fbpx

Финансиската полиција истражува злоупотреби на спортските ваучери

  • Ваучер-системот подразбира, сумата која му е одредена на клубот или федерацијата да може да ја реализира преку компанија која остварила добивка, а за возврат фирмите кои го помогнале спортот на овој начин да добијат даночно олеснување.
  • Во 2018 година воведувањето на ваучери за финансирање на спортот беше најавено како систем за заштита од финансиски малверзации при спонзорирањето, тоа набрзо по воведувањето покажа дека има серија фалинки.
  • Главниот проблем во битката со оние кои земале процент за реализација на ваучерот е тоа што засегнатите се жалеле во Агенцијата за млади и спорт, но никој не пријавил директно.
  • Од Финансиската полиција потврдуваат дека има истрага за овој случај, а иницијативата е на Агенцијата за млади и спор која ги доставила документите и до Обвинителството за организиран криминал.
 

Воведувањето ваучери за финансирање на спортот во земјава требаше да биде систем кој ќе ја заштити државата од финансиските малверзации кои се правеа додека во сила беа претходните Закони со кои се овозможување спонзорирање во спортот. Вака, власта во 2018 година помпезно го најави ваучер-системот како сигурен начин за избегнување на перењето пари кое тврдеа тогаш го овозможувал Законот донесен од претходната власт.

Ваучер-системот подразбира, сумата која му е одредена на клубот или федерацијата да може да ја реализира преку компанија која остварила добивка, а за возврат фирмите кои го помогнале спортот на овој начин да добијат даночно олеснување.

Членот во кој се регулира што добива фирмата која ќе го помогне спортот

„На обврзникот кој донирал финансиски средства на спортски субјекти, кои се уплатени на посебна наменска сметка, му се намалува пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства, но најмногу до 50% од пресметаниот данок“, стои во ставот 1 од членот 30 а во Законот за данок од добивка.

Ограничувањето во ваквиот начин на добивање финансиска помош беше во тоа што, за разлика од претходниот систем за финансирање на спортот државата одреди лимит од 10 милиони евра. Во рамките на овие 10 милиони евра се движи можноста да спонзорирање и даночно ослободување кое може да се добие.

Но, ваучер-системот набрзо по воведувањето покажа дека има серија фалинки, од целиот концепт, преку последните детали околу критериумите по кои се доделуваа вачиерите, Комисијата на Владата за спортски ваучер која секогаш остана полумистерија, па сè до „фингирањето “на податоците во апликациите за ваучерот.

Сепак, овие проблеми не ја убедија власта да направи суштински промени во законите, додека не станаа прегласни тврдењата дека одредени фирми и компании им ги реализираат ваучерите на клубовите и на спортистите со услов да им бидат „вратени“ дел од средставата.

Со одлука на Собранието, направени се измени во Законите и практично е укинат досегашниот начин на кој функционираа ваучерите. Сега, ќе има ново законско решение кое ќе овозможува парите одредени според апликацијата за ваучерот да се добиваат директно од државата.

Парите од ваучерот, сега федерациите, клубовите и индивидуалните спортисти ќе ги добиваат директно преку Генералниот секретаријат на Владата. Исплаќањето ќе оди во две транши.

Грдото лице на спортот

Ова беа макотрпни три години во кои го видовме грдото лице на спортот, велат дел од спортските работници. Најмногу, поради патот по кој оделе за да ги добиваат средства.

Три години траела голготата на клубовите со тнр „проценти-посредувачи“

Претседателката на РК „Металург“, Зорица Блажевска вели во првата година била една од оние кои го промовирале ваучерот. Сметала дека ќе донесе добро во спортот, но тоа кратко траело. Нормално беше само првата година, додека фирмите не сфатиле „можностите“ кои ги нуди ваучер системот, вели таа за Само прашај. „Во една година имаа доволно време да размислат, да сфатат дека тоа им е уште еден начин да избегнат данок, но и да си остварат заработка на штета на спортските клубови. И повторно во ова општество спортските клубови се најдоа на маргините. Затоа што последната година, процентот од ваучерот кој што јас уште го немам реализирано од тие причини, на оние ‘процент - посредувачи’ достигна и до 50 отсто. Значи, 50 отсто за клубот, 50 отсто за фирмата. Грабеж односно мито, корупција, сè она најлошто што може да се случи во едно општество, се содржеше во тие 50 проценти. Јас можам со имиња, места, датуми да посочам кои се луѓето коишто барале, кои се луѓето коишто земале. Меѓутоа, без конкретен доказ, шетата ќе биде на моја страна. Се одважив, решив, дека следниот кој што ќе побара ќе го кажам. Меѓутоа, овој пат, на последниот ваучер, тоа ми се случи после добивањето на средствата. Значи, го добиваш средствата и ликови, корупирани, во лик на адвокати, во лик на нотар и слични за мене, да реча, мито-мафија, ти се обраќаат по реализација на вуачерот. Буквално лихварски. Јас, пред две години, на една трибина во Управата за јавни приходи,  кажав што се се случува, заедно со претставници од други клубови, не само од ракомет, други спортски клубови. Јавно го кажав овој проблем. Меѓутоа бавно оди промената. Еве, се надевам, со радост ја дочекав, дека ќе се смени нешто наредната година. Дека нема да има јаз за спортистите и дека тоа би функционирало онака како што беше замислено на почеток“, вели Блажевска.

Но, што ќе се случи со оние кои зеле процент од парите? Дали и како ќе бидат казнети за тоа што го изигрувале Законот и дел од парите за данок од кои се откажала државата во корист на спортот си ги земале назад?

Финансиска полиција го истражува случајот

Главниот проблем во битката со оние кои земале процент за реализација на ваучерот е тоа што никој од засегнатите не пријавил директно. Многумина се жалеле во Агенција на млади и спорт (АМС), но директна пријава немало. Затоа АМС на своја иницијатива ги поднела сите документи до Управата за финансиска полиција и до Обвинителството за организриан криминал и корупција.

„Пријавени се од наша страна. Ние имаме само нагаѓања. Никој лично до нас не пријави. Ние имавме апели, да се пријави до секоја институција. Дали од страв, не знам зошто, никој лично не дојде со документ дека некоја фирма му побарала. Сите ваучери кои се направени во мое време се предадени и во Финансиска полиција и во Обвинителство за организиран криминал. Тие ќе одат, сега ова е ново, можеби по случаен избор, до фирмите, а и до спортските субјекти. Ќе проверуваат, на пример, повисока излезност на некоја сума. Тоа што наведува на неправилности. Ако на пример, еден милион денари е ваучерот, го реализираш од некоја фирма, ама по реализацијата се гледа дека излегла голема сума, која не е за плати, не се подготвки, не е опрема, не се оние работи кои се создржани во законот. Така што тука ќе удираме сега на тоа. Затоа што никој не се одважи да пријави. Ќе има, ама не со тенденција дека сигурно можеш да најдеш. Можеш да најдеш можеби, бидејќи не е приавено. Ние само го пријавивме како случај, но до каде ќе стигнат, ние не сме истражен орган. Ние годишните извештаи на клубовите, ферациите и спортистите ги предадовме на надлежните институции“, вели Наумче Мојсовски, директор на АМС.

Од Финансиската полиција потврдуваат дека има истрага за овој случај.

Во врска со Вашите прашања доставени до Управата за финансиска полиција, Ве известуваме дека Управата за финансиска полиција презема мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност, а согласно член 12 од Законот за финансиска полиција. Имајќи предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на правни и физички лица, Управата за финансиска полиција доставува соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител“, велат во одговорот за Само прашај од Управата за финансиска полиција.

За начинот на кој ги потрошиле парите од ваучерот, клубовите, федерациите и спортистите имаат обврска до АМС да достават извештај. Има случаи на извештаи со неправилности, но и екстремни ситуации кога воопшто не е даден отчет.

Каде што има осмнеж и сè останато, каде што неодостасува документ, ги контактираме федерациите да бараат од клубовите или од поединечните спортисти. 99 проценти се докомплетираат. Каде што немаме извештати ги праќаме во Организиран криминал и финансиска полиција. Веќе се работи на многу. Тие кажуваат дека треба да се соберат доста докази за да не се отвори истрага која ќе им ‘падне’. Веќе зедоа сè од кај нас. Ние сакавме да им ги дадеме, ги побаравме сами. Имаме одлична соработка, пред сè со Финансиска полиција и со сите останати. Тие ќе го истражуваат тоа. Тие се за тоа. Ние до тука можеме, до тука смееме. Не смееме да гледаме во други пари, можеби имале прилив на други средства и се останато. Не смее јавно, ниту кој го реализирал да излезе како документ. Доста се заштитени околу тоа. Сакам да направиме детална истрага“, објаснува Мојсовски.

Според новите законски решенија за финансираше на спортот преку ваучер-системот до добивање на парите ќе има неколку филтри. Аплицирањето останува преку матичните федерации, но покрај влдината комисија за спортскиот ваучер ќе има и втора, која ќе биде формирана од вицепремиерот за финансии и ќе ја прави финансиската контрола на средствата кои се доделуваат.

Една од категориите што се злоупотребувале се младинските

Според проценките на АМС, максималната сума кој би можела да ја добие еден спортски субјект би била од 300 до 350 илјади евра за една година, и ова во принцип се однесува на државните шампиони кои учествуваат и во меѓународни натпреварувања.

Критеримумите ќе бидат „затегнати“ вели Мојсовски, објаснувајќи дека се исфрлени деловите во кои можеше да се „фингира“ за да се добијат бодови, како што се условот клубот да има психолог и она што најмногу бодеше очи, младинските категории.

„Сите пријавуваат психолог во апликацијата, нема толку психолози во земјава. Исто многу спорно беше околу бројки што се пријавуваа во младинските категории. Во пријавите имаше клубови кои пријавуваат 200 или 300 деца во младинските категории. Но, сега врз основа на ваквите бројки нема да може да се добиваат бодови. Фиксно ќе биде одредено во новто законско решение. Се знае колку младинци или кадети треба да има еден клуб со кои учествува во системот на натпреварување во Федерацијата“, вели Мојсовски.

На врвот на листата на клубови кои добиле ваучери е ракометниот клуб „Вардар“ со 17 милиони денари (Извор: Агенција за млади и спорт)

Во 2023 година ваучери добиле 602 клуба, 45 федерации и 284 индивидуални спортисти. На врвот на листата е ракометниот клуб „Вардар“ со 17 милиони денари. Ракометните клубови генерално, добиваат најмногу пари од ваучерот, па РК „Пелистер“ и РК „Бутел“ имаат по 15 милиони денари, а РК „Пролет“ 12,5 милиони денари. Зад нив е кошаркарскиот првак КК „МЗТ Скопје Аеродром“ со 13 милиони денари, а кај фудбалските клубови листата ја предводат „Шкупи“ и „Шкендија“ со по 11,5 милиони денари.

Ракометната федерација неколку години по ред добива најмногу пари, лани ваучерот изнесувал 14 милиони денари. Фудбалската федерација не аплицира за ваучери. Кај спортистите највисока сум од 500 илјади денари добил сребрениот олимпиец Дејан Георгиевски. Борачот Владимир Егоров добил 360 илјади денари.

Со одлуката, парите предвидени за ваучерот да се доделуваат директно, државата ја признава грешката која ја направи пред пет години со воведувањето на овој систем за финансирање на спортот. Дополнително, неопходно е да се засилат законските механизми за отчесност и санкциите во случај на пропусти во извештаите за тоа како се потрошени парите на граѓаните, а ги користат клубовите кои во голем дел се приватни акционерски друштва.

Степенот на отчетност треба и мора да биде дополнително зајакнат и да не се дозволи спортските субјекти кои имале пропусти или воопшти не поднесувале извештаи да минуваат неказнето. Досега не е објавена ниту една постапка за некој од кориснiците на ваучери кај кои се констатирани недоследности.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски
Снимател: Иван Поповиќ
Фото: Никола Ѓуровски
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ