fbpx

Сè што треба да знаете за крводарителството и придобивките за крводарителите

Доброволното крводарителство во Македонија има една единствена цел да се мотивираат што поголем број на луѓе доброволно да даруваат крв за да може да се соберат потребните количини на крв и крвни продукти неопходни за лекување на болните и повредените. Крводарителството ги развива хуманоста и солидарноста кај граѓаните, а особено кај младите, и придонесува за подигнување на нивото на здравствената култура и јавната свест. Од тие причини мотивирањето на населението за доброволно дарување на крв е исклучително важно за градење позитивен однос кон крводарувањето.

КОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ КРВОДАРИТЕЛ?

Крв може да дарува секое лице на возраст од 18 до 65 години, што има најмалку 50 килограми и е во генерално добра здравствена состојба. Според сите законски и етички прописи крвта се дарува, и не се продава, ниту пак може да се купи, барем на европско тло. Затоа дарувањето крв се смета дека е доброволно и без финансиски надомест.

За да станете крводарител треба да ги исполните следните задолжителни услови:

  • Да бидете здрав/a и да сте на возраст од 18 до 65 години.
  • Пред дарувањето потребно е да пополните прашалник за дарител на крв. Неопходно е искрено да одговорите на поставените прашања, бидејќи на тој начин го штитите сопственото здравје, но и здравјето на лицето што ја прима Вашата крв.
  • По пополнувањето на прашалникот се пристапува кон боцкање на прст за да се земе крв и да се исконтролира нивото на хемоглобин во крвта.
  • Потоа следи разговор со лекарот, кoj го разгледува прашалникот што сте го пополниле, Ви мери крвен притисок и ја слуша работата на Вашето срце. По извршениот преглед лекарот треба да даде согласност за да дарувате крв.
КОЛКАВО КОЛИЧЕСТВО НА КРВ МОЖЕ СЕ ДАРУВА И ЗА КОЛКУ ВРЕМЕ СЕ НАДОМЕСТУВА ДАРУВАНАТА КРВ?

Една стандардна единица крв изнесува 450 милилитри, но под строго одредени услови може да се дарува и помала количина на крв што се врши во кеси наменети за таа намена. Со една дарувана кеса крв можете да спасите и до 3 или 4 животи затоа што од една единица полна крв се прават повеќе производи.

Човек со околу седумдесет килограми има околу пет литри крв. Течниот дел од крвта – плазмата се надоместува за 24 часа, додека крвните клетки (еритроцити, тромбоцити, леукоцити) се надоместуваат постепено во текот на неколку недели. Затоа е задададен и временски интервал помеѓу две дарувања од 3 месеци за мажи и 4 месеци за жени.

ПРОГРАМА ЗА ПОДДРШКА НА КРВОДАРИТЕЛСТВОТО

Крводарителството има нагласено општествено значење. Без потребните количества на крв и крвни продукти не е можно да се обезбеди современа и квалитетна здравствена заштита. Во земјава дарувањето крв е доброволно и се спроведува преку акции организирани од Црвениот крст со помош на стручни тимови од Институтот за трансфузиона медицина. Потребите на државата од единици на крв, крвни продукти и резерви ги утврдува Министерството за здравство во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, врши надзор над учесниците во спроведувањето на Програмата за поддршка на крводарителството и утврдува систем на квалитет. Програмата се реализира во рамките на обезбедените средства од државниот буџет. За 2023 година била во вкупен износ од 30 милиони денари.

Црвениот крст на Република Северна Македонија во областа на крводарителството, при реализација на Програмата, ги врши следните активности :

  • Континуирана здравствено-воспитна и мотивациска работа кај населението;
  • Непосредна подготовка на крводарителските акции во сите средини;
  • Изготвување на информативно-пропаганден материјал;
  • Анкетирање и изготвување на списоци на потенцијални дарители на крв;
  • Учество на волонтери на самата акција за прифаќање на дарителите на крв;
  • Евиденција на крводарителските акции на посебни формулари ;
  • Изготвување на периодични и годишни извештаи за работа, што ги доставува до Министерството за здравство;
  • Доделување на признанија на крводарителите;

Додека пак, Институтот за трансфузиона медицина и трансфузиолошките служби, ги вршат следните активности:

  • Ги утврдуваат потребите за крв и крвни продукти за населението заедно со Министерството за здравство;
  • Вршат организирано прибирање на крв од доброволни дарители со мобилни екипи и во службите за трансфузиологија при болничките центри;
  • Вршат контрола на крв, приготвување на крвни компоненти, нивно чување и експедиција;
  • Во соработка со клиниките или болничките центри при медицинските центри вршат контрола на употребените крвни продукти;
  • Обезбедуваат стандарди за прибирање на крв;
  • Вршат здравствена контрола и се грижат за здравјето на дарителите на крв;
  • Водат национален регистар за дарители на крв;
  • Изготвуваат книшка за дарители на крв;
  • Учествуваат во здравствено-воспитна, мотивациска, истражувачка работа за развој и унапредување на крводарителството;
  • Обезбедуваат унифициран благодарен оброк за дарители на крв.
КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ ЗА КРВОДАРИТЕЛИТЕ?

Според Законот за работни односи работникот кој доброволно дава крв има право на отсуство од работа на два последователни работни дена за секое дарување крв. Дарителите на крв кои имаат дарувано крв повеќе од десет пати се ослободени од партиципација во цената на некои здравствени услуги:

  1. амбулантно-поликлиничка здравствена заштита
  2. лабараториски прегледи и анализи
  3. ренгентски прегледи, ехографски снимања, преглед со скенер и магнетна резонанца
  4. специјалистички лекарски преглед
  5. болничко лекување и рехабилитација
  6. лекување на болести на уста.

Освен ова предвидени се и признанија, благодарници и пригодни обележја за секој крводарител кој дарувал крв 5, 10, 25, 50 или повеќе пати. Признанијата ги обезбедува Црвениот крст.

КАДЕ СЕ ЕВИДЕНТИРААТ КРВОДАРУВАЊАТА?

Крводарителската книшка служи за регистрација на крводарувањата. Во неа се води евиденција на дарувањата на крв и во една книшка може да има максимум до петнаесет крводарувања. Доколку крводарителот ја изгуби крводарителската книшка може да се обрати до општинската организација на Црвениот крст во општината каде што живее, во Црвениот крст на Град Скопје или до Институтот за трансфузиона медицина. Според одговорните системот за евиденција на дарувањата на крв мора да биде унапредуван, но се бара и искреност од крводарителите колку пати навистина дарувале крв и каде тоа го направиле за заеднички да може да се надмине проблемот.

Новинарка: Сунчица Николоска