Унгарски гулаш на регионалното мени

ungarski gulash na regionalnoto meni naslovna

  • Центарот на унгарското влијание на Балканот е несомнено Србија, при што односите меѓу Србија и Унгарија се сметаат за најтесни односи меѓу две европски земји.
  • „4iG Group“, со седиште во Будимпешта и контролирана од унгарски инвеститори, поседува водечки телекомуникациски оператори во Унгарија и низ целиот Западен Балкан.
  • Врските меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фидес на Орбан често се толкуваат како идеолошко усогласување, а не како директно мешање, но сепак го обликуваат домашниот политички дискурс.
  • Некогаш унгарско влијание во Црна Гора беше ограничено на индивидуални инвестиции во банкарството и телекомуникациите, но сега меѓудржавните договори со Унгарија се директна соработка.

Азил за политички бегалци, медиумски и инфраструктурни инвестиции поврзани со унгарски бизнис кругови, усогласени пораки со пошироките наративи што се гледаат во унгарските провладини медиуми, блиски врски со Фидес (владејачката партија во Унгарија), заеднички стратегии за изборни кампањи, заеднички пристап кон национализмот, миграцијата и скептицизмот кон ЕУ – сето тоа ги карактеризира односите на Унгарија со земјите од Западен Балкан.

Не е тајна и дека Унгарија го гледа Балканот како стратешки коридор за увоз на енергија. Србија е клучен сојузник во овој поглед. Покрај тоа, телекомуникациската компанија „4iG Group“, со седиште во Будимпешта и контролирана од унгарски инвеститори, поседува водечки телекомуникациски оператори во Унгарија и низ целиот Западен Балкан – како што се „ONE Crna Gora“ во Црна Гора, „ONE Albania“ во Албанија и, неодамна, „One Macedonia Telecommunications“ кај нас.

Со оглед на тоа што телекомуникацискиот сектор е стратешки, не само од економска, туку и од безбедносна гледна точка, и дека „4iG Group“ е вклучена во воени активности, растот на унгарското влијание има значаен потенцијал.

Меѓу вклученоста на Унгарија во инфраструктурата, вреди да се спомене брзата железница Будимпешта-Белград. Неодамнешните договори со Подгорица во врска со модернизацијата на железницата сугерираат дека линијата би можела да се прошири понатаму до Бар на Јадранското Море, поврзувајќи ги српскиот и унгарскиот главен град со пристаништето на Црна Гора, но исто така и да ја вклучи во кинеската логистика. Ова не само што би и користело на црногорската економија, туку би го зголемило и влијанието на Будимпешта и Пекинг.

Во април 2024 година, унгарската влада издвои 140 милиони евра за серија проекти и во Република Српска во БиХ. Овие средства беа насочени кон инфраструктурни, земјоделски и енергетски иницијативи, со цел да се промовира економскиот развој во овој дел од БиХ. Во јули 2024 година, унгарската државна банка „Ексимбанк“ издаде заем од 500 милиони евра за развој на транспортната инфраструктура и поддршка на економијата во Македонија, во знак на поддршка на партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ, долгогодишен сојузник на Орбан.

ungarski gulash na regionalnoto meni 1
Во септември 2024 година во Скопје Владата и телекомуникациската компанија „4iG” потпишаа Меморандум за разбирање, во октомври беше основана компанија во Македонија, а во јануари годинава доби лиценца за трет мобилен оператор во Македонија (Извор фото: Владата на РСМ)

Кои се мотивите за таквите потези на Унгарија и дали зад поддршката се крие намера да се влијае врз внатрешните политички процеси на балканските земји кои уште не можат да застанат на нозе по распадот на некогашната комунистичка федерација?

Ивица Боцевски, некогашен вицепремиер за европски интеграции во македонската влада и дипломат кој за време на претседателствувањето на Унгарија со ЕУ од Будимпешта ја одржуваше врската со Владата во Скопје, посочува дека „во последните 15-20 години, Унгарија е една од водечките земји со поддршката на членството на сите земји од Западен Балкан во ЕУ“.

Тоа го остварува со своја јасна дипломатска акција како во Брисел, така и тука на терен“, вели Боцевски.

Во разговорите што ги водевме, пак, во Подгорица за оваа анализа, доминира заклучокот дека и односите меѓу Црна Гора и Унгарија се интензивираа во последните години преку политичката поддршка на Будимпешта за европската интеграција на Црна Гора, но и економските инвестиции и потпишувањето меѓудржавни договори. Во регионалната политика, Будимпешта често се позиционира како еден од најгласните застапници на проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан.

Будимпешта бара регионален престиж

Сепак, Унгарија не успеа да ги унапреди клучните балкански кандидати за време на нејзиното неодамнешно претседателство со Советот на ЕУ: Преговорите за пристапување на Македонија остануваат заглавени поради ветото на Бугарија,

Србија не отвори нови поглавја поради проблемите со нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и одбивањето на Србија да ја санкционира Русија.

ungarski gulash na regionalnoto meni 2
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто беше гостин на речиси сите изборни митинзи на српскиот претседател ( Извор фото: ФБ профил на Александар Вучиќ)

Па, зошто тогаш Унгарија ја промовира балканската интеграција? Аналитичарите велат дека преовладуваат две теории. Прво – да го зајакне своето влијание. Второ- Будимпешта бара регионален престиж, претставувајќи се себеси како главен застапник за европската иднина на Балканот. Но, притоа е очигледна јасна нерамнотежа: некои земји (Србија, Македонија и Црна Гора) или делови од земји (Република Српска во БиХ) се стратешки партнери на Унгарија, додека други (Албанија, Косово, централните институции на Босна и Херцеговина, Федерацијата на БиХ) добиваат помалку внимание и поддршка.

Центарот на унгарското влијание на Балканот е недвојбено Србија. Во последниве години, односите меѓу Србија и Унгарија во јавноста се сметаат за најтесни односи меѓу две европски земји, првенствено поради блискиот однос меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан. За многумина, првата асоцијација за овој однос е всушност прилично лошиот углед што овие две земји го имаат во Европската Унија – едната како членка, другата како кандидатка. И покрај ова, врските меѓу двете земји продолжуваат да се зајакнуваат, особено преку економијата, а соработката би можела да добие ново ниво ако унгарскиот „МОЛ“ ја купи српската национална нафтена компанија „НИС“.

Новинарот Никола Павловиќ од Србија гледа повеќе сличности меѓу лидерите на двете земји, иако нивните почетоци биле различни.

Александар Вучиќ и Виктор Орбан имаат слични политички кариери, со фактот дека двајцата завршиле на спротивните страни од своите почетоци. Виктор Орбан започнал како либерал, критикувал свештеници, само за подоцна да го ‘открие’ конзерватизмот и да се префрли надесно, на крајот на крајната десница, додека Александар Вучиќ тргнал во сосема спротивна насока“, вели Павловиќ, објаснувајќи дека Вучиќ за време на воените 1990-ти повикувал на убивање на „сто Муслимани за еден Србин“, што тој денес го негира.

Македонскиот пример, пак, е малку поинаков. Поради наизменичната политичката смена на двата спротивставени блока, Унгарија е видлив играч во Скопје само кога е на власт конзервативната ВМРО-ДПМНЕ. А тоа е сега. И претходно додека беше на власт оваа партија односите со Унгарија беа на највисоко ниво, толку многу, што по падот од власт на премиерот Никола Груевски и кривичниот прогон кој уследи против него, пријателска Будимпешта му даде политичко засолниште во вид на азил кој до ден-денес ја бранува партиската сцена во Македонија.

Нашиот соговорник Ивица Боцевски оцени дека ваквиот упад на Унгарија во внатрешните работи на Македонија во миговите кога Груевски беше означен како крал на корупцијата и требаше да оди в затвор, не значи мешање во политичката динамика на земјата. Ниту пак манипулација со информации, иако потегот на Будимпешта нанесе силен удар на битката против корупцијата во Македонија.

Политиката на азил на една земја е внатрешно суверено право и причините зошто Унгарија му додели азил на премиерот Груевски потекнуваат од тоа што тие сметаа дека судските процеси против него биле водени од политички побуди“, вели Боцевски.

ungarski gulash na regionalnoto meni 3
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна беше во посета на Будимпешта (Извор фото: Влада на РСМ)

Денес чадорот на Унгарија уште е над поранешниот македонски премиер, а неговиот партиски и политички наследник, актуелниот премиер Христијан Мицкоски, токму деновиве беше во трета по ред посета на оваа земја, што предизвика подигање на веѓите кај европските дипломати и кај опозицијата.

Унгарското влијание во Македонија е исклучително позитивно затоа што оваа земја уште од нејзината транзиција од реал-социјалистичка земја во демократска земја, па сѐ до денес, ја поддржува македонската апликација за членство во ЕУ и во НАТО, прво како земја кандидат која што беше една од водечките земји заедно со Полска и Чешка, а потоа се разбира и како земја членка на ЕУ“, коментира Ивица Боцевски.

Врските меѓу македонската десничарска партија која моментно е на власт и Фидес на премиерот Виктор Орбан во Унгарија често се толкуваат како идеолошко усогласување, а не како директно мешање, но сепак го обликуваат домашниот политички дискурс.

Будимпешта постојано испорачува политичка поддршка и иако нема видлива директна интервенција, овој вид дипломатско позиционирање влијае на домашната политичка динамика. Забележливо е промовирање на специфични наративи, како на пример, афирмација на антилиберално владеење, политика фокусирана на суверенитетот и засилување на политичките пораки кои се наклонети кон одредени актери, на пример кон членовите на Владата и премиерот.

Од минатата година и официјална Подгорица реши да „заигра“ на унгарската карта преку Договорот за соработка во областа на развојот на инфраструктурата меѓу Владата на Црна Гора и Владата на Унгарија. Часлав Пејовиќ, црногорски експерт по меѓународно право и професор на Правниот факултет Кјушу при Универзитетот Фукуока во Јапонија, за „Само прашај“ објаснува дека посебен проблем со неодамнешните меѓународни договори е тоа што тие ја исклучуваат примената на домашните закони за јавни набавки и тендери. Што, во превод значи дека Унгарија уште од сега си обезбедила повластена улога и влијание врз економските текови на идната членка на ЕУ, Црна Гора. И бездруго сојузник во некои идни превирања во Унијата.

Избегнувањето на тендер, нагласува соговорникот, би имало смисла само ако станува збор за итен проект, а веќе постои понуда што е многу поволна.

Во конкретниот случај на договорот со Унгарија, не се добива таков впечаток. Во договорот само се наведува дека Унгарија ќе понуди список на инвеститори. Затоа, нема ништо конкретно, некоја исклучително поволна понуда, што евентуално би можело да биде оправдување за исклучување на јавниот тендер“, вели Пејовиќ.

Иако, тој додава дека дури и таквото оправдување може да биде проблематично.

Непосредните договори носат ризик од можна корупција или компанија поддржана од странска држава да ја добива работата, иако за истиот проект може да се добие подобра понуда на јавен тендер“, истакнува Пејовиќ.

Зад Унгарија „ѕирка“ Кина

Според Центарот за западно-балкански студии, Унгарија активно го проширува своето влијание на Западен Балкан со примена на комплексен пристап што комбинира економски, политички, геополитички и безбедносни инструменти.

„Овој процес е дел од стратешките пресметки на владата под водство на премиерот Виктор Орбан, кој игра сложена, повеќенаменска домашна, надворешна и геополитичка игра“, се заклучува во анализата со наслов „Унгарската активност на Западен Балкан“.

Неодамнешните договори со Подгорица во врска со модернизацијата на железницата сугерираат дека линијата би можела да се продолжи понатаму до Бар на Јадранското Море, поврзувајќи ги српскиот и унгарскиот главен град со пристаништето на Црна Гора, но исто така инкорпорирајќи го во кинеската логистика. Ова не само што би ѝ користело на црногорската економија, туку би го зголемило и влијанието на Будимпешта и Пекинг.

Генералните пораки се дека Унгарија го гледа Балкан како дел од ЕУ и сака час поскоро да го види овој дел како дел од ЕУ затоа што смета дека е безбедносен, политички, културен и секаков друг интерес, да се заокружи европскиот простор на Западен Балкан и Унгарија веќе да не биде земја на граница на ЕУ“, истакна Боцевски.

ungarski gulash na regionalnoto meni 4
Иако присуството на Унгарија е во повеќе земји од регионот, сепак за центар се смета Србија (Извор фото: Претседателство на Србија)

Што се однесува, пак, до Србија и Унгарија, двете земји имаат сличности што ги прават „црни овци“ на Европа. Тоа е, пред сè, високото ниво на корупција во обете земји, но и слободата на медиумите, како и фактот дека најблиските членови на семејството и кумовите на двајцата лидери се добро познати на јавноста – и тоа не на добар начин, туку поради нивните високи позиции, огромни заработки и афери.

И владејачките партии станаа пријатели – унгарската Фидес и Српската напредна странка, која во меѓувреме, во 2012 година, ја презеде власта во Србија. Петер Сијарто, министер за надворешни работи, првпат се појави на настаните на СНС во изборната кампања во 2016 година. После тоа, унгарските функционери станаа редовни гости на изборните кампањи и митинзи. На пример, кога Вучиќ се кандидираше за претседател за прв пат во 2017 година, Сијарто го пофали на српски јазик. Сијарто беше гостин и на изборните митинзи во 2019 и 2023 година. Тој, пак, беше одликуван со една од највисоките државни почести во Србија за неговата улога во градењето на односите меѓу Унгарија и Србија.

Братството се пренесе и на економско-финансиската соработка. Унгарија најмногу се споменува во српските медиуми во контекст на потенцијалното купување на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е под санкции на САД поради руска сопственост, од страна на унгарскиот „МОЛ“. Економскиот новинар Александар Милошевиќ објаснува дека, доколку американскиот OFAC одобри, оваа купопродажба би била многу важна за Србија, бидејќи би го решила проблемот што го загрозуваше протокот на нафта во Србија, кој во еден момент речиси целосно запре.

Поради американските санкции поради руска сопственост, Србија се соочува со можен недостиг на гориво, кој, доколку останеше на сила подолго, не само што би довел до редици на пумпите, туку би ја загрозил и српската економија. Покрај тоа, санкциите се заканија да создадат многу поголеми проблеми, да го доведат НИС во банкрот, да ја спречат компанијата да работи било каков бизнис и да користи банкарски сметки и да ги прогласат за доспеани сите негови кредити, додека на домашните банки и Народната банка на Србија (НБС), исто така, им се закануваа санкции доколку продолжат да соработуваат со НИС “, објаснува Милошевиќ.

Дали унгарското сопствеништво во српската национална нафтена компанија би значело и нивно политичко влијание, е прашање што само се поставува. Сепак, Милошевиќ смета дека тоа не мора да биде случај, бидејќи односите меѓу двете земји секако се веќе доволно добри.

Преземањето на НИС од страна на МОЛ сигурно би претставувало дополнителен чекор во зближувањето на двете земји. МОЛ на тој начин би станал убедливо најважната странска компанија во Србија и како таква, сигурно би ѝ обезбедила на Будимпешта поголемо политичко влијание. Сепак, со оглед на многу добрите односи меѓу двете земји и високото ниво на согласност меѓу нивните политики, можно е  Унгарија да не мора да прибегнува кон ваков вид притисок за кое било прашање што ќе го има во односите со Србија“, вели Милошевиќ.

Маневарот се исплатеше

Бездруго притисок не е потребен ни врз Македонија затоа што, само по два месеци од враќањето на десницата на власт во 2024, во Охрид долета лично Виктор Орбан да му честита на Мицкоски на победата што беше дочекано со задоволство во новата владејачка партија.

ungarski gulash na regionalnoto meni 5
Во септември 2024 година во Охрид се одржа меѓувладина седница, два месеци по победата на ВМРО-ДПМНЕ (Извор фото: Влада на РСМ)

Маневарот се исплатеше, затоа што годишниот план за енергетски објекти за 2026 година усвоен од Владата опфати и учество на фирми кои се поврзани со компании од Унгарија, блиски на Орбан, како на пример иницијативата за когенеративна гасна централа вредна 445 милиони евра каде се јавува фирмата „Статус Енерџи ДОО Скопје“. Фирмата која е планирана е ќерка-фирма на унгарската Status Energy KFT. Оваа унгарска фирма е дел од Status Energy Private Equity Fund и е индиректно поврзана со Виктор Орбан преку сопственичка структура што ја вклучува OPUS Global, компанија контролирана од Лоринц Месарош (Mészáros Lőrinc), еден од најбогатите Унгарци и долгогодишен пријател и сојузник на Орбан.

Освен опозицијата во Македонија која е нагласено вокална во критиката дека Владата е под силно влијание на Унгарија и на тамошниот лидер Виктор Орбан (текстот е пишуван пред изборите на 12 април, н.з.), мнозинството мрзеливо го набљудува политичкиот мост меѓу Скопје и Будимпешта кој резултираше со серија меѓудржавни средби во нецели две години откако конзервативната ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт.

Не би рекол дека Унгарија се меша во Македонија, мислам дека начинот на кој што тие работат е еден вид на меѓудржавна соработка која што не се меша со меѓупартиската соработка“, вели Ивица Боцевски. Тој аргументира дека еден од најблиските луѓе на Балканот со Орбан е премиерот на Албанија Еди Рама со што нагласува дека унгарско-македонското пријателство не е ексклузивно во регионот. „Околу меѓупартиските односи премиерот Орбан јасно се фокусира на партиите кои што го споделуваат неговото гледиште кон светот“, потенцира тој.

Боцевски, кој извесен период и самиот престојуваше во орбитата на унгарскиот лидер, не гледа, вели, ништо загрижувачко во блиските релации на Македонија со Унгарија. И премиерот Мицкоски при неодамнешната посета на Будимпешта ја посочи  како пример за успешна држава под лидерството на Виктор Орбан. Двете земји имаат потпишано и договор за стратешка соработка.

Сепак, последните достапни податоци од 2024- 2025 година говорат дека вкупната трговска размена меѓу Македонија и Унгарија на годишно ниво е меѓу 800 и 1,1 милијарда долари, но дека Унгарија се наоѓа на средното ниво на скалата на трговски партнери на Македонија. Дефицитот, е на страна на Македонија. Тоа покажува дека политичките односи не се совпаѓаат со трговските и со економските односи што води кон заклучок дека контактите се првенствено заради политички интерес.

ungarski gulash na regionalnoto meni 6
Во текот на 2025, повеќе министри беа во посета на Унгарија, главно за економска соработка

Унгарските лидери ја прикажуваат својата балканска стратегија како суверена и прагматична, насочена кон обезбедување економски и политички дивиденди. Но, всушност, се наведува во документот на Центарот за западно-балкански студии, активностите на Унгарија на Западен Балкан се тесно испреплетени со унапредувањето на руските и кинеските интереси – дури и ако тоа никогаш не биле експлицитни цели на Будимпешта.

Унгарија долго време е вклучена и во решавањето на безбедносните прашања на Западен Балкан. Унгарските трупи активно учествуваат во мировните мисии ЕУФОР и КФОР. Покрај тоа, Унгарците често заземаат водечки позиции во овие мисии, што го нагласува интересот на Будимпешта за обликување на регионалната безбедност.

Надвор од меѓународните мисии, примарен партнер за регионална безбедност на Унгарија е Србија. Во 2023 година, Белград и Будимпешта потпишаа договор за стратешка одбранбена соработка. Во јуни 2025 година, тие го финализираа билатералниот план за воена соработка за 2025 година, во кој се наведени речиси осумдесет заеднички активности – почнувајќи од воени вежби и мировни распоредувања до соработка во одбранбената индустрија.

Унгарија е важен економски партнер на Србија.

Најзначајната инвестиција е секако водечката унгарска ОТП банка, која ја купи Сосиете Женерал банка во Србија и ја интегрираше поранешната Војводина банка и денес претставува втора по големина банка во Србија. Унгарците се исто така многу активни во енергетскиот сектор – нивната водечка компанија за електрична енергија МВМ неодамна купи мнозински удел во компаниите Јужна Бачка и Електромонтажа од Краљево, а самиот МОЛ веќе работи во Србија преку својата мрежа на бензински пумпи“, објаснува Милошевиќ.

Црна Гора си ја загрозува ЕУ-интеграцијата

И Црна Гора во Унгарија е опишана како стратешки важна поради нејзината географска положба и потенцијалната улога во поврзувањето на Централна Европа со Јадранското Море и балканските транспортни коридори. Во овој контекст, Орбан ја нагласува важноста од изградба на нови железнички и патни правци што би овозможиле трговски патишта до Јадранското Море.

Најголемиот унгарски капитал во Црна Гора моментално е во банкарството, преку групацијата OTP Group. OTP е сопственик на Црногорска комерцијална банка (CKB), една од најголемите банки во земјата. Покрај тоа, унгарската компанија 4iG го презеде мобилниот оператор One Crna Gora (порано Telenor).

ungarski gulash na regionalnoto meni 7

Додека претходното унгарско влијание во Црна Гора беше ограничено на индивидуални инвестиции, првенствено во банкарството и телекомуникациите, меѓудржавните договори со Унгарија воведуваат модел на директна соработка во инфраструктурни и телекомуникациски проекти. Два договора беа потпишани во Будимпешта во јули 2025 година меѓу владите на Црна Гора и Унгарија – едниот за соработка во областа на инфраструктурата, а другиот за телекомуникации, информатички технологии и спроведување на законот.

Мора да бидеме свесни дека сите овие договори, иако се економски, имаат и политичка порака. Она што е јасно е дека преку вакви договори, ако почнат да се спроведуваат, влијанието на самата Унгарија ќе биде посилно врз Црна Гора, односно врз внатрешните политики на Црна Гора, бидејќи мора да бидеме свесни дека секогаш кога имаме конкретна инвестиција, особено ако имаме големи инфраструктурни проекти, дека имаме и одредено влијание, односно притисок врз државата“, вели Мирза Мулешковиќ, економски аналитичар од Црна Гора.

Тој додава дека „не е добро што имаме целосно затворени јавни набавки, затоа што ја задушува конкуренцијата“.

Она на што треба да внимаваме, кога зборуваме за вакви договори е да се спроведуваат според националното законодавство, да не ја нарушуваме конкуренцијата и да обезбедиме еднаков однос на сите учесници на пазарот. Бидејќи ако имавме одредени проекти што се ексклузивни, тоа испраќа негативна порака“, потенцира соговорникот.

Критичарите предупредуваат дека моделите во кои државата директно доделува проекти на одредени компании може да бидат проблематични за земјата кандидат за ЕУ. Ова е важно бидејќи јавните набавки (Поглавје 5) се едно од клучните поглавја во преговорите на Црна Гора со ЕУ, кое е привремено затворено.

Меѓународните договори може да се сметаат како манифестации на дипломатски и пријателски односи меѓу државите, што е позитивно, додава експертот за меѓународно право Часлав Пејовиќ, но тоа вели тој не носи никаква посебна корист.

Самите договори честопати имаат минимални или никакви економски ефекти. Инвеститорите инвестираат во земјата ако ја видат можноста за профит, додека самото постоење на меѓународни договори нема никаков посебен ефект врз самата одлука. Од позиција на национални интереси, многу е подобро да се има добра законска рамка со минимално бирократско мешање“, порача тој.

Некои балкански држави во односот на Унгарија гледаат како утеха за застојот во ЕУ интегрирањето, некои како поддршка, но едно е сигурно, унгарското влијание на Балканот јакне со секоја година, а со тоа и критиките дека цврстата рака на Виктор Орбан се протега и до Белград, Скопје, Подгорица и другите земји од регионот. Сепак, неговата политика ќе биде на голем тест на 12 април, кога во Унгарија ќе се одржат избори за кои анкетите за првпат предвидуваат водство на неговиот ривал Петер Маѓар.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Крамарска, Маја Боричиќ (Црна Гора), Дуња Мариќ (Србија)

Сниматели: Наке Батев, Славен Томовиќ

Монтажа: Ристо Душковски

Поврзани стории:

Кина и Западен Балкан: Дали јуанот ќе проговори и на политички јазик?

Идеолошките врски се минато – односите меѓу Кина и Македонија сега се градат преку економија и мека моќ

Малцински мостови кон матичната држава: Тенка е линијата помеѓу помош и политичко влијание