fbpx

Што е разликата помеѓу партиципација и доплата за лековите што се подигнуваат во аптеките на товар на Фондот за здравствено осигурување?

Одговара Кристина Христова од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

Партиципацијата е задолжителна согласно закон и ја плаќаат осигурениците коишто подигнуваат лекови на рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување, во аптеките со коишто Фондот има склучено договор. Партиципацијата е утврдена со одлука на ФЗОРСМ и се однесува не само на цената на чинење на лекот туку се однесува и на фармацевтската услуга којашто аптеките се должни да ја дадат на нашите осигуреници со цел да се заштити и зачува нивното здравје. Од друга страна, доплатата на лековите се однесува на цените на лекови коишто се познати во јавноста како единствени цени на лекови бидејќи се знае дека во нашата држава согласно Законот за лекови во секоја аптека, секој еден лек треба да има една загарантирана цена.

Од друга страна, тука се референтните цени на лекови односно надоместоците коишто Фондот ги плаќа по одреден лек, со таа разлика што референтните цени се утврдуваат според составот на лекот, според генеричкото име на лекот со одредена фармацевтска дозажна форма и јачина, без да се апострофира кој е производителот на лекот. Значи Фондот плаќа еден износ за секој еден лек од позитивната листа. Разликата помеѓу цената на лекот којашто е препознаена во јавноста како единствена цена и разликата во износот на надоместокот што го плаќа Фондот во форма на референтна цена на лек се вика дека е доплата за одреден лек.

Важно е да се напомене дека постојат лекови коишто се без доплата. Тоа значи дека постојат одредени лекови, па и групи на лекови за коишто осигурениците немаат обврска да плаќаат никаква доплата на сметка на разликата во цената. Во оваа прилика би сакале да апелираме, од причина што ова е многу важно и за самите осигуреници и за заштита на нивните финансиски средства, при влез во аптека кога бараат услуга и имаат потреба да подигнат лек на товар на Фондот врз основа на рецепт, да побараат информации секако доколку фармацевтите самите не им го предочат тоа. Значи осигурениците да се заинтересираат и да побараат информации кои лекови можат да ги подигнат без доплата во аптеките.