Граѓанските организации ја градат отпорноста на општеството од манипулации

  • Кампањи како „Западот го напаѓа православието“ или „Вакцините се средство за контрола“ се дел од долгогодишни СММИ кои ги поткопуваат демократските процеси и јавната доверба.
  • Граѓанските организации го засилуваат отпорот кон дезинформациите преку проверка на факти, едукација и информирање на јавноста, и покрај ограничените ресурси.
  • Државните органи покажуваат пасивност или недоволна координација, што ја отежнува системската борба против странското мешање и манипулацијата со информации.
  • Граѓанските организации се изложени на онлајн и офлајн напади, дискредитирање и заплашување што ја намалува довербата во нивната работа.
  • Долгорочна стратегија за отпорност вклучува вложување во медиумска писменост, образованието, институционална координација и финансиска и политичка поддршка на граѓанскиот сектор.

„Западот го напаѓа православието и манипулира со Македонија зашто сака да ја уништи... Вакцините се средство на Западот за контрола на населението... Родовата еднаквост е западна идеологија што го уништува семејството…“

Овие и слични пораки се дел од широка кампања на дезинформации кои со години циркулираат во јавниот простор. Странското мешање и манипулацијата со информации (СММИ) претставуваат една од најсериозните закани за демократскиот развој и стабилноста на Македонија. Тоа не се ограничува само на обиди за влијание врз изборни процеси или политички одлуки, туку е насочено и кон длабинско менување на јавното мислење, поткопување на довербата во институциите и создавање општествена поларизација.

Ваквите влијанија — кои често делуваат преку добро организирани мрежи со поддршка од странски актери — ја користат слабоста на медиумскиот систем, ниското ниво на медиумска писменост и недоволната координација меѓу државните институции и граѓанското општество.

Но, што кога државата, академската сфера, па и приватниот сектор молчи на оваа тема? Токму затоа, граѓанското општество игра клучна улога во градењето на отпорност кон странското мешање и манипулација со дезинформации. Преку својата работа фокусирана на оваа тема, тие придонесуваат да се препознае проблемот, но и да се спротивстават на штетните влијанија кои преку координирани мрежи од анонимни профили, автоматизирани ботови и медиумски канали под контрола, се пренесуваат во јавниот дискурс во Македонија. Потоа овие наративи влијаат врз јавните политики, безбедноста и демократскиот развој на земјата.

Фондацијата Метаморфозис од 2011 година го одржува Сервисот за проверка на факти „Вистиномер“, со којшто одредени дезинформации се анализират и се објавуваат написи, преку кои граѓаните потоа можат да дознаат што е вистинито, а што не и како еден вид на јавна едукација, во иднина да знаат како да постапат доколку повторно наидат на таков тип на дезинформација.

„Во целиот регион како и во нашата земја имаме голем недостаток на капацитети коишто се вложуваат во работа на јакнење на отпорноста на општеството, не само кон овој потесен облик на штетни странски влијанија, туку и погенерално кон разните типови на закани. Она што го имаме како дел од граѓанското општество што работи на овие теми, се сепак само неколку организации и она што го прават тие организации е исклучително важно, но тие работат со многу ограничени ресурси со поддршка од странство преку аплицирање на повици од меѓународни донатори за грантови. Воедно не може да се потпрат на домашни извори, бидејќи на ниво на државата немаме одвоено средства за поддршка на ваков тип на градење отпорност, којшто опфаќа не само идентификување на проблемот, туку и форми на негово решавање“, вели Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата за Интернет и општество „Метаморфозис“.

Според него, неопходно е вклучување на целата медиумска сфера, особено на меинстрим медиумите што се обраќаат до широката публика, да ги пренесуваат овие теми и да ги едуцираат граѓаните, било за содржините што ги прават проверувачите на факти, но и за она што го прават организациите што се залагаат за медиумска писменост.

Во последната деценија, државните институции не покажаа значителна активност во спротивставувањето на странските злонамерни влијанија и дезинформации, иако во 2019 година Владата направи одредени напори со предлагање на конкретен план. Националното собрание, пак, остана неактивно во целиот процес. Моментално најмалку пет комисии имаат мандат да се занимаваат со ова прашање, но само Комисијата за одбрана и безбедност покажа интерес за вклучување.

Извор: Stability Under Threat: FIMI in North Macedonia - Analytical report on the Foreign Information Manipulation and Interference (FIMI) in the Republic of North Macedonia.

Стојановски смета дека ситуацијата во целиот регион е слична, а во некои земји и многу полоша отколку во Македонија, бидејќи постои отворено спротивставување на властите во тие земји кон ваквиот тип на напори за создавање отпорност на СММИ.

„Имаме етикетирање на организациите што работат на борба против дезинформациите како странски шпиони и слично и државна поддршка за разни дезинформациски наративи. На пример, драстична е ситуацијата во Србија којашто, пак, служи како еден вид балкански центар за дистрибуција на дезинформациите коишто доаѓаат, било од исток, било од запад од разни антидемократски сили, а се шири од нивната мрежа на медиуми, а нивната мрежа има политичко влијание. Политичкото влијание преку политичарите исто во нашите истражувања е идентификувано од граѓаните како еден од главните начини на ширење на дезинформации и одговорноста на политичарите е огромна, бидејќи тие се всушност најголемите инфлуенсери, односно креатори на јавното мислење, но не смее да се занемари дека тука улога имаат и образовниот сектор и нашите капацитети. Тука имаме голем парадокс. Иако реформите во образовниот сектор се поставуваат како врвен политички приоритет, тоа не го гледаме одразено во одвојување на државни средства за тие реформи особено во насока на зголемување  на дигиталната и медиумската писменост“ појаснува тој.

На Балканот постојат неколку организации и платформи коишто се занимаваат со СММИ меѓу кои: Vistinomer.mk од Северна Македонија, Raskrinkavanje.rs, Istinomer.rs и Fakenews.rs од Србија, Raskrinkavanje.me од Црна Гора, Raskrinkavanje.ba од Босна и Херцеговина, Faktoje.al од Албанија и Hibrid.info и Kallxo од Косово.

Сара Миленковска, активистка, истражувачка и проектна координаторка во Коалиција Маргини истакнува дека странското мешање и манипулацијата со информации што се шири на социјалните мрежи се претвора во реално насилство и освен ранливите групи коишто се таргет, на тапет се и самите граѓански организации кои работат на оваа тема.

„Едно од клучните бариери со коишто се соочува граѓанското општество е самите напади коишто доаѓаат од антиродовите актери. Меѓутоа, уште поголем проблем би рекла, е што граѓанските организации кои со години работат, кои имаат изградена и доверба и присутност на низ општеството се ставаат на исто рамниште со некои неформални Фејсбук здруженија. Се ставаат како еднакви кога се зема експертизата и кога се зема предвид што е поважно да се направи во однос на една политика“, појаснува Миленковска.

Ефектот од антиродовите кампањи е промена на наративите во институциите, јавна омраз, насилство и дикриминција

Според неа, патот на граѓанските организации да дејствуваат во борбата против СММИ е отежнат од повеќе фактори, имајќи предвид дека институциите стануваат соучесници во пропагандата, наместо да го адресираат насилството, говорот на омраза и дискриминацијата што се создава со антиродовата и анти-ЛГБТ пропагандата.

И Стојановски е согласен за пасивноста на државата.

„Досега имавме различен однос на различните државни институции кон ова прашање пришто во периодот пред неколку години беше прифатена инцијативата за креирање на национална стратегија, но таа сега е во некаква форма на застој или пауза“, додава тој.

Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦС), потенцира дека во голем дел наназад низ овие декади, граѓанското општество разви експертиза на многу пати и поголема од тоа што државните институции ја имаат во различни домени на политиката, вклучително и во овој домен на дезинформирање и дезинформативни политички кампањи, кои се дел од хибридните војувања во поново време.

„Во ситуација кога имаме мали капацитети како држава да се справиме со истото, особено во делот на препознавање и следење ниту МВР ниту Агенцијата за аудиовзиуелни медиуми ниту пак други инстанци имаат значително или доволно таква експертиза. Улогата на граѓанското општество е секако добредојдена и додадена вредност во оваа борба. Она што е на негативната страна е што нашето ниво на медиумска писменост како општество е прилично ниско на дното сме во Европа на индексите коишто мерат таа медиумска писменост“, истакнува Трошановски.

Низа предизвици за граѓанскиот сектор 

Кога станува збор за справување со странското мешање и манипулацијата со информации, капацитетите во Македонија се многу мали, а граѓанските организации фокусирани на овој проблем се ограничени во својата работа поради низа причини.

Финансирањето на граѓанските организации, недостаток на стручен кадар односно постојаната потреба на развој на капацитетите, онлајн и офлајн притисоците што им се вршат на вработените во граѓанските организации, како и преминувањето на кадарот од невладиниот во владин сектор, се главните предизвици кои се испреплетуваат низ годините.

Експеритите се согласни дека главниот проблем, финансирањето на граѓанските организации треба да биде сè повеќе од домашни извори, од државниот буџет, од самите општини, па дури и од филантропски активности од фирми, наместо да се чека на странските донатори кои порано или подоцна, неминовно ќе си заминат.

„Многу организации ќе почнат како граѓанска иницијатива, ама како ќе тргнат со својата работа, полека забораваат за што се формирале или се развиваат во сосема друга насока, губејќи го контактот со тие граѓани со кои се основани или за кои решиле да работат и тој дисконект се чувствува и влијае за оваа перцепција на недоверба бидејќи генерално треба да си блиску до луѓето за кои се залагаш и тоа е една од примарните работи кои треба секоја граѓанска информација да си води - за кого ние постоиме и кого ние служиме и тој однос да се негува и развива“, вели Александар Кржаловски од МЦСМ.

Во последниве неколку години, мета на онлајн и офлајн говор на омраза и насилство беа и експертите од самите граѓански организации кои работат во полето на обелодинување, дебанкирање на дезинформациите, странското влијание и манипулацијата со информации, што резултира со дискредитирање на целиот граѓански сектор. Ова, според нив, е јасна тактика на заплашување и обесхрабрување.

„Бранителките и бранителите на човекови права, сè повеќе се ранливи и се изложени на политичко и онлајн насилство, кое најчесто доаѓа од антиродовите актери и нивните политики, кои потоа влијаат врз живењето на сите останати. Една од клучните работи е да се напомене дека ова е и некој вид реакција на прогресот којшто е направен во нашето општество, меѓутоа исто така е и стратешки испланиран напад врз човековите права“, вели Миленковска од Коалиција Маргини.

Пад на довербата во граѓанските организации

Со години граѓанските организации се мета на јавен линч поради својата работа. Најчесто се етикетирани како десничарски или левичарски или пак, странски платеници. Ова етикетирање, оцрнување и ставање во етикетирачкиот кош на стереотипи ја менува перцепцијата кај граѓаните, а со тоа и довербата којашто тие ја имаат во граѓанските организации.

Лани, истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка „Доверба во граѓанското општество 2024“ укажува на извесен пад на довербата во граѓанскиот сектор – индексот во 2024 изнесува 42,9%, што е за 8,2 процентни поени пониско во однос на 2021 година.

Извор: „Доверба во граѓанското општество 2024“ - МЦМС

Истражувањето, исто така, покажува дека негативните перцепции за граѓанските организации во Македонија се должат на повеќе фактори кои со текот на времето го обликуваа јавното мислење. Доминантна е критичката перцепција кон односот меѓу политичките партии и организациите: речиси половина од граѓаните (49,5%) oд граѓаните сметаат дека партиите ги користат ставовите на организациите само кога тоа им одговара, (33,4%) веруваат дека партиите создаваат „свои“ организации за да ги користат како гласноговорници, а само 6,9% сметаат дека партиите искрено ги почитуваат и ги вклучуваат во процесите на одлучување.

Ова враќање на пониски вредности е сигнал кој треба сериозно да се земе предвид, бидејќи довербата е основа за општествената улога на организациите, велат од МЦМС.

Сепак, според нив, важно е да се нагласи дека резултатите не се еднолични: граѓаните високо ја вреднуваат улогата на црквите и верските заедници, а поголема доверба уживаат и неформалните групи и синдикатите. Граѓанските организации со 38,4% доверба се на слично ниво со синдикатите, што покажува дека и понатаму остануваат релевантен и препознатлив чинител.

„Иако евидентираме пораст на скептицизам – со тоа што 60,4% од граѓаните сметаат дека организациите дејствуваат за лични интереси, тоа не треба да се толкува како целосна загуба на доверба. Напротив, овие бројки покажуваат дека јавноста станува сѐ покритична и поосвестена за улогата на организациите. Од наша перспектива, тоа е предизвик, но и можност: граѓанските организации имаат простор да работат транспарентно, отчетно и уште повеќе да ја докажат својата ориентација кон јавниот интерес. Нашата порака е дека довербата може и мора да се гради понатаму преку поголема отвореност и дијалог со заедницата“, појаснуваат од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Системска отпорност и граѓански капацитети

Одговорот на предизвиците коишто ги носат странското мешање и манипулацијата со информации мора и треба да биде системски одржлив и заснован на јакнење на сите општествени актери коишто ја бранат вистината и демократските вредности. Од тој аспект, за граѓанскиот сектор да ја извршува оваа улога ефективно, потребна е посериозна и долгорочна поддршка од државата, не само финансиска, туку и институционална. Вложувањето во граѓанското општество значи вложување во капацитети, обуки и задржување на искусни професионалци кои работат на истражување, едукација и развој на критичко мислење. Без стабилна и поткрепена инфраструктура на граѓански организации, општеството останува ранливо на дезинформации и манипулации што можат да ја насочат јавната перцепција во корист на туѓи интереси.

Според Стојановски, неопходен е сеопфатен пристап на целото општество, а тоа е „заедничко ангажирање на сите општествени чинители за да се работи на соочување на овие ризици коишто влијаат на сите, бидејќи дезинформациите сами по себе се дел од една поширока палета на закани за демократијата коишто влијаат на тоа, не само да се урива довербата на граѓаните во демократските институции, туку практично водат кон распад на општеството и овозможување на поголемо влијание на баш оние странски центри на моќ кои како свој интерес го имаат ставено попречување и на нормалниот живот и на политичкиот живот во земјата, како и на нејзината меѓународна интеграција особено во Европската унија, како и попречување на функционирањето на членството во НАТО“.

Македонија досега се соочи со манипулации за време на референдумот за името, изборните процеси и за енергетската криза, но и со голема антиваксерска кампања

Покрај тоа, неопходна е поголема координација и партнерство меѓу државните институции и граѓанскиот сектор. Заедничкото делување, базирано на доверба и транспарентност, може да обезбеди поефикасни механизми за препознавање и спротивставување на дезинформациите и СММИ, како и за спроведување на јавни политики кои го зајакнуваат медиумскиот интегритет. Но, ваквата соработка нема да биде возможна без вистинска политичка волја која ќе препознае дека борбата против странското влијание не е прашање на идеологија, туку на државен и демократски интерес.

„Од нашето досегашно искуство има институции кои се отворени за соработка, меѓутоа, дури и тие институции, некогаш се под ризик од другите поголеми институции или политички позиции во општеството и се справуваат со доста голем притисок. Ние за жал се наоѓаме во ситуација каде не ни се отворени сите врати, но нашата работа тука не застанува. Ние ќе продолжиме да застапуваме, ќе продолжиме да им се обраќаме на институциите и да сакаме да соработуваме со нив, иако она што го гледаме во моментов е доста загрижувачки, особено од аспект кога станува збор за борбата за родова еднаквост и за унапредување на статусот на маргинализираните групи и квир- лица“ додава Миленковска.

Миленковска: Антиродовите мрежи имаат јасна стратегија, ресурси и меѓународна поддршка

„За жал, во моментов е гледаме соодветно адресирање на антиродовите актери, на антиродовите наративи и на лажните вести кои што ги менуваат политиките надвор од европскиот пат, кој би требало да значи некоја поголема демократизација на нашето општество. Затоа е многу важно ова да го гледаме како некаков повик за тоа која е всушност јасната политичка позиција на нашите институции: Дали заштита на граѓаните или заштита на нивните интереси?“, вели Сара Миленковска, истражувачка и проектна координаторка во Коалиција Маргини.

Како долгорочна стратегија за градење отпорно општество на дезинформации и СММИ, експертите решението го гледаат во вложувањето во медиумската писменост. Искусните демократии веќе ја препознаа медиумската писменост како прва линија на одбрана од дезинформациите, вградувајќи ја во образовните програми и јавните кампањи.

Во борбата против странското мешање и манипулација со информации, Македонија има многу да научи од европските земји кои со години градат системска отпорност кон СММИ. Примерите од ЕУ и НАТО-земјите покажуваат дека успехот не доаѓа преку ад-хок мерки, туку преку јасна визија, политичка волја и континуирано вложување во образованието, медиумите и институционалната координација.

Холандија е еден од најпозитивните примери, земја која не само што ги зајакна сопствените механизми за спротивставување на дезинформации, туку активно помага и во развојот на отпорност во регионот на Западен Балкан. Нивниот модел се темели на поддршка на медиумска слобода, независното новинарство и транспарентна комуникација меѓу институциите и јавноста.

Скандинавските држави, пред сè Финска, докажуваат дека образованието е најсилниот штит против дезинформациите. Преку децениски напори тие создадоа систем кој ја поттикнува критичката мисла и медиумската писменост уште од најрана возраст. Финскиот јавен сервис, на пример, не е само медиум за информирање, туку и алатка за едукација и градење општествена отпорност.

Слично, балтичките земји како Естонија, Летонија и Литванија претставуваат модел на дигитална безбедност и координирана државна стратегија. Тие, иако некогаш подложни на руски влијанија, со јасна ориентација кон ЕУ и НАТО инвестираа во дигитална трансформација, едукација и јавни услуги кои го зајакнуваат поврзувањето меѓу граѓаните и институциите.

На регионално ниво, Словенија и Романија покажуваат како политичката волја и доследното спроведување на законите можат да го ограничат влијанието на странските кампањи. Романија, на пример, со зајакнување на изборните регулативи и дигиталниот надзор спречи сериозно странско мешање во претседателските избори.

Моментално најмалку пет комисии на Собранието имаат мандат да се занимаваат со спречување СММИ, но само Комисијата за одбрана и безбедност покажа интерес за вклучување.

Македонија може и треба да учи од овие искуства така што ќе развива долгорочни политики, ќе инвестира во медиумска писменост и ќе ја поттикне соработката меѓу државата, образовниот систем и граѓанскиот сектор. Бидејќи информираниот, критички настроен граѓанин е најсилниот штит против манипулацијата и странското влијание. Само преку интегриран пристап, финансиска и институционална поддршка на граѓанскиот сектор, вистинска политичка волја и вложување во образование и медиумска писменост, државата може да изгради трајна отпорност кон дезинформациите, странското мешање и манипулацијата со информации и да ја заштити сопствената демократска иднина.

Оваа содржина и изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Бјанка Станковиќ

Снимател:: Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Поврзани стории

Малцински мостови кон матичната држава: Тенка е линијата помеѓу помош и политичко влијание

Од Рамковен до Преспански: Како надворешното влијание ја менува локалната перцепција

Дали порталите од странство повторно ќе оживеат во предизборието?

Македонската реалност наспроти европските стандарди: Изборите како тест за сајбер – безбедноста

Дали Македонија сѐ уште е изложена на политички „провев“ од север?

Европските пари помагаат, но и го (ре)моделираат регионот

На манипулациите со информации во предизборие им се брзи нозете

Отворена институционална дебата за справување со странско влијание и манипулирање со информации

Без закон за сајбер-безбедност државните институции се ранливи на дигитални закани