fbpx

Сè што треба да знаете за боледувањето и исплатата на надоместок на плата

Осигуреното лице има право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда, како и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, под услов ако се работи за осигурено лице кое има засновано постојан работен однос.

КОГА ОСИГУРЕНИЦИТЕ МОЖАТ ДА ОСТВАРАТ ПРАВО НА НАДОМЕСТОК НА ПЛАТА?

Осигурениците можат да остварат право на надоместок на плата ако се исполнети следните услови:

  • Ако здравственото осигурување по основ на работен однос траело непрекинато најмалку шест месеци пред настапување на случајот, поради кое се стекнува правото;
  • Придонесот  за задолжително здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со задоцнување од најмногу 60 дена,
  • Оценката за привремена спреченост од работа да ја дал избраниот лекар односно лекарската комисија на Фондот.

Правото на надоместок на плата на товар на Фондот се остварува врз основа на поднесено барање  за привремена спреченост за работа поради болест и повреда или барање за привремена спреченост за работа поради бременост и раѓање. Боледувањето за првите 30 дена спреченост за работа го утврдува и исплатува работодавачот од своите средства, а над 30 дена е на товар на средствата на задолжителното здравствено осигурување. Надоместокот на плата го утврдува и исплатува Фондот за здравствено осигурување.

Од првиот ден на спреченост за работа, боледувањето се исплатува од средствата на Фондот ако се работи за нега на болно дете до тригодишна возраст, доброволно давање на крв, ткиво или орган и во случај на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство.

УСЛОВИ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА НАДОМЕСТОК НА ПЛАТА

Работодавачот е должен да му исплати надоместок на платата на работникот во случаите на отсутност од работа поради користење на годишниот одмор, платениот вонреден одмор, дообразување, со закон определени празници и за слободните денови и во случаите кога работникот не работи од причини на страна на работодавачот.

Надоместок на платата се исплаќа и во случаите на неспособност на работникот за работа поради негова болест или повреди до 30 дена, а над 30 дена се исплаќа на товар на здравственото осигурување. Во случај на отворање на ново боледување во рок од три дена од престанокот на претходното боледување, работодавачот има право да побара од првостепената лекарска комисија да го потврди новото боледување или да го продолжи прекратеното старо боледување.

Во случај на неспособност на работникот за работа поради повреди настанати заради необезбедување на мерките за безбедност и здравје при работа од страна на работодавачот, работодавачот исплаќа надоместок на плата и над 30 дена, врз основа на записник од органот на државната управа надлежен за работите од областа на инспекцијата на трудот.  А пак во случај на прекин на работниот процес од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му издаде решение и да му плати 70% од платата за период до три месеца во тековната година.

КОГА БОЛЕДУВАЊЕТО Е 100% ПЛАТЕНО?

Надоместокот на плата за време на привремена спреченост за работа поради повреда на работа, за време на давање на органи, ткиво или крв, како и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата. Во сите останати случаи надоместокот на плата на товар на средствата на Фондот изнесува 85% од утврдената основица.

Исто така, за повреда стекната на работно место боледувањето се исплаќа 100% со тоа што до 30 дена го утврдува и исплаќа работодавачот, а над 30 дена го исплаќа Фондот за здравство. Кога осигурениците поднесуваат барање за исплата на ваков вид боледувања покрај медицинската доставуваат и друга документација и записник од Државниот инспекторат за труд со коишто се утврдува дали работодавачот ги исполнил мерките за безбедност и здравје при работа. Доколку се констатира дека се исполнети условите, надоместокот на плата го исплаќа до еден месец работодавачот. После 30 дена ако сè уште трае боледувањето го исплаќа Фондот. Ако Државниот инспекторат за труд утврди дека не се обезбедени мерките за безбедност тогаш од првиот ден, па се додека трае боледувањето го исплаќа работодавачот.

КАКО СЕ ПРЕСМЕТУВА НАДОМЕСТОКОТ ЗА БОЛЕДУВАЊЕТО ВО ТРАЕЊЕ ОД 7 И 15 ДЕНА?

Основицата во Фондот се пресметува со тоа што се собираат сите нето плати остварени во 12 месеци на кои е платен придонесот и се дели со вкупниот број на нето часови за тие 12 месеци. Вака добиената основа се множи со 173 (просек на часови на годишно ниво) и се добива исплата за еден месец. Додека пак, за месеците каде што започнува или завршува боледувањето се множи основицата со можниот број на работни часови. Оваа пресметка е за боледување преку ФЗО, додека во првите 30 дена надоместокот на плата е секако на товар на работодавачот.

КАКО СЕ ОПРЕДЕЛУВА ВИСИНАТА НА НАДОМЕСТОКОТ ЗА БОЛЕДУВАЊЕ СПОРЕД ПРАВИЛНИКОТ?

Според правилникот висина на надоместокот за боледување изнесува 70% од основицата на платата, но за одредени болести има исклучок.

Тип/Поттип на боледување На товар на Фондот Процент
Болест, повреда или нега
Болест и повреда надвор од Работа После 30 дена на товар на ФЗО 70%
Болест и медицинско лекување После 30 дена на товар на ФЗО 70%
Малигни заболувања После 30 дена на товар на ФЗО 85%
Патолошка бременост После 30 дена на товар на ФЗО 70%
Повреда на работа и професионална болест После 30 дена на товар на ФЗО 100%
Негување на болно дете до три годишна возраст После 30 дена на товар на ФЗО 70%
Негување на член на потесно семејство над три годишна возраст, најмногу до 30 дена После 30 дена на товар на ФЗО 70%
ДАЛИ СМЕАТ ДА МЕ ОТПУШТАТ ДОДЕКА СУМ НА БОЛЕДУВАЊЕ?

Отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма и работодавачот мора да му го врачи на работникот. Ако работодавачот не му врачи писмено известување за отказ на работникот му се ускратува правото на приговор против одлуката за откажување на договорот за вработување заради што работникот може да поднесе претставка до Државниот инспекторат за труд заради утврдување на фактичката состојба и евентуални неоравилности од страна на инспекцискиот орган. Задолжителна обврска на вработеното лице е да го најави отсуството на својот претпоставен во рок од 48 часа и тоа да го поткрепи со документ од медицинска установа.

ДАЛИ НА ЛИЦЕ ПРИЈАВЕНО СО СКРАТЕНО РАБОТНО ВРЕМЕ МУ СЛЕДУВА БОЛЕДУВАЊЕ?

Постојните законски прописи даваат можност за склучување договори со полно и скратено работно време. Во случај на спреченост на работа поради болест или повреда на работното место, врз основа на лекарски наод, право да користи боледување има и работникот со скратено работно време.

ДАЛИ АКО СУМ НА БОЛЕДУВАЊЕ РАБОТОДАВАЧОТ МОЖЕ ДА МИ ЈА НАМАЛИ ПЛАТАТА И ДА МИ ЗЕМЕ ДЕНОВИ ОД ОДМОР?

Работникот може да отсуствува од работа поради повреда или болест. Ова е различно од правото на работникот на платен годишен одмор. Работодавачот не може да му ги засметува на работникот оние денови кога тој бил на боледување како денови од годишен одмор. За целото време додека е на боледување работникот има право на надоместок на плата и тоа во висина од 70 проценти на основицата додека е на боледување до 15 дена или 90 проценти од основицата доколку е на боледување над 15 дена.

КРИТЕРИМИ ЗА ДИЈАГНОСТИЧКИТЕ ПОСТАПКИ ЗА ПРИВРЕМЕНАТА СПРЕЧЕНОСТ ОД РАБОТА

За остварување на привремената спреченост за работа поради болест и повреда основ на критериумите е една шифра од МКБ-10 односно од Меѓународната класификација на болестите и на сродните здравствени проблеми. Избраниот лекар за групите на МКБ-10 за кои нема дефинирани критериуми, дава мислење за привремена спреченост за работа врз основа на усвоени доктринарни ставови согласно медицина базирана на докази. За продолжување на боледувањето до 15 дена потребно е да се направат предвидените дијагностички постапки и преглед од специјалист во согласност со критериумите за соодветната дијагноза без кои не може да се продолжи боледувањето.

Доколку лекувањето не е завршено и сè уште постојат медицински индикации за продолжување на привремената спреченост за работа, истата се продолжува по проценка на првостепените лекарските комисии на Фондот. За привремена спреченост за работа над 60 дена, првостепената лекарска комисија одлучува врз основа на конзилијарно мислење издадено од 3 специјалисти или субспецијалисти од болница или универзитетска клиника. Кога е определен рокот за времетраење на спреченоста за работа таа не се прекинува ако постои објективна спреченост за работа на осигуреникот, но најдоцна до 12 месеци, односно до упатувањето до надлежниот орган за утврдување на работна способност, според прописите за пензиско и инвалидско осигурување.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НАДОМЕСТОК НА ПЛАТА

Правото на надоместок на плата на товар на Фондот се остварува врз основа на поднесено барање за привремена спреченост за работа поради болест и повреда односно барање за привремена спреченост за работа поради бременост и раѓање.

Кон барањето за надоместок на плата поради болест и повреда, се поднесуваат следните документи:

  • Копија од М1/М2 - пријава и договор за работа во копија, ако од пријавата М1/М2 не може да се утврди видот на работниот однос;
  • Извештај за привремена спреченост за работа - ИСР од избран лекар;
  • Наод, оценка и мислење од лекарската комисија;
  • Отпусно писмо за болничко лекување;
  • Потврда за висината на исплатената нето плата на осигуреникот - образец НП -1;
  • Платни списоци на увид, со копија од декларацијата од УЈП и извод за исплатена плата,
  • Изјава заверена на нотар за жиро сметките на правното лице и копија од изводи на жиро сметки (за правно лице со еден вработен).

Додека пак, кон барањето за надоместок на плата поради бременост и раѓање, се поднесуваат следните документи:

  • Копија од М1/М2 - пријава и договор за работа, ако од пријавата М1/М2 не може да се утврди видот на работниот однос;
  • Извештај за привремена спреченост за работа - образец - ИСР од избран лекар;
  • Потврда за висината на исплатената нето плата на осигуреникот - образец - НП - 1;
  • Извод од книгата на родените за детето (копија);
  • Решение за адаптација - посвојување од Центар за социјални работи за посвоено дете;
  • Платни списоци (исплатни листи) на увид, со копија од декларацијата од УЈП и извод за исплатена плата,

Изјава заверена на нотар за жиро сметките на правното лице и копија од изводи на жиро сметки (за правно лице со еден вработен).

Новинарка: Сунчица Николоска