Трагедија со длабоки последици: И на здравствените работници им треба помош

  • Пожарот во кочанската дискотека одзеде 59 животи и остави над 200 млади со тешки повреди, оставајќи „жива рана“ врз градот и целата држава.
  • 26 матични лекари се грижат за 31.600 жители, кои покрај редовните обрски работат дополнителни смени во Брзата помош, а дел од нив се и лично погодени од трагедијата.
  • Голем број боледувања ќе треба да се издаваат и оправдуваат пред надлежните, што создава дополнителен административен притисок врз лекарите.
  • Покрај жртвите и нивните семејства, психолошка поддршка им е неопходна и на здравствените работници, кои се соочуваат со сериозни трауми.
  • Фелата предлага итен план за матичните лекари и болницата во Кочани, кои се преоптоварени од трагичниот настан и последиците од тоа.

Итен протокол за работа од здравствените власти е потребен за матичните лекари и болницата во Кочани. 26 матични лекари, дел од нив и лично погодени од трагедијата треба да се грижат за 31.600 жители во општината. Исто е и со кадарот во болницата и најистуреното одделение Итната медицинска помош, кој е десеткуван поради загуба и трауми. Матичните лекари уште во првите часови на пожарот во дискотеката „Пулс“ се одѕвале на колегите во болницата.

Потоа направиле список и два тима од лекар и сестра дежураат по 4 часа во Брзата помош, но истовремено го запазуваат осумчасовните смени во матичните амбуланти.

Освен да се издржи прекувремената работа, предизвик ќе бидат и енормниот број на боледувања кои ќе се издаваат и ќе треба да се правдаат пред надлежните, вели докторката Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на здружението на приватни матични лекари.

Д-р Лилија Чолакова- Дервишова: Фелата предлага итен план за матичните лекари и болницата во Кочани, кои се преоптоварени од трагичниот настан и последиците од тоа.

Проблемот со којшто ќе се соочат моите матични лекари е да не може некој да го запази тој критериум до седум дена или да можеме да дадеме боледувања без ништо. Веќе треба крвни слики, анализи, над 15-от ден мора на некој да оди на Комисија, да однесе документ, па Комисијата да одлучува. Така што мислам дека кога цели семејства се преселени, матичните се плашат дека нема да можат да го одржат и да го испочитуваат тој критериум. Се надевам дека Фондот тука не се само за тие пациенти од Кочани има и од другите гратчиња и од Скопје, и од секаде има луѓе коишто биле на тој настан, ќе најде разбирање за премостување на ваквиот проблем“, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова.

Матичните лекари безрезервно ја даваат својата помош и се веќе „прегорени“, од прифаќањето на повредените  и починатите, а потоа и од масовното погребување. Затоа бараат од надлежните посебна стратегија за оваа состојба.

И на лекарите им треба психолошка помош

Тина Васков, невропсихолог со тридецениско работно искуство, укажува дека освен на семејствата на настраданите, на повредените, ќе треба да им се помогне и на здравствените работници, иако се професионалци, тие се луѓе. За смртта на возачот од Итната медицинска помош вели сцените што ги гледал го скршиле.

Тина Васков: Освен на семејствата на настраданите, на повредените, ќе треба да им се помогне и на здравствените работници

Јас што од одредена временска растојание слушам од моите клиенти, слушам за мирисите што ги доживувале, слушам за телата јагленосани што ги гледале, слушам кој како се спасил, сведоштва од викање, од пискотници, тоа едноставно влијае врз стручните лица, медицинскиот персонал, за нив треба исто така посебна форма на грижа, за нивното ментално здравје. Знаете како, најлесно е да се каже ја одбрале таа професија. Да, сме ја одбрале, ние не бегаме од професијата, тој човек ја одбрал таа професија, чесно ја работел, меѓутоа треба да им се помогне на овие луѓе да можат да издржат. Ние што сме психолози верувам дека и моите колеги, добар дел од нас имаме свои психолози, па во ситуации кога сме преплавени, свесни сме имаме увид, па си бараме поддршка од нашите колеги, но не сум сигурна дека тоа го прави една медицинска сестра или анестезиологот или сите оние што се изложени на извонредно трауматични сцени“, вели Васков.

Сме имале и други несреќи, но никогаш вака концентриран удар на едно место.

„Кога и да чепнете тоа боли како жива рана“, вели таа.

Сме имале и други несреќи, но никогаш вака концентриран удар на едно место

А жива рана оставија 59 загинати млади, над 200 повредени кои во саботата на 15 март решиле да излезат со своите другари, да се забавуваат, да се радуваат на животот, сè до кобниот момент, два и пол часа по полноќ кога се запалил покривот на кобната дискотека „Пулс“ во Кочани и огнот ги уби и повреди децата, и на момент го запре пулсирањето на една цела држава.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски

Снимател: Слаѓан Милошевски

Монтажа: Давид Милошевски

Поврзани стории:

Огнот отвори голема рана – Македонија е единствена држава која нема Центар за изгореници

Општински центар три години без матичен лекар

Болниците остануваат без кадар, а триста лекари чекаат вработување подолго од една година

Миграцискиот ураган на Балканот ја однесе работната сила, се увезуваат странци

Македонските здравствени работници го открија „Елдорадо“