fbpx

До кога треба да се исплати К-15?

K-15 - до кога треба да се исплати?

Рокот тече, работниците чекаат К-15. До крајот на декември на сметките треба да им легне регресот за годишен одмор. Износот е различен секоја година и зависи од движењето на просечната нето плата во државава. Правото на К-15 е воспоставено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, а од годинава регрес за годишен одмор ќе добијат и сите вработени во јавниот сектор.

Кој услов треба да го исполнува работникот за да му следува К-15?

Работниците од приватниот сектор имаат право на К-15 ако работеле кај ист работодавач најмалку шест месеци во текот на календарската година.

Право на регрес за годишен одмор имаат и лицата што се стекнуваат со пензија во моментот кога фирмата исплаќа К-15, но и бремените работнички кои го исполнуваат условот од најмалку шест месеци работен стаж во календарска година кај ист работодавач. Ако работникот работел од 1 јануари до 30 јуни истата година исто така се стекнува со право за регрес за годишен одмор. Исклучок има ако вработените немаат шест месеци непрекинат работен однос во календарската година кај истиот работодавач.

Годинава и јавниот сектор ќе добие К-15

Годинава и наставниците и администрацијата ќе добијат 13-та плата во висина од 10.000 денари. Од следната година, регресот за годишен одмор ќе биде 30% од просечната плата. Правото за регрес за годишен одмор за првпат, по 23 години, во секторот образование беше обезбедено преку Општиот колективен договор за јавниот сектор, кој го изготви и го потпиша ССМ.

До крајот на декември, К-15 ќе добијат и сите јавни институции, организации, установи, јавни претпријатија, а најбројни се полицијата, здравството, образованието, судството, културата.

Колкав износ на К-15 ќе им се исплати на работниците на крајот на 2023 година?

Со растот на просечната плата во Македонија, порасна и минималниот износ за К-15. Според новите пресметки годинава мининалниот К-15 изнесува најмалку 14 илјади денари. Бројката се добива кога ќе се земат предвид последните просечни месечни плати што ги објавил Државниот завод за статистика и кога од нив ќе се пресмета правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти. Износот може да варира во зависност од тоа во кој месец се исплаќа К-15 и колкав е тримесечниот просек.

Правото на К-15 е предвидено во одредбите на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Кај компаниите кај кои поради економската ситуација настанале тешкотии во работењето, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативниот синдикат може да се утврди К-15 во помал износ од утврдениот со колективниот договор. Регрес за годишен одмор во поголем износ може да се утврди со негово нормирање во рамки на колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач.

Новоформираните фирми не се ослободени од исплаќање К-15.

До кога работодавците треба да исплатат К-15?

Крајниот рок за исплата на регресот е 31 декември, а компаниите добиваат зелено светло за исполнување на обврската уште на 1 јули. Единствениот услов за работникот да добие К-15 е да биде најмалку 6 месеци вработен во фирмата. Некои од компаниите им исплатија К-15 на вработените уште во текот на летото, но голем дел го чекаат последниот воз. Со доаѓањето на крајот на календарската година, така се стеснува рокот.

 Казни за работодавачите што нема да исплатат к-15

Работниците на кои нема да им биде исплатен К-15 можат да пријават во Државниот инспекторат за труд, или пак да поведат судска постапка за заштита на своите права.

Казните за неисплатен К-15 се високи, стигнуваат и до неколку илјади евра. За неисполнување на обврската е предвидена глоба до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице. Предвидена е и казна затвор од една година за работодавците кои си поигруваат со исплатата на регресот за годишен одмор односно им префрлаат пари на трансакциска сметка на работниците, а потоа бараат делумно или целосно да им ги вратат.

Новинарка: Сунчица Николовска