fbpx

По сторијата на Само прашај: Обвинителството повикува сведоци за случајот со спортските ваучери

Обвинителството повикува сведоци
  • Само прашај на 16 ноември објави сторија во која претставници на клубови гoвореа за сопствените искуства, а директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски потврди дека и кај нив пристигнале жалби по што тие ги пријавиле.
  • Обвинителката која го води случајот Лидија Раичевиќ за Само прашај вели дека двајца директори на Агенцијата за млади и спорт како и претседатели на централните комисии за доделување на ваучерите се дел од предметот.
  • Собраните материјални докази потврдиле висок степен на сомненија за направени кривични дела и затоа обвинителката побарала да се направи вештачење по што ќе се квалификуваат евентуалните дела.

Во Основното јавно обвинителство веќе осум месеци трае предистрагата за злоупотреба на ваучер-системот за финансирање на спортските клубови и федерации. Случајот е покренат на инцијатива на Државната комисија за спречување корупција.

Двајца директори на Агенцијата за млади и спорт како и претседатели на централните комисии за доделување на ваучерите се дел од предметот потврдува за „Само прашај“ обвинителката која го води случајот Лидија Раичевиќ.

„Предметот оформен по пријава од ДКСК против двајца директори на Агенција за млади и спорт, претседатели на централни комисии за евалуација на ваучери е во фаза на интезивно собирање докази од материјална природа“, ни рече обвинителката.

Предистрагата е во напредна фаза. Собраните материјални докази потврдиле висок степен на сомненија за направени кривични дела и затоа обвинителката побарала да се направи вештачење. Во зависност од резултатот од вештачењето ќе бидат квалфикувани и делата за евентуалните осомничени.

Обвинителството повикува сведоци. Фотографија од обвинителката Лидија Раичевиќ како дава изјава за медиумите
Обвинителката Лидија Раиќевиќ потврди дека по новинарски текс се повикуваат сведоци за предметот (Извор: МИА)
 

„Преземени се бројни дејствија за собирање докази до степен на основи на сомнение од Влада на РСМ,Управа за приходи, Државниот завод за ревизија, документација од  АМС и по добиен висок степен на сомненија за сторени кривични дела издадена е наредба за изготвување на вешт наод и мислење. Квалификациите на делата и одлуката на јавниот обвинител ќе биде донесена по завршувањето на вештачењето“, вели Раичевиќ.

Антикорупциската комисија го покрена случајот пред сè за незаконска распределба на ваучерите, но во системот се појави и вториот проблематичен аспект.  Процентот или парите кои им ги барале фирмите на клубовите за реализација на ваучерот. Ова е долго време јавна тајна во спортските кругови, но многу ретко јавно се зборува.

„Непочитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер-системот, постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало“, објаснија од ДКСК во февруари кога го објавија случајот.   

Допрва ќе се утврдуваат делата и евентуалните осомничени

Само прашај на 16 ноември објави сторија во која претставници на клубови гвореа за сопствените искуства, а директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски потврди дека и кај нив пристигнале жалби по што тие ги пријавиле. Од Финансиската полиција, пак, ни потврдија дека го истражуваат случајот

„Во една година имаа доволно време да размислат, да сфатат дека тоа им е уште еден начин да избегнат данок, но и да си остварат заработка на штета на спортските клубови. И повторно во ова општество спортските клубови се најдоа на маргините. Затоа што последната година, процентот од ваучерот кој што јас уште го немам реализирано од тие причини, на оние ‘процент - посредувачи’ достигна и до 50 отсто. Значи, 50 отсто за клубот, 50 отсто за фирмата. Грабеж односно мито, корупција, сè она најлошто што може да се случи во едно општество, се содржеше во тие 50 проценти. Јас можам со имиња, места, датуми да посочам кои се луѓето коишто барале, кои се луѓето коишто земале. Меѓутоа, без конкретен доказ, шетата ќе биде на моја страна. Се одважив, решив, дека следниот кој што ќе побара ќе го кажам. Меѓутоа, овој пат, на последниот ваучер, тоа ми се случи после добивањето на средствата. Значи, го добиваш средствата и ликови, корупирани, во лик на адвокати, во лик на нотар и слични за мене, да реча, мито-мафија, ти се обраќаат по реализација на вуачерот. Буквално лихварски. Јас, пред две години, на една трибина во Управата за јавни приходи,  кажав што се се случува, заедно со претставници од други клубови, не само од ракомет, други спортски клубови. Јавно го кажав овој проблем. Меѓутоа бавно оди промената. Еве, се надевам, со радост ја дочекав, дека ќе се смени нешто наредната година. Дека нема да има јаз за спортистите и дека тоа би функционирало онака како што беше замислено на почеток“, ни изјави во ноември Зорица Блажевска, претседателката на РК „Металург“.

Практично, одредена фирма се согласува да го реализира ваучерот под услов, дел од парите да ги добие назад. Токму затоа истрага има и во во Управата за финансика полиција.

„ Управата за финансиска полиција презема мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност, а согласно член 12 од Законот за финансиска полиција. Имајќи предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на правни и физички лица, Управата за финансиска полиција доставува соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител“, беше одговорот за Само прашај од Управата за финансиска полиција.

Обвинителката Раичевиќ потврдува дека по објавен новинарски текст се повикани сведоци, но потврдува и дека во предистрагата се исптуваат и други наводи кои не се дел од пријавата на ДКСК.

Сослушани се сведоци по новинарски напис и постојано самоиницијативно се пријавуваат да сведочат лица кои имаат познавања од систем ваучери. Сите аспекти  за сторени кривични дела и надвор од пријавените се предмет на активна јавнообвинителска опсервација“, ни изјави Раичевиќ.

Антикорупциската комисија покрај барањето за кривично гонење побара и Владата да го разреши Наумче Мојсовски од директорската позиција во АМС. Владата не го направи тоа, а Мојсовски возврати со тужба против ДКСК. Тој тврди дека обвиненијата против него се резултат на спрега меѓу претседателката на Антикорупциска и поранешен вработен во Агенцијата.

„Во овие моменти сме пред судови. Јас и ги тужев Антикорупциска. Се работи за блиски спреги на луѓе кои беа прво тука, па ги отстранивме од спортот со луѓе кои беа поврзани со ДЗР. Јас побарав, имам и докази, дека побарав кога дојдов да се направи ревизија од Државниот завод за ревизија, ми кажаа дека нема место, не си предвиден за две-три години следни. Како најдоа за другата година одма да направат ревизија. Чекаа да направам јас една година работење и одма првата година мене да ми направат ревизија. И само на една година, а по закон ДЖР треба да прави еднаш на три години, кај нас не беа дојдени од 2015. И требаше 2018/2019 да дојдет редовно, не дошле не бев јас тука.  И се останато поврзано за поранешната потпреседателка на Државен завод за ревизија сега претседателка на Антикорупциска заедно со поранешен вработен овде во АСМ кој ги тероризраше федерациите наназад 30 години, почна некој случај за мене во кој не знаеа што, како. Па се земале пари кај Рамстор, фирмите земале, што има Агенцијата тука?  Како може да излегуваат јавно по медиуми да кажуваат само сегашниот директор, а ништо не е поинакво во одност на претходниот директор, а и ниту пак во однос на претседателите на комисиите. Ние не ја правиме комисијата, Владата ја прави и е формирана и од надворешни членови“, вели Мојсовски, за Само прашај.

По сите скандали поврзани во ваучерите, по пет годнини од функционирањето на системот, Владата реши да го промени начинот на доделување. Според новиот систем, федерациите, клубовите и спортистите парите одредени со ваучерот ќе ги добиваат директно преку Генералниот секретарјат. Има промени и во критериумите, не и во Комисијата која ги евалуира апликаците за ваучерите. Дополнителна финансиска контрола ќе биде воведена преку Комисија која ќе ја формира вицепремиерот за економски прашња.

Во 2023 година ваучери добиле 602 клуба, 45 федерации и 284 индивидуални спортисти

Но, за Антикорупциска е спорен и овој елемент на формирање на комисиите. Забелешката е дека членовите на Централната комисија на Агенцијата за млади и спорт се именуваат по предлог на Владата, без утврдени критериуми за нивниот избор.

Ваучер-системот беше замислен како начин за финасирање на спортот кој ќе спречи перење пари, корупција и злупотреба на буџетските средства наменети за финасирање на спортот. Спортивно на идејата, предизвика серија проблеми и недоследности кои резултираа со крвични пријави и истраги на неколку институции и комплетно незадоволство од оние за кои беше наменет.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски

Снимател: Иван Поповиќ

Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ