Финска кои исто така се позитивни примери, разликата е во тоа што постои свесност одвнатре – она што кај нас го нема.

„Пристапот кај овие земји со одлични резултати во делот образование, е преку свесноста одвнатре - да се биде подобар, кај нив конкуренцијата е преку квалитет, а образованието и компетенциите на кадрите кои се вклучени во образовниот процес се највисоки, континуирано се надоградуваат и редовно се евалуираат, имајќи при тоа голема свесност на лична и институционална одговорност. Кај нас сето тоа отсуствува“, заклучува Климоска.

Доказ за тоа е и реакцијата од Министерството за образование и наука на објавените најнови ПИСА резултатите, од каде наместо со загриженост и конкретни предлози за решавање на ваквата состојба, излегоа со објаснување, дека за нашата држава разликата во резултатите била минимална споредено со тестирањето од пред пет години и дека Македонија го задржала нивото од 2018 година, што звучи само како обид за минимизирање на лошите резултати.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Симона Србиноска

Фото: Дарко Андоновски

Сниматели: Наке Батев, Марјан Петковски

Поврзани стории:

Никој не се жали до институциите иако трета година по ред нема учебници за сите ученици

Со реформите во образованието библиотеките ќе станат музеи, а читањето ретка вештина