fbpx

Како може да се реши проблемот со големиот број улични кучиња во градовите?

Одговара Д-р Жарко Михајлоски од Ветеринарната комора на Република Северна Македонија.

И самите знаеме дека и досега во нашата држава постојат законски решенија со кои се овозможува справување со проблемот со кучињата скитници. Имаме поддршка од Законот за ветеринарно здравство, Законот за идентификација и регистрација на домашните миленици, Законот за благосостојба на животните. Самото законско решение е почеток на решавањето на проблемот со кучињата скитници во нашата држава. Меѓутоа, гледаме дека законската основа не е доволна за решавање на овој проблем. Почетокот на решавањето беше идентификацијата и регистрацијата на домашните миленици - процес со којшто се овозможува следењето на домашните миленици односно да знаеме кој е нивниот сопственик и кој треба да се грижи за нивната благосостојба.

Исто така, државата уреди закон и правилници со коишто се овозможи отворање на прифатилишта за кучињата скитници. Се воведе Програмата „Фати-Стерилизирај-Вакцинирај-Врати“ за кучињата скитници. Сите овие мерки придонесоа до одреден момент за намалување на бројот на кучињата скитници меѓутоа очигледно е дека проблемот не се реши. Дури можеме да констатираме дека во одредени моменти истиот ескалира.

Постојат многу предлози и програми како да се намали бројот на кучињата скитници по нашите улици. Меѓутоа она коешто сакам кратко и јасно да потенцирам е дека исклучиво почитувањето на Законот за идентификација и регистрација на домашните миленици, спроведувањето на одговорното сопствеништво на истите и понатамошната контрола на репродукцијата на истите претставува основа за трајно решавање на овој проблем. Ова е проблем којшто долго време ќе се решава меѓутоа без почитување на овие законски норми, што и да направи државата и локалните самоуправи и колку средства тие и да потрошат - нема проблемот да се реши без почитување на основните законски обврски.

Обврска на локалната самоуправа е да се спроведуваат програми и да се издвојуваат средства од буџетот за третман на кучињата скитници. Меѓутоа сведоци сме дека голем број од општините ниту имаат програми, ниту пак спроведуваат третман врз кучињата скитници. Сакам да го потенцирам тој момент дека државата мора да се погрижи и да ги предупреди локалните самоуправи да ја исполнат својата законска обврска, да спроведат програми и да одвојат средства за решавање на овој проблем.

Повторно на крајот ќе потенцирам дека до трајно решавање на овој проблем најважно е почитувањето на идентификацијата и регистрацијата на домашните миленици или нивното микрочипирање, потоа редовната вакцинација и спроведување на контрола на репродукцијата. Тоа коешто во последните предлог-измени на Законот за благосостојба е тенденција да се направи, е да се воведе контрола на репродукцијата со регистрација на одгледувачи коишто ќе сакаат своите домашни миленици понатаму да ги репродуцираат и да бидат пријавени во посебен регистар и на тој начин да се врши контрола врз таа популација.