Одговара Емилија Гиноска од Агенцијата за заштита на личните податоци.
Заштитни мерки кои граѓаните може да ги преземат кога станува збор за злоупотреба на личните податоци при измами од видот на земање на брзи кредити се: чувајте ги на безбедно вашите документи како што е личната карта, пасошот, возачката дозвола, изводите од банка, сметките за комунални услуги или сметки за трансакции со кредитни картички. Не објавувајте на интернет фотографии со ваши или туѓи документи коишто имаат лични податоци, особено на социјалните мрежи. Исечете ги и уништете ги вашите стари документи коишто содржат податоци како вашето име и презиме, адреса и друго, за понатаму да не може никој да ги преземе. Следете го вашиот кредитен извештај и редовно проверувајте ја вашата кредитна картичка и банкарските изводи за сомнителна активност. Кога ќе се преселите од домот контактирајте ја вашата банка, вашиот мобилен оператор, ТВ-оператор, давател на комунални услуги, вашиот лекар, стоматолог и дајте им ја вашата нова адреса. Не е пожелно новите станари да добиваат пошта којашто ги содржи вашите лични податоци. И запомнете – колку помалку давате и споделувате лични податоци, толку помал е ризикот тие да бидат преземени и понатаму да паднат во погрешни раце. Доколку некое лице смета дека му се злоупотребени личните податоци од страна на финансиско друштво при процесот на вадење на брз кредит во тој случај лицето може да поднесе барање до Агенцијата за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци и тоа во електронска форма или директно во нашите простории. Во тие случаи Агенцијата исто така ги советува граѓаните да поднесат и кривична пријава за сторено кривично дело – Злоупотреба на личните податоци. Доколку се бара да биде откриен сторител, Агенцијата согласно закон не е надлежна за откривање на непознат сторител и во тој случај предметот се препраќа до надлежното Министерство за внатрешни работи.