fbpx

Бесими ги „oбрa црешите“ околу потфрлањето на наплатата на ДДВ во првите седум месеци од годинава

  • Министерот за финансии на прес-конференција рече дека не се води евиденција за наплата на ДДВ на месечно ниво, туку само во однос на целата тековна година или во споредба со истиот период лани.
  • На наше барање откривме дека податокот за месечен план постои и тоа во Управата за јавни приходи која што е во надлежност на Министерството за финансии.
  • Бесими наместо да одговори за тоа колку е разликата меѓу планираното и наплатеното ДДВ за првите седум месеци од 2023 година, тој направи споредба со сумата собрана во овој период годинава со ланската.
  • Ова е пример за примена на техника за манипулација со методот пристрасно селектирање, позната како „Берење цреши“.
 

Министерот за финансии Фатмир Бесими (ДУИ) на прв поглед беше затечен од прашањето на новинар околу потфрлањето на наплатата на данокот на додадена вредност во првите седум месеци од 2023 година и тоа за цели 112 милиони евра. Тој, прво се обидуваше да прецизира на кој период се однесува ова потфрлање, па откако конечно, по три - четири повторувања на новинарката дека потфрлањето се однесува во однос на планираното од јануари до август 2023, како што стои во изворниот текст објавен на www.pari.com.mk, тој кажа дека не се води ваква евиденција за наплата на месечно ниво, туку само во однос на целата тековна година или во споредба со истиот период лани.

Но, податокот за месечен план постои и тоа во Управата за јавни приходи (УЈП) која што е во надлежност на Министерството за финансии. Ова не е податок кој јавно се објавува, го побаравме од УЈП, инспирирани од наплатата на ДДВ за првите шест месеци од само 40,57 отсто, како што може да се види на вебстраницата на Министерството за финансии. Она што ни беше чудно е што на половина од година, наплатата не е блиску до 50 отсто од планираното за 2023 година.

Во одговорите добиени од УЈП освен што дознавме дека скоро секогаш за првото полугодие се очекуваат помали приходи, во овој случај 47% од планираното за целата година, а во второто останатите 53%, се гледа и дека има и месечно планирање колку ДДВ да се собере. Сето тоа е напишано во текстот „Наплатата на ДДВ потфрли за 112 милиони евра“.

Бесими на пресот беше затечен од прашањето околу потфрлањето на наплатата на ДДВ (Извор: ФБ профил на Бесими)

Но, одговорот на министерот Бесими кој беше пренесен во медиумите беше „малку“ различен од напишаното во текстот и од поставеното прашање.

„Во периодот од 1 јануари до 18 август годинава ДДВ-то е повисоко за 4,8 % на нето-основа, односно надминато во однос на истиот период од 2022 година. Вкупните приходи во однос на 2022 година се повисоки за 12,5 %. Кај данокот на личен доход се повисоки за 15,2 %, кај данокот на добивка се повисоки за 6,7 %, 4,8 % кај ДДВ, кај акцизите се повисоки за 5,9 %, кај увозните давачки 9,9 %, кај другите даночни приходи се повисоки за 4,1 %, а кај придонесите за 19,3 %“, изјави на прес-конференцијата на 22.08.2023 година Бесими кога го даде овој одговор по сугестија на неговите соработници по што тој беше пренесен во медиумите. Со ова, тој успешно си ја наведе „водата на своја воденица“.

Одговорот на Бесими пренесен во медиумите

Но, во текстот се зборува за тоа колку е собрано или во случајов не е собрано во споредба со планираното за првите седум месеци од 2023 година, а не во однос на минатата година.

Поранешниот министер за финансии Никола Поповски во поткастот „Каде се парите“ посветен на дезинформациите во економијата кој се реализираше во соработка со Институтот за комуникациски студии, вели дека сè почесто забележува точни, но селективни податоци од политичарите.

„Па забележувам.... Тие често користат селективни информации или не ги соопштуваат информациите во форма во каква што треба и со тоа предизвикуваат збунетост дека информациите што ги соопштуваат се такви какви што они би сакале да бидат. Економските информации се егзактни, затоа што ако потекнуваат од приватниот сектор, од микроекономијата, тие постојат, се егзактни, а ако потекнуваат од овие агрегатни, од макроекономски индикатори, има надлежни институции што ги пресметуваат. Македонија за среќа нема институции и методологии, податоци што не ги соопштуваат согласно со највисоките меѓународни стандарди“, вели Поповски во поткастот.

Но, дали споредбата на приходите од оваа година со ланските, има некое економско значење, односно се важен показател или поважна е реализацијата во однос на планираното за годината?

„Важни се и двете. Споредбата со претходната година е важна затоа што го покажува пулсот на економијата. Споредбата со планираното за истата година е важна за да се види дали плановите на владата во поглед на очекувањата за економската активност, изразени преку проекциите на растот на економијата и цените, но и во однос на сите промени во регулатива и политики кои ги предвидела соодветно се ефектуираат“, вели за Само прашај универзитетскиот професор и економист Марјан Петрески.

Ваквиот начин на комуникација и претставување на фактите, честопати се користи како манипулативна техники во јавната комуникација, која што има за цел да ја наведат или замајат јавноста. Извор: МЕДИУМ

Метод за пристрасно селектирање познато како „берење цреши“ (Cherry Picking)

„Методата за пристрасно селектирање позната како „Берење цреши“ (Cherry Picking) се однесува на избирање и прикажување само на оние податоци или информации кои поддржуваат одреден аргумент или позиција, додека се игнорираат или се пренебрегнуваат податоци или информации кои може да ја побијат или ослабнат позицијата на соговорникот.

Во основа, ова е техника на манипулација или селективна презентација на информации со цел да се искриви објективната слика на фактите или податоците за да се оствари одредена цел“.

 

„Сепак, Министерството за финансии има уште многу работа во делот на транспарентноста. На пример, скоро и да нема, или ако има се тешко обработливи во техничка смисла, дезагрегирани податоци за ДДВ приходите, на пример по сектори, или по други линии на поделба. Втора битна работа е дека буџетските податоци се сè уште во форма на илјадници ексел фајлови или ПДФ фајлови, и во тој сегмент Министерството за финансии значајно стагнира зад МАК-СТАТ и НБ-СТАТ системите кои од одамна ги имаат Државниот завод за статистика и Народната банка“, вели Петрески.

За манипулациите во економијата и за тоа како да се бориме против нив, со со комуникологот Магдалена Михајловска и со поранешниот министер за финансии, Никола Поповски разговаравме во поткастот „Каде се парите“ кој pari.com.mk го изработи во соработка со Институтот за комуникациски студии.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Горан Теменугов
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ