Правото на семејна пензија им припаѓа првенствено на брачниот другар и на децата на починатиот осигуреник или корисник на пензија. Родителите, посвоителите, внучињата и другите деца без родители кои ги издржувал осигуреникот имаат право на семејна пензија ако тој немал членови на потесното семејство. Семејна пензија може да оствари и брачниот другар од разведен брак, ако со судска одлука му е утврдено право на издржување.
Посебни и општи услови за остварување на правото семејна пензија
Во поглед на условите кои e потребнo да бидат исполнети за членовите на семејството да го стекнат правото на семејна пензија се слeдните: ако починатиот осигуреник наполнил најмалку пет години стаж на осигурување или најмалку десет години пензиски стаж или ги исполнил условите за старосна или инвалидска пензија, или бил корисник на старосна или инвалидска пензија. Во случај ако смртта настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината нa пензискиот стаж на осигуреникот.
Должината на работниот стаж влијае на висината на пензијата. Колку поголем стаж имал осигуреникот, толку повисок ќе биде износот на семејната пензија.
Кога вдовецот/вдовицата може да добие семејна пензија?
Вдовецот/вдовицата стекнува право на семејна пензија, ако до смртта на брачниот другар наполнила 50 години. Ако во моментот на смртта на брачниот другар е на 45 годишна возраст го задржува правото да се стекне со семејна пензија на возраст од 50 години. Доколку има деца или врши родителска должност тогаш тој/таа ќе го користи правото на семејна пензија без разлика на возраста. Доколку тоа право го користи до 45 години, а потоа децата престануваат со школување и тогаш завршува родителската должност - и во тој случај жената/мажот на педесет години старост ќе има право на семејна пензија.
Вдовецот/вдовицата кој го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.
Право на семејна пензија стекнува и вдовица кога:
- детето на осигуреникот е родено по неговата смрт;
- кај која постоела бременост на денот на смртта на осигуреникот, со тоа што семејната пензија до раѓањето на детето се определува за еден член на семејството,
- како и во случаевите ако детето е мртвородено или ако умре пред навршувањето на 45 дена живот, на вдовицата и припаѓа семејна пензија до истекот на 45 дена по породувањето.
Вонбрачната заедница не е основ за признавање на правото на семејна пензија. Право на семејна пензија има брачен другар и разведен брачен другар доколку со судска одлука му е дадена задршка од корисникот или од осигуреникот.
Кога дете стекнува право на семејна пензија?
Дете стекнува право на семејна пензија до наполнети 15 години, а ако е на школување до наполнети 26 години. Ако школувањето е прекинато поради болест, право на семејна пензија може да се стекне и за време на боледувањето до наполнети 26 години, како и над тие години, но најмногу за толку време колку што е изгубено од редовното школување поради болест. На детето кое го прекинало школувањето заради отслужување на воен рок семејната пензија му се исплатува и за тоа време. Ако детето стане неспособно за работа трајно гозадржува правото на семејна пензија. Детето – инвалид има право на семејна пензија по престанокот на работниот однос.
Како се определува висината на семејната пензија?
Семејната пензија се определува од пензијата што на осигуреникот му припаѓала во часот на смртта. Висината се определува во процент од основата што ја сочинуваат старосната или инвалидската пензија и тоа 70% за еден член на семејството, а за секој нареден уште по 10%, но не повеќе од 100% од основицата. На децата без двајца родители, смејната пензија остварена по едниот родител им се зголемува за дел од пензијата што ја користел или што би ја користел другиот родител, и тоаз а:
- две деца, 20%,
- три деца, 30% и
- четири или повеќе деца, 40%.
Кога семејната пензија ја користат тројца или повеќе членови на семејството, висината на пензијата не може да изнесува помалку од 40% од пензиската основица на умрениот осигуреник.
Дали следува семејна пензија ако починатото лице не е во пензија?
Ако починатиот осигуреник немал навршени 62 или 64 години старост, а има доволно стаж согласно законот, семејната пензија се изведува од инвалидската, затоа што смртта се смета за инвалидност. Со неа се додава и 20 проценти додаток на инвалидност.
Како основица за определување семејна пензија од осигуреник кој има пензиски стаж помалку од 15 години, а не ги исполнува условите за инвалидска пензија, се зема старосната пензија пресметана за пензиски стаж од 15 години.
Потребни документи за поднесување барање за семејна пензија
Постапката за остварување право на семејна пензија се поведува по барање на член на семејството од починатиот осигуреник. Потребно е да се прибави потребната документација:
- работна книшка и докази за пензискиот стаж што не е упишан во работната книшка ако правото на семејна пензија се остварува по смртта на активен осигуреник;
- извод од матичната книга на родените со впишан матичен број за сите членови за семејството за кои се бара признавање право на семејна пензија;
- извод од матичната книга на венчаните за вдовицата/вдовецот за кого се бара признавање право на семејна пензија;
- извод од матичната книга на умрените и пријава за несреќа на работа ако смртта настапила по повреда на работа;
- доказ за редовно школување на децата постари од 15 години за кои се бара признавање право на семејна пензија;
- медицинска докумантација за членовите на семејството за кои се бара признавање право на семејна пензија по основа на неспособност за работа,
- докази за посвојување, за заедничко домаќинство, за имотната состојба на домаќинството, за издржување, за служење на воениот рок.
Барањето се поднесува до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување со пополнување на формулар.